Потребно време за читање: 2 минути

Во својата годишна порака по повод Светскиот ден на театарот 27. март Џесика А. Кава, артистка, режисерка и активен хуманист од Уганда потенцира дека и покрај свеста за моќта на театарот молчиме и им дозволуваме на владетелите на оружјето да бидат нашите чувари на мирот:

„Како можат орудијата на изолирање и на оттуѓување да бидат средство за мир и помирување? Ве повикувам да размислите за оваа можност и да го прифатите театарот како универзално средство за дијалог, општествени промени и реформи.

Со активно учество на секој од нас, театарот може да привлече и да ги поттикне луѓето да си ги преиспитаат ставовите. На овој начин тој му дава можност на секој поединец за нов почеток со новооткриените знаења и со вистината. За театарот да се развива и да напредува покрај другите уметнички форми, ние треба да направиме храбар чекор напред за да го вклучиме во секојдневниот живот, во решавање на критичните проблеми на конфликти и помирување“.

Прочитај и за ... >>  Сегрегација во Македонија

Годинава македонската порака ја напиша режисерот Александар Поповски. Тој својот театар го нарекува театар на слободен пад-територија ослободена од законите на гравитација и законите на општеството:

„Не ја признаваме економската логика како театарска логика и застануваме на барикадите бранејќи го театарот како економска слободна зона. Не прифаќаме дека само економскиот исплатлив театар е вистински театар. Не прифаќаме извештаите за продадени билети да бидат мерило за успешноста на театарот. Должност на државата е да го финансира театарот и да го остави надвор од екомската логика…

Единствениот суд и меч под кој треба да биде ставена нашата глава е мечот на Хамлет…

Не го признаваме судот на политиката и нејзините ставови. Политиката мора да остане надвор од театарските згради…

Во овој момент е поважно театарот да ја инспирира стварноста, отколку да биде инспириран од неа. Поважно е да предизвикаме емоција отколку да задоволиме нечиј вкус“.

Притоа потенцира дека ќе победи оној што ќе го создаде убавиот свет и повторно ќе го открие убавото:

Прочитај и за ... >>  Инаугуриран новиот Претседател на Република Македонија

„Затоа мора да се ослободиме. Да се ослободиме од се она на што денес стои овој стварен свет околу нас. За да можеме да му го дадеме на истиот тој свет она кое толку му недостига и она по кое тој потајно копнее. Да му ја вратиме славата на убавото. Тоа е театарот во кој верувам. Во него слоботата е врвен принцип. Слободниот пад е единствена состојба, а пронаоѓањето на убавото единствена цел“.

Светскиот ден на театарот е востановен во 1962. година и се одбележува во стотина земји од националните театарски институти. Секоја година истакната личност од театарот пишува меѓународна порака во име на Интернационалниот театарски институтот, што УНЕСКО го формирал во 1948 година. Таа се преведува на повеќе од 20 јазици и им се чита на гледачите пред почетокот на претставите во театрите низ светот.

Македонскиот театарски институт се придружи на одбележувањето во 1997. година и оттогаш и личност од областа на театарот во Македонија пишува национална порака, која заедно со светската се чита на денот на театарот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here