Потребно време за читање: 5 минути

Не е прашањето дали и кога ќе се урне, дали и кога претседателот Воронин ќе биде принуден да поднесе оставка, особено ако се има предвид дека засега опозицијата е неорганизирана, необединета и немоќна, туку колку крваво, со колку (непотребни) жртви ќе бидат фрлени тој, неговата комунистичка партија, системот што се одржува осум години, со економско- социјални и секакви други катастрофални последици за народот. Првите две жртви се „поднесени“- загинаа во демонстрациите во кои се повредени над 100 лица.

Активисти на антикомунистичката опозиција успеаја да упаднат во зградата на Претседателството и Парламентот на Молдавија. Претходно демонстрантите, од кои најголем број од нив студенти, се судрија со полицијата пред претседателската палата. Полицијата употреби солзавец и водени топови.

Како што јавија странските агенции, протестите започнале во понеделникот вечерта, по прогласувањето на убдливата победа на владејачката Комунистичка партија на претседателот Владимир Воронин, која со тоа освои апсолутно мнозинство во Парламентот. Демонстрантите сметаат дека изборите биле контролирани од комунистите и оти гласовите се купувани.

Во меѓувреме Воронин побара окончување на „баханалиите“.

Болнички извори наведуваат дека над 30 лица, вклучувајќи цивили и полицајци, се повредени во текот на судирот во вторникот , во кој учествуваа околу 10.000 луѓе.

Според податоците на Европската унија, оваа поранешна советска република е најсиромашна земја на Стариот континент.

Опозиционите партии на Молдавија побараа организирање на нови избори и соопштија дека ќе ги продолжат демонстрациите додека не се одреди датумот. Освен ново броење на гласовите, таа побара, доколку се утврди дека имало кражба на гласови, резултатите на изборите да бидат поништени, изјави официјален претставник на Централната изборна комисија.

Реакциите на Москва:

„Се што се случува предизвикува загриженост поради иднината на политичкиот систем на таа земја“, изјави заменик- шефот на руската дипломатија, Григориј Крашин, наведувајќи дека меѓународната заедница изразила задоволство од текот на изборите во Молдавија.

„Ги повикувам сите страни да се воздржат од насилство и провокации. Насилството над владините згради е неприфатливо“, изјави Хавиер Солана, но е неопходно да е почитува „неотуѓивото“ право на мирни демонстраци. Тој забележа дека меѓународните набљудувачи во своите прелиминарни извештаи за парламентарните избори, одржани во неделата во Молдавија, оцениле дека тие исполниле многу меѓународни стандарди, со истакнување дека се нопходни натамошни унапредувања.

Изјава на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, дека Москва е длабоко загрижена поради нередите во Молдавија, но нема основ за повторување на изборите:

Прочитај и за ... >>  Се повеќе „европски аграр“ во Македонија

„Кои било барања за нови избори се неосновани, имајќи предвид дека сите меѓународни набљудувачи оценија дека изборите се одржани во согласност со демократските и правните норми“.

По повод настаните во Кишињев се огласи и романскиот премиер Емил Бок, повторувајќи дека Романија ја поддржува европската перспектива на Молдавија и изразувајќи надеж дека победата на комунистите на изборите нема да го загрози европскиот пат на земјата.

По доаѓањето на власт, кога се залагаа за проруска програма, комунистите во 2005- та година ја променија ориентацијата и се свртија кон Европската унја, но останаа во добри врски со Москва од која земјата зависи поради гасот, како и поради решавањето на конфликтот во сепаратистичкото Приднестровје.

ЕУ на 7- ми мај ќе ја покрене тн. Програма на источно партнерство, за јакнење на односите со Украина, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Молдавија и Белорусија.

Претседателот на Молдавија, Владимир Воронин за протестите ја обвини Романија:

„Романија е вмешана во се она што се случува кај нас“.

Тој потенцира дека му „истекува трпението“ во врска со демонстрантите кои ја демолираа неговата канцеларија и го запалија Парламентот. Се закани дека, ако продолжат протестите, би можел да прибегне кон сила.

Молдавија го протера романскиот амбасадор и го прогласи за персона нон грата, а воведе и визи за романските граѓани.

Романија ги отфрли обвиненијата. Во соопштението на романското Министерство за надворешни работи се наведува дека тие се провокација, но како членка на ЕУ нема да се воведат нови патни оганичувања за граѓаните на соседната земја.

Ништо од пребројување на гласови: три молдавски опозициони партии кои освоија мандати за влез во Парламентот одбија да учествуваат (одобрено од Уставниот суд на молба на Воронин), додека истовремено властите во Кишињев го одбиваат барањето на опозицијата да ги поништат резултатите и да спроведат нови избори.

Според тврдењето од заедничкото соопштение на Либералната и Либерално- демократската партија, како и Сојузот Наша Молдавија, кое го пренесоа руски агенции, главни прекршувања се направени при составувањето на избирачките списоци, а во нив наводно нелегално се внесени околу 400.000 избирачи.

