Потребно време за читање: 2 минути

Македонија е решена да ги исполни поставените задачи потребни за членство во ЕУ, но како мала земја е загрижена да не се поставуваат нови, дополнителни непринципиелни услови и пречки кои не се дел од копенхагенските критериуми.

ЕУ треба да ги почитува принципите кои самата ги постави и прогресот на земјите кандидати да го цени врз таа основа.

Во Брисел се одржува европски политички самит „Рекапитулар за Балканот“, на кој учествува и македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

„Една членка на ЕУ злоупотребува билатерално прашање- прашањето за името, за да врши притисок врз Македонија да се откаже од своето право на национално самоопределување и да ја блокира нејзината евроинтеграција. ЕУ не треба да биде заложник на неодговорното однесување на некои политичари“.

Одговарајќи на прашање како понатаму ќе се развиваат работите во врска со спорот со нашиот јужен сосед, Милошоски рече дека Македонија е подготвена да ги продолжи преговорите што се водат со посредство на медијаторот на ОН Метју Нимиц:

Прочитај и за ... >>  Во Македонија се поголема беда и сиромаштија

„Ќе продолжиме да говориме со аргументи дека една мала нација има право на национално самоопределување и заштита на своето национално име“.

Осврнувајќи се на ирското референдумско „Не“ на Лисабонскиот договор и можното влијание врз проширувањето на Унијата, шефот на македонската дипломатија оцени дека тоа не било „лоша вест од Брисел, туку лоша вест за Брисел“:

„Се чини дека некои надвор од Ирска се посреќни од Ирците. Најголем предизвик за ЕУ и за европските политичари сега е да се најде начин ирското „Не“ да не се користи како изговор за одложување на процесот за проширување“.

Европратеничката Дорис Пак, која беше еден од главните говорници на дебатата, укажа дека билатералните проблеми никогаш не биле и не треба да бидат пречка во процесот на проширување на ЕУ:

„Земјите членки кои се директни соседи на државите кандидати треба да бидат одговорни и да не заборават дека и ним им била потребна поддршка и пријателство кога пристапувале во Унијата“.

Прочитај и за ... >>  Македонија „врела“

Според неа, проширувањето треба да продолжи и да заврши со успех или во спротивно ЕУ ќе го загуби кредибилитетот:

„Унијата нема да биде комплетна без земјите од Западен Балкан“, заклучи таа.

Референдумот во Ирска нема да влијае врз процесот на проширување, порача еврокомесарот Оли Рен:

„Проширувањето воопшто не беше дел од референдумската кампања во Ирска. Демократизацијата и евроинтеграцијата на Балканот одат паралелно со институционалните реформи во Унијата, но треба време и трпение“.

Претставници на европски институции на држави и влади, на влијателни организации и фондации, бизнисмени и експерти, на собирот на европскиот политички самит во Брисел дебатираат за политички и економски прашања кои се однесуваат на евроинтеграцијата на регионот.

Собирот го организираат Фондацијата „Конрад Аденауер“, „Пријатели на Европа“, Институтот за демократија „Константинос Караманлис“, „Галуп Европа“, ОЕЦД и Сиси груп.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here