58. Туѓини
Скрито се собраа
туѓини некои
во густа
длабока шума
меѓу столетни дрвја
со исконски корени
за да се договорат
кој да биде
нивен чекор последен
освојувачки
на земја која одамна
никој не ја брани
како своја.
Се собраа туѓини
скрито
да се договорат
како потоа
да го прослават
својот последен
освојувачки поход.
59. Зад водопад
Едни стојат под пад
на бистра вода од врв
на висока карпа
а ние што дојдовме
од далеку
да се восхитуваме
на шумниот пад
во длабока дупка
навлеговме зад него
па сокриени
како зад завеса
исткаена од капки
и зраци сончеви
ја чувствуваме
неговата
внатрешна музика.
60. Грубости
И јас можам да сведочам
дека траеше долго долго
битката
меѓу убавини и грубости
во која
ту едните ту другите
победуваа
па бидуваа победени
а меѓу две премалувања
си ги лечеа ранетите
и ги погребуваа мртвите.
Не ме прашувајте како
на грубостите им успеа
да ги поразат убавините
конечно.
Немам зборови со кои
би ви одговорил.
СЕКИДНЕВИЕ, Расположение, поезија/припеви







