-Мене ми е потешко да зборувам за безначајноста одошто за значајноста. Пред сè затоа што е секако поврзана со секидневноста, а таа, пак, со повторливоста. Не знам дали и според тебе, но според мене токму на повторливоста ѝ придаваме суштествено значење во секидневниот живот. Велам, полесно ми е да зборувам за значајноста одошто за безначајноста пред сè затоа што таа сама по себе се препознава и се наметнува со способноста и силата да го менува вообичаениот секидневен ритам, да ги надминува стереотипите, да вознемирува, да возбудува.
-Јас мислам дека во препознавањето и раграничувањето на безначајностите и значајностите главните ролји треба да ги играат творците. Не само во создавањето вредности. Особено во истакнувањето на важноста на вредноста еднакво во личниот и колективниот живот.
-Тоа и се знае и се подразбира. Меѓутоа, ако ми е прифатливо изедначувањето на безначајностите со небитностите, макар што небитностите не мора да бидат безначајни, не ми е баш прифатливо нивното маргинализирање или отфрлање како мали, минорни и занемарливи нешта. Особено не дека немаат никакво влијание. Немој да тврдиш дека станува збор за синоними. Знаеш дека синонимноста во јазикот значи исто или слично значење на два или повеќе збора со различен свучен состав и го збогатува изразот и истовремено го избегнува повторувањето. Што значи дека значи.
-Признавам дека не ми е лесно да ти го следам промислувањево. Кога мислам на безначајностите, некако ми е полесно да останам на познатите клучни значења и синоними. Најпрвин за да не ми се искомплицираат. Ги знаеш:неважноста е нешто што не заслужува никакво внимание, минорноста занемарливо влијание, баналноста е недостиг на суштина, а занемарливоста нешто што може да се игнорира.
-А јас би те упатил на употребата на безначајностите во различни контексти. На пример безначајни или минимални ризици, кога се тие премногу мали за да имаат каква-годе важност во некоја анализа. Или во културата и уметноста дело односно творештво без естетска вредност.
-Ајде јас и ти како безначајни. Јас те прашувам, а ти ми одговараш. Да почнеме со некоја наша безначајна работа.
-Со која?
-Сеедно со која. Штом е безначајна. Но, добро…На пример, се среќаваме негде и разговараме за нашето минато и нашево сегашно време.
-Наша средба безначајна?! Може да има таква? И тоа за наше минато и наше сегашно време!?
-Зошто да нема? Да речеме, во тие времиња сме имале некоја заедничка работа без цел, непотребна или залудна.
-Да речеме, која работа?
-Која било во нив. Како секој, како сите и ние сме имале или ќе ја имаме допрва.
-Добро. А прашањето?
-Те прашувам дали не е подобро на таа средба да не зборуваме за ништо и за никого. Значи, да молчиме.
-Подобро е. Продолжи.
-Размисли пред да ми одговориш: можеме ли без безначајни зборови?
-Многу интересно…Богами, не е лесно да се одговори…Мислам дека никој не може да одбегне не еден, а повеќе, а многу такви зборови…На што би личело таквото зборување, без нив…
-Но, ќе се согласиш дека имало и има, сме имале и имаме безначајни разговори. Нели?
-Аха…Па добро…Не дека не сме имале…Според мене, тие се повеќе бесмислени…Интересно…Безначајна средба на која се разговара за безначајни нешта…И ние безначајни?!
-Те оставам да промислуваш токму за таа релација и межузависност: ние безначајни на безначајна средба развговараме за луѓе кои ни се безначајни.
МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 46







