Потребно време за читање: 4 минути

Градоначалникот на Скопје Трифун Костовски, чиј мандат завршува по локалните избори на 22- ри март, ќе биде запаметен како фино „измазнет“ Господин, со господско „држење“, кој своите неоспорни бизнисменски способности не успеа да ги стави во „функција“ на граѓаните (освен кога е збор за личните интереси).

Според сопствените жалби и поплаки, главна причина за тоа бил „фактот“ оти му биле врзани рацете (или самиот си ги врза) со постојните законски прописи (па се обиде да ги мобилизира Скопјани за нивно менување со една ступидна кампања). Сепак, во својот „проштален говор“ се пофали со „многу сторено“, а пред се со тоа дека на неговиот наследник му остава полна градска каса.

Со наредниов прилог, објавен во „Дневен е-Еснаф“ на 07.07.2007., сакам да потсетам на една конкретна ситуација во која не стануваше збор за чувство на одговорност, туку за еклатантна неодговорност, па и неспособност на Костовски како градоначалник.

Трифун Костовски дозволи да се случи нешто што ќе биде забележано и во светски рамки: метропола- главен град на една држава да биде буквално помрачен, односно без улично осветление, поради неплатени сметки за струја! И тоа не од граѓаните, кои таа обврска „автоматски“ ја исполнуваат, туку поради „проблеми“ на релација скопски општини- Град Скопје. Кои требал навреме да ги надмине, навреме да бара да бидат надминати, или морал да ги антиципира, уште пред да се пресмета како кандидат. За да не се доведе во ваква, па и трагикомична ситуација.

Скопските улици и булевари остануваат без струја! Прво 15, потоа 30 минути…Австриските стопани (ЕВН), очекувано, логично, презедоа акција: ќе исклучуваат се додека не се платат долговите на градот.

Прочитај и за ... >>  Глас за нова Америка

Во меѓувреме, не стивнуваат обвинувањата на релација централна- локална власт: чија е вината зошто метрополата останува без улично осветлување.

Изјава на градоначалникот Костовски:

„Нема да дадам дозвола да се плати цент од сметката на градот, која и така е празна, бидејќи по тој основ ние немаме добиено никаков прилив на финансиски средства. Овој проблем мора да го изменаџира Владата, пред се Министерството за финансии“.

Уште понеодоговорно, па и прилично безобразно (како да е негова сопственост):

„Јас реков дека немам намера да платам ниту денар, па по цена градот да биде и во темница, оти проблемот не е настанат по вина на Градот. Цело време праќаме писмо до Министерството за финансии, тие не ни одговараат. Проблемот не е толку сложен. Долгот да си го платат тие што досега ги собирале тие приходи“.

Зарем Костовски не знае да го прочита законот, па „пишувањето“ да го адресира до вистинските- градските општини, оти е јасно дека Министерството не ги собирало тие пари?

„Вратка“ на министерот Трајко Славевски:

„Тоа е бизарно, тоа е безобразно, тоа е неодговорно и обвинувањата се на погрешна адреса“.

Уште додава, логично, дека проблемот е во прекинатата комуникација помеѓу Скопје и општините.

Проблемот е познат и за него вината на Костовски е делумна: дозволи да се случи. За долгот требал да алармира штом почнал да се натрупува. Граѓаните немаат, не можат и, се разбира, не сакаат да имаат никакво разбирање за овој градоначалникарски срам, во буквалната смисла на зборот. Тие, да повторам, плаќаат за улично осветлување преку сметките за струја. Секој месец по 48 денари за улично осветлување. ЕВН собраните пари ги префрла на државната сметка на Министерството за финансии, a оттаму Министерството парите ги испраќа на сметките на општините, но не и на сметката на градот Скопје. Такво e сегашното законско решение.

Прочитај и за ... >>  Бизнисменска, а не спортско- спонзорска логика

И токму во тоа ја гледам најголемата одговорност на Трифун Костовски: зошто не извршил „општа мобилизација“ за да се смени таквото решение, за да не им биде приредена ваква доживелица на граѓаните на Скопје? Зошто не побарал од градоначалниците на скопските општини навреме да го подмират својот дел од долгот, за што добивале пари од граѓаните? Зошто не покренал иницијатива за нивна одговорност? Во што општинските ги потрошиле парите

Oпштинските каси располагаат со парите на граѓаните, но, интересно, сами ги подмируваат сметките, ама не и заедничкото улично осветлување (има и такво?!).

Уште поинтересно е амнестирањето на општинските од одговорност. Тие информираа дека и онака имале многу долгови, па немале намера да го плаќаат уличното осветлување. А токму тоа е главниот адут со кој Градот се правда дека неговата каса е празна. За осветлување на плоштадот e надлежен Градот, целата сума за комуналната такса што ја плаќаат граѓаните завршува кај општината Центар, која, пак, го плаќа само својот дел, но не и сметките за уличното осветлување за него.

Ненавремено, откако проблемот ескалира, тој ќе биде решен, но засега не и долгот: во тек е измена на законот со кој ќе му се овозможи на Градот да добива пари за уличното осветлување што е во негова надлежност.

А една вест од Кочани (не во „Американа“ за да се посети, па и да се поднаучи од него) може да претставува вистинска лекција и за градоначалничка одговорност и за показ на негова грижа, домаќинлак, иновативност:

Прочитај и за ... >>  Евтаназија- да или не

За дел од јавното осветлување во Кочани нема да се трошат пари за електрична енергија. Поставувањето на светилки кај кои енергијата се добива директно од Сонцето, за локалната самоуправа е единственото решение за намалување на трошоците и зачувување на животната средина.

Осветлувањето на дел од кејот на Кочанска река, што како инвестиција од околу 1,5 милиони денари го направи Општината, ќе значи долготрајно решавање на прашањето за осветлување. Вложените пари ќе се вратат преку помалите сметки за струја, а во втора фаза ќе се работи на целосно заменување на постоечкото јавно осветлување кое користи енергија од електричната мрежа.

Во Кочанската котлина просечно годишно има околу 200 сончеви денови, што беше една од идеите да се започне искористувањето на алтернативните извори на енергија. Заедно со веќе инсталираното осветлување во излетничкото место Гоцева шума и семафорите кои ја користат соларната енергија, во Кочани се направени и првичните анализи за искористување на енергијата од ветрот, за што е поставена турбина со капацитет од 1,5 киловат часови, која произведува струја за осветлување на дел од Споменикот на слободата.

Освен Општината, во Кочани и граѓаните се повеќе размислуваат за искористување на сончевата енергија преку поставување на соларни колектори. Нивните пресметки покажуваат дека на овој начин можат да се добијат околу 2.000 киловат часови електрична енергија по семејство, што според сегашната цена на струјата изнесува заштеда од околу 4.000 денари годишно.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here