Евростат вчера објави дека во 2025. година 16,3% од жителите на Европската Унија на возраст од 18 години нагоре живееле со дебелина. Во домашните објави Македонија се споредува со стапка од 15,4%, но тука има важна разлика: македонскиот податок што се цитира е од 2022. година, па заклучокот дека Македонците денес се „послаби од Европејците“ е попривлечен како наслов отколку како прецизна статистичка споредба.
Новите европски бројки сепак покажуваат нешто многу поголемо од мала разлика меѓу Македонија и просекот на ЕУ. Повеќе од половина од возрасните во Унијата се над границата на нормална телесна тежина, а дебелината одамна не се разгледува само како прашање на изглед, лична дисциплина или избор на храна. Светската здравствена организација ја определува како хронична, комплексна болест врз која влијаат повеќе биолошки, социјални и средински фактори.
Повеќе од половина од возрасните во ЕУ се со вишок килограми
Според најновата објава на Евростат, 16,3% од возрасното население на ЕУ во 2025. година имало индекс на телесна маса – BMI – од 30 или повеќе и влегувало во категоријата дебелина. Уште 35,4% имале BMI меѓу 25 и 30, односно прекумерна тежина без дебелина. Собрани заедно, овие две категории значат дека 51,7% од возрасните жители на ЕУ имале прекумерна телесна тежина.
Разликата меѓу мажите и жените е забележлива. Дебелина е регистрирана кај 17,4% од мажите и кај 15,3% од жените. Кога ќе се додадат и лицата со BMI меѓу 25 и 30, уделот кај мажите достигнува 59,3%, додека кај жените е 44,6%. Со други зборови, речиси шест од десет возрасни мажи во ЕУ се во една од двете категории над нормалниот BMI.
Индексот на телесна маса е едноставен статистички показател што се пресметува според односот меѓу тежината и висината. Тој е корисен за следење на големи популации, но не ја опишува целата здравствена состојба на еден човек. И Светската здравствена организација го третира BMI како индиректен показател, кој во индивидуална здравствена проценка може да се дополнува со други мерења и медицински показатели.
Каде е дебелината најзастапена
Разликите меѓу членките на ЕУ се големи. Малта има највисока стапка – 26,6%, што значи дека повеќе од секој четврти возрасен жител живее со дебелина. Следуваат Латвија со 24,6% и Финска со 23,2%. На спротивниот крај е Италија со 7%, а потоа Грција со 12,8% и Романија со 12,9%.
Овде вреди да се исправи и една грешка што се пренесе во дел од домашните медиуми: земјата со 24,6% е Латвија, а не Литванија. Официјалната објава на Евростат недвосмислено ја наведува Латвија на второто место зад Малта.
Македонија: бројката од 15,4% бара важна фуснота
Во повеќе македонски медиуми денес се појави податокот дека 15,4% од возрасните во Македонија живеат со дебелина. Оттаму произлезе и лесно прифатливата формула дека „Македонците се послаби од Европејците“, бидејќи бројката е нешто пониска од европските 16,3%.
Проблемот е во годините на кои се однесуваат бројките. Европските 16,3% се податок за 2025. година, додека бројката што се наведува за Македонија е за 2022. година. Тоа не значи дека податокот од 15,4% е без вредност, туку дека двете бројки не треба да се поставуваат една до друга како да се фотографија од истиот момент. И самата методологија на Евростат за индикаторот на дебелина покажува дека податоците се добиваат од периодични статистички истражувања и дека временската покриеност не е идентична за сите земји.
Затоа попрецизно е да се каже дека последната бројка што се цитира за Македонија е нешто пониска од сегашниот просек на ЕУ, а не дека во 2026, година можеме сигурно да заклучиме дека македонското население е послабо од европското.
Децата ја покажуваат потешката страна на домашната слика
Уште поважна причина за внимателно читање на бројките доаѓа од податоците за децата. Институтот за јавно здравје на 4. март годинава објави резултати од Европската иницијатива за следење на дебелината кај децата – COSI. Кај децата на возраст од 6 до 9 години во Македонија, 31,2% имаат зголемена телесна тежина, а 13,7% живеат со дебелина. За споредба, наведениот просек за Европскиот регион на СЗО е 25%, односно 11%.
Податоците на Институтот за јавно здравје откриваат и дел од контекстот зад килограмите: само една четвртина од децата опфатени со истражувањето јадат свежо овошје секој ден, 20% секојдневно јадат свеж зеленчук, додека 40% консумираат солени грицки. Повеќе од половина јадат слатки грицки три или повеќе дена во неделата.
Токму тука статистиката престанува да биде натпревар меѓу држави за тоа кој е „подебел“ или „послаб“. Дебелината е поврзана со поголем ризик од дијабетес тип 2, кардиоваскуларни заболувања и низа други хронични состојби, а СЗО предупредува дека причините не се сведуваат на една навика или една лична одлука. Достапноста и цената на храната, физичката активност, урбаната средина, образованието, приходите и начинот на кој е организирано секојдневието исто така имаат улога.
За Македонија, затоа, бројката од 15,4% може да звучи релативно поволно само ако се гледа изолирано. Податоците за децата и фактот дека европската дебелина продолжува да биде голем јавноздравствен товар ја менуваат перспективата. Поважно од тоа дали сме неколку децимали под просекот на ЕУ е дали следните споредливи податоци ќе покажат дека проблемот се намалува – или дека само сме мереле во различни години.