Претседателот на Либерално- демократската партија, Влад Филат, изјави дека „опозиционите партии собраа доволно докази за тоа дека резултатите од изборите се фалсификувани. При проверката на списоците за гласање се покажа дека на изборите учествувале луѓе кои умреле пред многу години, а има и малолетници и граѓани кои долго години живеат во странство. Сето тоа го организираа комунистите со помош на Министерството за информационен развој, кое располага со целокупната база на податоци“.

Прочитај и за ... >>  Прескапа ЕУ бирократија

Водачот на опозиционата Центристичка унија на Молдавија, Василе Тарлев, изјави дека опозицијата нема намера да го изнесува пред суд прашањето за изборните резултати, зашто тоа би било бесмислено оти со судовите управуваат комунистите кои „грубо ги фаслификуваа“. Според него, бидејќи и меѓународните структури покажале воздржаност сега е се во рацете на граѓаните на Молдавија:

„ЕУ зазеде став „да почекаме да видиме што ќе биде“ и засега не се огласува, како ни Заедницата на независните држави.Поради тоа се е во рацете на граѓаните на Молдавија“.

Тој оцени дека молдавските опозициони партии засега немаат сила да направат промени во земјата, додека Кишињев е град во кој граѓаните се физички загрозени од власта и стравот поприма размери на параноја.

Некои видни странски аналитичари сметаат дека првата недела од овој месец е една од најважните по завршувањето на Студената војна. Се работи за нови ставови и стратешки трендови помеѓу Русија, Европската унија и НАТО. Имено, самитот на НАТО, срдбата САД- ЕУ, самитот во Хаг, посетата на Барак Обама на Турција и самитот на Г- 20, покажуваат дека се донесуваат одлуки и се утврдуваат правци на акција.

На пример, професорот Дан Дунгацу, од Универзитетот во Букурешт, потенцира дека одлуките што се усвојуваат ќе влијаат и врз начинот на кој евроатлантскиот свет, вклучујвајќи го и балканскиот, ќе се постави спрема Црното море и понтичкиот простор. Сигналите од претсдателот Барак Обама во безбедносниот контекст што се создава имаат позитивен одек оти вратата на НАТО ќе остане отворена за Украина и Грузија. Обама на Русија јсно и порача дека антиракетниот штит останува на сила.

Еве што мисли тој за НАТО како гарант на безбедноста на цела Европа:

„Без сомнение ова е важен елемент. Одговорноста што ја презема Алијансата е од политичка и воена природа, зашто им дава безбедносни и стабилизациони гаранции дури и на оние кои не се членови на НАТО и кои можат да му се приклучат. НАТО и за овие држави е гаранција на безбедноста. Претседателот Обама сугерираше Алијансата да го покрива источниот простор, па дури и Русија би можела да биде вклучена во овој пејзаж“.

Прочитај и за ... >>  Не двојна формула, туку алтернатива- алтернативи

За Романија која е една од „најзасегнатите“ со кризата во Молдавија:

„Ако со оваа криза, што изби сега во Молдавија,не се управува внимателно, би можело да дојде до затворање на оваа евроатлантска граница на среден рок. Исовремено, ако потрае оваа економска криза, која беснее во регионот, некој ќе профитира зашто ова по правило се случувало на источниот простор. За Романија, земјата што е мост на спојување на Исток и Запад, е мошне важно да ја сочува позицијата на европски адвокат на земјите од понтичкиот простор, иако понекогаш, како во случајот со Молдавија, парадоксално се соочува со спротивставени политички ставови.

Букуршт треба да објасни дека ситуацијата на црноморскиот простор не е слична на ситуацијата на Западниот Балкан. Таму, без оглед на развојот на ситуацијата, Балкан, на крајот на краиштата, ќе се интегрира во Европската унија и НАТО, зашто нема друго решение. Источната ситуација е различна зашто, ако не се приближуваш кон центарот ќе се насочиш кон некој друг. Овде треба да се биде многу побрз зашто времето нема трпение. Букурешт пред се би требало да биде кохерентен, кредибилен актер. Со други зборови, ако сакаш да сфатиш што се случува на овој источен простор, задолжително треба да дојдеш во Букурешт. Ова би требало да биде наша цел, зашто се уште не сме успеале да станеме доволно убедливи“.

Станува очигледно дека, кога се во прашање геостратешките интереси на ЕУ и НАТО (заеднички?), но и на САД и Русија, засега состојбата во Молдавија мора да „мирува“. Со други зборови, комунистите на Воронин и натаму да се „поднесуваат“, особено откако се покажа и докажа дека „портокаловите револуции“ не се толку успешни како „црвените“. А и новите генерации на комунисти не се она што беа нивните претходници во блиското минато (пред се нивните родители). Многу се пофлексибилни, поадаптибилни односно попрозападни, со еден збор покапиталистички. Во тој контекст е мошне важно што на претседателот Воронин му истекуваa вториот, а нема право на трет мандат. Така е во животот, бизнисот, политиката: секој наследник ако не промени се, од корен, сигурно успева да внесе, да вгради нешто свое.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here