Потребно време за читање: 4 минути

Што се случува во Данајската република (Грција), во „лулката на демократијата“? Зарем е можно поради едно „несреќно“ убиство на тинејџер со денови и ноќи да се случуваат жестоки, протести, безредија, судири со полицијата, масовни апсења?

Нашиот јужен (не)добрососед е пред економски, социјален, политички, сеопшт колапс, а Г-нот Караманлис не ни помислува да поднесе оставка, односно да го прифати барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори. Очигледно дека ќе биде принуден. Само е прашање веќе не на ден, туку на час.

Уште поважно: зошто ЕУ- сојузниците на Атина (па и НАТО-вските) како ноеви ги пикнале главите в песок? Со кое право на кандидатите за членство во Унијата и Алијансата им поставуваат се нови и нови „бенџмаркови“ кога во своите „редови“ имаат ваков член?

Насилните демонстрации со денови, повеќе од една недела ја потресуваат Данајската република (Грција). Во текот на изминатата ноќ се водела вистинска војна низ улиците на Атина помеѓу младите демонстранти и полицијата. Полициска станица била нападната со молотови коктели и камења, а специјалните полициски сили одговориле со фрлање на солзавец. Судирот започнал по мирната церемонија на палење на свеќи за 7- дневниот помен на загинатото 15- годишно момче.

По трагичниот настан не може да се каже дека поминал ниту еден ден без насилства. Досега се повредени над 70- мина луѓе, стотици продавници се искршени и ограбени во многу градови, а се уапсени над 200 лица.

Во претходната ноќ во Атина експлодираа 8 помали бомби- пред локалната канцеларија на владејачката конзервативна партија „Нова демократија“ и пред неколку банки. Бомбите предизвикале помали пожари.

Прочитај и за ... >>  Ако не е се исто, се е ептен слично

Грчката армија веќе неколку дена е во зголемена борбена готовност.

„Еден во земја, илјади на улица“ постојано скандираат студенти и професори, носејќи транспаренти „Држава- убиец“.

Веќе спомнав, премиерот Костас Караманлис ја исклучи можноста да поднесе оставка или да свика предвремени избори. Напротив, пред своите европски пријатели се „наслика“ како „одговорна и силна рака“:

„Во тој контекст, но исто и во тој на многу сурова финансиска криза, имаме потреба од одговорна и силна рака, која ќе управува. За мене тоа е приоритет, а не некакво сценарио за предвремени избори или за смена на раководството“.

Состојбата не се смири (напротив, ескалира се повеќе) ниту откако двајцата полицајци, осомничени за убиството на 15- годишниот Александрос Григоропулус, беа затворени до почетокот на судењето. Пред истражниот судија тие тврделе дека пукале во воздух откако биле нападнати со камења и оти момчето загинало од одбиен куршум. Меѓутоа, сведоците на настанот тврдат дека е директно пукано во него.

Во меѓувреме деновиве во знак на поддршка на грчките протести младински организации нападнаа грчки дипломатски претставништва во Њујорк, Москва, Копенхаген и Болоња, а насилни протести имаше и во Рим, Мадрид и Барселона.

Грчкиот министер за образование и религија, Еврипидис Стилијанидис, како намерно да предизвикува уште поголем револт повикувајќи ги младите луѓе кои учествуваат на протестите „да ги симнат маските и да говорат слободно“. Имено, во интервју за весникот „Адезмефтос Типос“, Стилијанидис нагласува дека ниту една екстремна младинска група нема право да ги користи младите генерации за промовирање на „идеи што се отфрлени од самото општество“:

Прочитај и за ... >>  Започна скијачката сезона 2008- ма

„Ако ме прашате што би сакал да им кажам на тие деца, одговорот е само еден. Тоа е одговорот што би го дал секој родител, кој го сака своето дете. Тоа е одговорот што би го дал секој учител, кој е свесен за својата должност. Симнете ги маските! Никој нема право да си го крие лицето. Говорете слободно и ние ќе ве слушаме“, потенцира тој.

Необично, министерот ги повика сите студенти и ученици кои „сакаат да бидат слушнати“ да ги испратат своите мислења на електронската пошта на Министерството за образование.

И сега она најважното, главната причина за протестите (поводот е познат), а за што нема потреба учениците, студентите, нивните родители, сите граѓани на Данајската република (грција) да ги симнуваат маските (одамна им се симнати, ама министрите на Караманлис одбегнуваат, се плашат да излезат пред нивните лица):

Граѓаните на нашиот јужен сосед од „поодамна“ се гневни на Владата, која со само еден глас предност во Парламентот. Таа успеа некако да ја „заташка“ вмешаноста во неколку големи финансиски скандали (помеѓу вмешаните и братот на Бакојани), но тешко се справува со најголемата светска неволја- економската криза.

„Се наоѓаме во многу важен момент за економијата. Во време кога најдобриот дел од компаниите се во најдобриот циклус од нивниот бизнис, а во исто време се наоѓаме во центарот на светската економска криза“, изјави Григориос Алогоскоуфис, министер за финансии.

Прочитај и за ... >>  Во корист на сопствената штета

Уште една потврда на данајството на Владата во Атина: во економските анализи за последните состојби во Грција британскиот весник „Телеграф“ ја обвини дека лажела за нивото на дефицитот, односно дека изведувала статистичка алхемија пред Еуростат, а со цел да влезе во еврозоната. Во моментов платниот дефицит на Грција е највисок во нејзини рамки- 15%, а во апсолутни бројки со 53 милијарди долари дефицит е 6- та најпогодена земја на светот, што според „Телеграф“ е зачудувачки за земја со само 11 милиони луѓе. Дополнително постои реална закана јавниот долг од 93%, кој е далеку над ЕУ нормите, да биде зголемен со 40 милијарди кои Владата ќе ги даде во 2009- та година за спас на разнишаната економија.

Сето ова е премногу за земја која во исто време се соочува со сериозно насилство на улици и со светската економска криза, поради која не може да се надева на помош од ЕУ партнерите, заклучува британскиот „Телеграф“.

Нема двојба: членките и во ЕУ и во НАТО веќе „длабоко“ се срамат од својот сојузник. А за да не „излезат“ исти или слични како неа, веројатно многу брзо ќе почнат да ја „преиспитуваат“. Или ќе продолжат, ако се има предвид она, засега мошне „бледо“, за правата на малцинствата, пред се на македонското. Сигурен сум дека помеѓу нив ќе има се помалку „расположени“ да ги слушаат безобразните и ступидни барања за бришење на македонскиот идентитет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here