603. Во светот на вредностите мора да се знае кој е кој и што е што. За да не се загрозува неговиот опстанок.
604. Навалуваат мрачни предзнаци врз нашата виделина.
605. Ние сме заедно зашто не мислиме исто.
606. Конструктивен опозиционер:
607. Јас предлагам, а твое е дали ќе прифатиш и примениш.
608. Преполна клинички мртва партија со тапоумни, измамници, крадци и слуги покорни.
609. Ќе го надвладее светов очовечен свет.
610. Ако сме спремни, да почнеме и да продолжиме одново.
611. Сѐ помалку им требам на други, а сѐ повеќе си требам на себеси.
612. Не си што беше, како што не сум и јас. Па што?
613. Борбата за слобода и борбата за нејзина одбрана се трајни.
614. Мир и напредок со мудрост.
615.Вистина, вистина ви велам:
Светот е голем за сплотени животи.
616. Љубов се сокрила во длабок молк.
617. Алчноста и личното богатење се безгранични. Како неизлечиви болештини.
618. Меѓу црно и бело црно на бело.
619. Ако ти пречи, тргни го, надмини го или оддалечи се од него.
620. Нема болна вистина. Има вистина што боли.
621. Добро е кога не може да биде подобро.
622. Срам изразен со молк и наведена глава. Или понизност. Или пораз.
623. Најтешка е секидневната борба за пристојна живеачка.
624. Му зборам на оној што сака да слуша. Пишувам за оној што знае да чита.
625. Искрено жалам оти не ме познаваш.
626. Голем творец твори неуморно до смрт.
627. Штом се разбираме, нема несовладлива пречка на нашиот пат.
628. Не ми треба многу. Само доволно за мене и за нас.
629. Граделе куќа цел век, па ја оставиле да се урне сама од себе.
630. Кога е збор за љубовта, јас верувам само во искрена, длабока и непорочна.
631. Залудно си збориш на себеси кога нема кој да те слуша.
632. Си бил еден човек кој умрел кога му дошло време за умирање.
633. Добар човек меѓу еден пријател и многу непријатели.
634. Не може со мост да се поврзат брегови на матна река.
635. Кога ме прашуваат за мојот егзистенцијален и општествен статус, како творец на грандиозно мислечко, книжевно, научно и аудио творештво (единствено на светот!), молчешкум одговарам достоинствено и рамнодушно.
636. Вака или онака-кому како.
637. Не ти оди од рака затоа што никој не те води за рака.
638. Од мене зависи колу ќе ме запознаеш.
639. Го криеш вистинското лице за да не те направат безличен.
640. Скита од крстопат до крстопат.
641. Ненадејност против спокој.
642. Кој оди по свој пат, нема да заскита до неговиот крај.
643. Обѕидан, а слободен!?
644. Безнадежноста и сомнежот заедно ја ништат вербата во подобра сегашност.
645. Рамнодушноста е самоодбрана од беспомошност.
646. Најлошо е долго да стоиш во место. Ќе заборавиш колку е тежок првиот чекор.
647. Му се плаши од сенката оној што е во негова сенка, а нема своја.
648. Му дојде прекуглава сѐ, па престана да урива ѕидови со глава.
649. Нема рамносилност во љубов.
650. Мери си ги зборовите и чувај си ги нервите.
651. Сакам да сме заедно одвреме-навреме.
652. Предвидливото се јавува наспоредно со истовремено догледување, согледување и промислување.
653. Најголема почит за творец кој го изнесува постојано на виделина своето дело.
654. Најлошо за многумина кога им е најдобро само на малкумина.
655. Мрачнина за спокој, не за мачнина.
656. Му верувам на човек кој ми се прикажува како човек каков што е.
657. Воени игри под грозоморни маски.
658. Се докажуваш со постојано надминување на себеси.
659. На штрек особено пред непознато ненадејно.
660. Моето искуство зборува за да го имаат на ум оние што го немаат.
661. Ме грижи случувањето на нешта надвор од мене.
662. Нема предавање ни до ни по премалување.
663. Човек се изразува секако сѐ додека има што да прикаже и докаже.
664. Не чекам зашто не се надевам на ништо допрва.
665. Ведрината на духот во игра создавачка.
666. Живее љубов во вреден живот.
667. Никој како нас додека грабиме несопирливо напред.
668. Ќе нѐ биде додека нѐ бидува.
669. Од односите меѓу нас најмногу зависи меѓусебното однесување.
670. Слушни и кога ти е знајно. Може да биде доречено.
671. Не е добра вода неистечна. Значи е застоена.
672. Од добар до најдобар со подобар.
673. Секој има свој свет. Истовремено и согласен и сопоставен на друг.
674. Животната одлука неретко е судбоносна.
675. И хаосот има систем. Или имал додека се создавал.
676. Излегле од контрола, а не се научиле на самоконтрола.
677. Невините жртви се сѐ повеќе само број.
678. Рожбата е здрава во здраво семејство.
679. Мое е да создавам и мое е создаденото.
