Во својата велигденска порака, поглаварот на МПЦ Г.г. Стефан вели:
„Ние сме народ кој знае да се радува на Велигден и на сите празници, како што знае и да трпи страданија, да поднесува голготи и распетија.
На овој спасоносен ден посакувам Воскреснатиот Господ да ни дарува сили да истраеме во искушенијата и неправдите, да го зачуваме духовниот мир и националното достоинство, зашто така ни доликува како на древен, охристовен и богољубив, библиски и човекољубив народ, и да покажеме единство во верата и почитување во меѓусебните однесувања.
Господ Сепобедителот нека не чува во радоста на празникот и во љубовта евангелска за да можеме и да ги почувствуваме и постојано да живееме велигденски. Амин! Христос воскресе!“.
Во храмовите на МПЦ се одржа велигденска служба.
Ноќеска (26.04.) во Соборниот храм во Скопје верниците заедно со свеќа во рацете го прославија најголемиот христијански празник Велигден и Христовото Воскресение. Ден кога Исус Христос ја докажал својата божественост, со тоа што воскреснал.
Исказ на протојереј ставрофор М-р Драги Костадиновски:
„Мислам дека луѓето од своето постоење до денеска бараат одговор на прашањето „Дали нивниот живот завршува со смртта и дали е тоа крајот за човекот“? Мислам дека одговорот на прашањето за бесмртноста на душата се докажува токму со настаните кои се случиле во времето на живеењето на нашиот спасител Господ Исус Христос овде на земјата, кога тој доброволно пострада, доброволно беше положен во гроб, но исто така и на божествен начин ја победи смртта со тоа што повторно го врати животот или премина од смртта во животот.
Христос ја победи смртта и постави нов почеток на животот, каде на сето човештво му вети, на овој начин му покажа дека навистина постои бесмртноста на душата и дека не е крај со живот.
Затоа Воскресението Христово, христијанското верување и во христијанската вера е круна на сето евангелие Христово и доколку немаше воскресение, тогаш ќе немаше никаква цел, ниту евангелието ќе беше и прозван и проповед на Апостолите и на сите следбеници на Господ Исус Христос“.
Точно на полноќ ширум светот беше објавено воскреснувањето на Исус.
Апостол Павле рекол дека ако Христос не воскреснеше ќе беше залудна нашата вера. Теолозите објаснуваат дека Исусовото воскреснување е појдовната точка во христијанството која ја дава смислата за човековото постоење.
Традиционално, централната свеченост се одржа во Соборниот храм во Скопје, со пасхалната воскресенска служба која започна 30 минути пред полноќ.
Со трите круга околу црквата свештениците го означија Светото тројство, Отецот, Синот и Светиот дух. Кругот е знак на совршенство, како што е совршен чинот на воскреснувањето.
По објавувањето на веста за Исусовото воскресение, верниците пристапија кон чинот на кршење на вапцаните јајца – како што се скршиле вратите на пеколот кога Христос воскреснал.
Во соборниот храм со службата чиноначалствуваше Архиепископот охридски и македонски, Г.г Стефан.
Од многубројните настани по повод празникот Велигден, го издвојувам спектакуларниот концерт на македонскиот виртуоз Симон Трпчески, што се одржа на 23.04. во „Метрополис“ арената во Скопје. Околу 2.500 посетители ја наполнија салата да го слушнат Трпчески. Велигденскиот концерт на Симон беше со хуманитарен предзнак, исто како и неговата македонска турнеја. Овојпат приходот беше наменет за манастирот „Свето Преображение“ во Крушево, во чест и спомен на неговиот другар Тоше Проески.
Трпчески на концертот во Скопје презентираше програма во која, како што изјави, сите композиции имаат посебно, симболично значење и ја следат неговата животна приказна. Беа застапени дела од Рахмањинов, Дебиси, Брамс, Григ и од македонските композитори Благој Цанев и Живојин Глишиќ. На концерот Симон Трпчевски беше повикан на бис петпати. Тој за првпат настапи на концертното пијано „Стенвеј Д“ вредно 120.000 евра, донација на група на македонски бизнисмени.