Потребно време за читање: 2 минути

Денес е сѐ попотребен, неопходен, многу повеќе од вчера, од во минатото. Утре можеби најпотребен. Наспроти егоизмот.

Грижата за друг/ за други секако е, но не смее да остане само личен животен став што ги содржи несебичноста, наклонетоста, љубовта спрема друг и подготвеноста да му се помогне, да се биде над сопствените интереси, со жртување и одрекување, туку и заеднички, колективен, општествен, државен. Пред сѐ затоа што е просоцијален.

Рекле мудри луѓе за алтруизмот:

Реките не ја пијат својата вода; дрвјата не ги јадат своите плодови; облаците не го голтаат својот дожд. Сѐ што е големо, секогаш е во корист на други.
Индиска пословица

Значи, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им и вие ним.
Библија

Секирата на дрводелецот го молела дрвото да и даде рачка-дрвото и дало.
Рабиндранат Тагоре

Вистинскиот човек, сакајќи да изгради свој сопствен карактер, се обидува, исто така, да го изгради карактерот и на други луѓе и, сакајќи да успее, им помага и на други да успеат.
Конфучие

Сонцето не чека да ги растури својата светлина и топлина. И ти, исто така, прави го доброто што зависи од тебе, не чекајќи од тебе да го бараат.
Епиктет

Човек никогаш не скока во вода со поголем жар да спаси давеник, отколку кога се присутни оние што нема да рескираат.
Фридрих Вилхелм Ниче

Голема ѕвездо! Што би било твоја среќа да ги нема оние што ги осветлуваш?
Фридрих Вилхелм Ниче

Сѐ додека човекот ги истакнува „Јас“ и „Мое“, неговите дела се рамни на нула. Кога љубовта спрема „Јас“ и „Мое“ ќе умре, тогаш делото на Бога е извршено.
Кабир

Човековата природа е таква што тој својот расцут може да го достигне само ако работи за расцут, за доброто на целиот свет на своите современици. Ако создава само за себе, може, вистина, да биде прочуен научник, голем мудрец, одличен поет, но никогаш целосен, навистина голем човек.
Карл Маркс

Не пропаѓа само она што не живее само за себе.
Лао Це

Во најдобрите години од мојот живот ги вбројувам оние часови што сум ги минал во работа, непрестано трошејќи го во корист на други она што ми го дала природата и што сум го научил со својата студиозна работа.
Галилео Галилеј

Зачукајте понекогаш на туѓа врата, не да барате, туку да понудите помош.
Душан Радовиќ

Алтруистот и не барајќи го наоѓа она што егоистот не го наоѓа и кога го бара.
Емил Куе

Биди алтруист-почитувај го егоизмот на другите.
Станислав Јержи Лец

Ако не сум за себе, кој ќе биде за мене?
Но ако сум само за себе, што сум јас?
И ако не сега, кога?
Талмуд

Многу свеќи може да се запалат од една свеќа, а да не се намали нејзиниот сјај.
Талмуд

Во среќа ќе проживее и стогодишен век оној што прави дела не врзувајќи се, кој ја работи својата работа предано, но без жед, не копнеејќи по исходот на своето работење-таков и само таков.
Упанишади

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here