680. До здравјето ти е штом се уморуваш пребрзо и при мала работа. Знаеш, а не веруваш, а се силиш.
681. Секогаш има време за почнување без продолжување.
682. Каква е таа љубов неизразена, а докажана?! Да не е таена?
683. Никогаш не ѝ се изнагледувам на природна внатрешна убавина.
684. Барем да се сакаме искрено., а не да бидеме меѓусебно лицемерни и злосни.
685. Светот го запознаваме за во него да го затврдиме нашето постоење.
686. Многу лаги и фалсификати во минато кое не е сосе денес.
687. Не сме заедно, а сме свесни дека не можеме едни без други.
688. Итаме кон неизвесно утре!
689. Во светот се случува пресврт за кој не сме подготвени. Како што не сме биле за многу досегашни, а поради што сме многу назад.
690. Ем се слушаме ем не си веруваме. Па си зборуваме самите на себе.
691. Никој не знае толку многу и толку малку како ти.
692. Правено-недоправено, крпено-недокрпено, подносливо-неподносливо, постојно-недостојно.
693. Во меѓувреме некое друго време. На кое не можеме да му се прилагодиме.
694. Сѐ повеќе обессилени од долготрајни навалици на грижи.
695. Дозволуваме животот да минува крај нас!?
696. Секој мачно и тешко зашто никој со никого.
697. Како да беше вчера, а беше одамна. Тоа дека во меѓувреме се заборавивме.
698. Ништо не вреди без љубов.
699. Моите патишта водат до мои цели.
700. Сторено зло се пренесува од колено на колено. Сѐ додека некако не се надмине.
701. Не се пропаѓа достоинствено. При сеопшто пропаѓање најпрвин се ништи достоинството.
702. Семејни вредности во здраво и животворно семејство.
703. Пресврт за напредок, не за натамошна деструкција.
704. Не е можен никаков систем на вредности без изградени критериуми за вредното и убавото.
705. Основен предуслов за непореклив квалитет на животот е заедништвото.
706. Меѓузависност:
Одгледување-Воспитание-Образование.
707. Незрелоста е пред сѐ поради прерано зреење.
708. Модерно општество што се движи напред ја почитува и ја негува својата традиција.
709. Има содржини во животот кои ги менуваат само формите.
710. Работата и творештвото се слични исто колку што се различни.
711. Во затврден систем на вредности нема место за ефемерности.
712. Години и години непрегор за на крајот нешто за ништо.
713. Потомци, до каде со заборавени предци?
714. Сечиј опстанок најмногу зависи од дадена и возвратена љубов.
715. Се прилагодуваш затоа што немаш мудрост и сила да се спротивставуваш.
716. Разликата меѓу мене и вас е во тоа што сум јас пред вас.
717. Убавината обзема. Не се пренесува.
718. Што сакав да речам? Тоа што го реков!
719. Изразот е суштествен. Маргинални се начините и средствата кои тој ги користи.
720. Беспоговорноста и понизноста се дел од политикантството. Не од политиката.
721. Со мимикрија ненародната власт се обидува да ги сокрие своите предавства.
722. Секој почеток има свој предвидлив крај.
723. Уште долго? Колку долго?!
724. Ако нешто не може да се постигне брзо, тогаш мора да се знае кога ќе се постигне бавно.
725. Секогаш е голем предизвик дело што живее.
726. Јас те слушам молчешкум, а ти зборувам без зборови.
727. Кога е сѐ во ред, невозможно е да се прави неред.
728. Се разбира, прво денес па после утре со вчера.
729. На секој човек му фали нешто и кога има сѐ.
730. Во права голема љубов материјалното е секогаш последно.
731. Голема празнотија во човек далеку од ближни.
732. На последниот животен крстопат избираш пат кој се надеваш дека ќе те одведе до последната цел.
733. Еден е многу важен за сите затоа што нему му се важни сите.
734. Преслушај се, пресметај се, па направи исчекор.
735. Задните се трудат да ги дознаат меѓусебните задни намери.
736. Големо, недостижно и неразбрано му е делото.
737. Некадарни, а се лакташат.
738. Со шаренило против секакво сивило.
739. Ме прашува човек зошто му кажувам знајни нешта. Му одговосрам зашто нему или не му се знајни или сѐ уште не ги прифатил како свои.
740. Колку е помалку залудно потрошено од личното време, толку е тоа поголемо.
741. Многу труд и трпение за муѓусебно разбирање.
742. Од многу години секогаш малку траги остануваат.
743. Совршенството не е секогаш во едноставноста. Неретко е во мрежа од едноставни нешта.
744. Простаклакот прави најголеми злосторства.
745. Играш на туѓа свирка и се обидуваш да надиграш свои!
746. Постојано паѓаш кон дно, а никако да го допреш.
747. Они живееле во љубов и умреле од љубов.
748. Има прашања кои не бараат одговори.
749. Те зеле под свое оти не си свој на свое.
ДУМАЊЕ НА ГОЛЕМ И МАЛ ЧОВЕК XXVIII







