Потребно време за читање: 3 минути

Во наредниве ден-два (можеби уште денеска) ќе се знае колку усогласените принципи на Русија и Европската унија за решавање на грузиско- рускиот воен судир ќе вродат со плод, ќе значат прекин на војната.

Во документот, кој ќе треба да го потпишат и Москва и Тбилиси, се бара: конечно запирање на воените дејствија, враќање на грузиската армија на почетните позиции, откажување на употреба на сила и повлекување на руската армија на позициите од пред почетокот на воените дејствија. Се гарантира слободен пристап за хуманитарна помош и почеток на процесот за одредување на конечниот статус на Јужна Осетија и Абхазија. До воспоставување на меѓународни механизми, руската армија ќе ја гарантира безбедноста на Јужна Осетија.

Ова го соопшти рускиот претседател Дмитриј Медведев по 4-часовните преговори со францускиот претседател Николас Саркози во Кремљ. Саркози отпатува во Тбилиси за да му предложи на грузискиот Претседател да го потпише договорот.

Русија претходно објави крај на воената акција, по 5-дневните борби со грузиската војска. Одлуката ја донесе претседателот Медведев. Меѓутоа, Владата во Тбилиси тврди дека руските авиони продолжуваат со бомбардирање на селата надвор од Јужна Осетија. Повторно е бомбардиран и градот Гори, на границата помеѓу Грузија и Јужна Осетија, каде што според грузиската страна биле убиени 5- мина луѓе. Русија, пак, тврди дека само возвраќа на нападите на делови на грузиската војска врз цели во Јужна Осетија.

Прочитај и за ... >>  Веронауката дефинитивно надвор од училиштата

Изјава на претседателот на Грузија, Михаил Саакашвили

„Мислам, Русија направи што направи, се однесуваше на многу суров начин. Мислам дека историјата ќе им суди на извршителите на овие дела кои се случија на територијата на Грузија и кои и сега се случуваат“.

Западните медиуми јавија дека во Гори загинал еден холандски новинар.

Прекин на огнот и враќање на позициите од пред војната побара американскиот претседател Џорџ Буш:

„Многу сум загрижен поради извештаите дека руската војска ја поминала зоната на конфликтот, го нападнала грузискиот град Гори и му се заканува на главниот град на Грузија, Тбилиси. Има докази дека руските сили наскоро можат да почнат да го бомбардираат цивилниот аеродром во главниот град. Овие извештаи се точни. Овие руски акции ќе претставуваат драматична и сурова ескалација на конфликтот во Грузија“.

Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци соопшти дека повеќе од 100.000 луѓе морале да ги напуштат своите домови во зоната на воените судири. Најмалку 40.000 Руси од Јужна Осетија, главно од престолнината Цхинвали, побарале засолниште во соседната Северна Осетија и во Русија. Пуст е и градот Гори, чии жители избегале во внатрешноста на Грузија.

Прочитај и за ... >>  Најдобар спортист во Европа во 2008- ма: Рафаел Надал

Изјава на Георги Бадридзе, вршител на должност во грузиската амбасада во Лондон:

„Грузија апелира мировните сили на Обединетите нации да интервенираат и да го запрат сегашниот судир со Русија. Изјавите и изразите на добра волја не успеаја. Потребна ни е многу силна акција. Потребни ни се војници на терен“. Тоа би требало да бидат „меѓународни сили под мандат на ОН“, иако, според него, „најидеално решение би било да бидат под мандат на ЕУ“. Додава дека најдобро би било мировните сили да бидат распоредени на границата помеѓу Русија и Грузија и оти „руските војници мора да бидат исфрлени од Грузија, и тоа од целата нејзина територија“.

Русија, како постојана земја- членка на Советот за безбедност, би можела да наложи вето на таквата одлука.

Она на што укажував во моите претходни написи, го потврди рускиот амбасадор во Македонија: ситуацијата е идентична како во Косово.

„Признавањето на независноста на Косово беше опасен преседан и ние предупредивме на тоа. Како Косово во моментов има уште 200 замрзнати конфликти насекаде во светот. Но, ако Западот сметаше дека Косово има право на независност, зошто истото право да го немаат Јужна Осетија и Абхазија?“

Прочитај и за ... >>  Истрага против 30- мина американски конгресмени

Амбасадор на Руската Федерација, Владимир Солицински, потенцира:

„Како што НАТО имаше право да ја бомбардира Југославија за да го заштити цивилното население на Косово, и Русија има правна основа и манадат од ООН да го стопира геноцидот кој во моментов го спроведуваат Грузијците“.

Тој тврди дека е лага оти Русија сака да ја окупира Грузија:

„Ние го почитуваме нивниот територијален интегритет , но сметаме дека внатрешните проблеми треба да ги решаваат по мирен пат, а не со етнички чистки. Русија има средства и моќ ако сака да ја окупира Грузија за два дена. Но тоа не е нашата цел. Ние сакаме само да го заштитиме цивилното население во Ј. Осетија.

Русите бараат повлекување на грузиската војска од Јужна Осетија, враќање на првобитниот статус од 92-та и потпишување на спогодба Грузија – Јужна Осетија за прекин на огнот“.

Малку забележана, што не значи дека допрва нема да биде анализирана и коментирана, е изјавата на Јужноосетискиот лидер Едуард Кокојти: дека ќе ги зголеми напорите за обединување на таа територија со рускиот регион на Северна Осетија.

„Сакам да нагласам дека ние сме малубројни, поделени луѓе. Ова е голем хуманитарен проблем и, се разбира, ќе се стремиме за обединување со Северна Осетија“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here