Потребно време за читање: 4 минути

Во Охрид започна 14-от Меѓународен славистички конгрес. Тој е еден од најголемите научни собири организирани годинава кај нас и во регионот. Учествуваат 750-мина слависти од 40 земји, а ќе трае ди 16-ти овој месец.

Во обраќањето пред присутните претседателот на Меѓународниот славистички комитет, академик Милан Ѓурчинов, истакна „залагањето за вредностите на морален и духовен план, со кои словенството некогаш и денес било и е толку сродно, не е никаква утопија и не значи одбегнување на сегашниот и реалниот свет во кој живееме, туку обратно – свртеност кон него таков каков што е, со сите негови светлини и опачини, прифаќање на неговите реалности и подготвеноста да станеме негови активни, но и критички партиципиенти“.

Ѓурчинов истакна дека ниту еден конгрес не може да даде конечни одговори, ниту на старите се уште отворени, ниту на новите прашања што се поставени на дневен ред.:

„Но, ние можеме како луѓе на науката, прифаќајќи ги новите сознанија и аргументи, да се доближиме до вистината, да ги отстраниме во минатото напластените заблуди и предрасуди, и тоа да го сториме како припадници на славистичката наука и на словенството кое поседува свои автохтони вредности, кои и денес и во највисокоразвиениот свет се ценети и од кои тој свет има потреба на патот кон сеопштиот и вистински напредок на сето човештво“.

Учесниците на Конгресот ги поздрави покровителот на оваа манифестација, Претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски, кој истакна дека „одржувањето на овој голем и важен собир за Македонија претставува исклучително признание на глобалната лингвистичка наука, за значајноста на нашата улога и придонес меѓу словенските држави и наедно претставува указ на почит на придонесот на македонската култура, духовност и јазик кон сесловенската писменот, култура и духовност“.

Прочитај и за ... >>  Во нов „лов“ на Венецијанскиот лав

„Денешниот свет се води од тенденцијата за обединување во сите аспекти на животот, а единствен предуслов за остварување на оваа универзална цел е со изучување на културните идентитети на другите нации преку водење отворен и толерантен дијалог. Научниот приод кон проучувањето на културните и духовните вредности од минатото и сегашноста, на локалните јазици и култури, но и на далечните културни традиции, придонесува во градењето заедничка и достојна иднина на светската заедница која се темели врз ултимативните универазлни, духовни и морални вредности“, нагласи Црвенковски.

Академик Георги Старделов, претседател на МАНУ, верува дека нема посоодветно место за ваков конгрес од Охрид, каде што се создаде Охридската книжевна школа:

„Да не се случеше создавањето на словенското писмо, на глаголицата и кирилицата овде, во нашите краишта, можеше да дојде до исчезнување на словенскиот род. Во таа смисла, македонската палеославистика треба да даде одговор на некои и кај нас присутни тенденции за наша десловенизација, што ја разградува темелната смисла на нашиот културен, верски и национален идентитет“.

Славистиката како наука се појавува во 19-от век, истовремено со националното будење на словенските народи и обидот да се воспостави комуникација во словенската заедница- помеѓу народите во Белорусија, Бугарија, Македонија, Полска, Русија, Словачка, Србија, Украина и Чешка. Движењето е познато и како „Пан- Славистик“.

Во најшироко и најцелосно значење таа е комплекс на науки за словенските јазици и книжевности, за историјата на материјалната и духовната култура на Словените, како и за нивната политичка и економска историја. Во најтесно значење, пак, таа е наука за словенските јазици и култури создадени на тие јазици.

Прочитај и за ... >>  Неуспешна приказна

Според одделни словенски јазици и книжевности, славистиката се дели на белорусистика, бохемистика, бугаристика, македонистика, полонистика, србистика, кроатистика, словакистика, словенистика, русистика, украинистика.

Науката за старосоловенскиот јазик понекогаш се нарекува палеославистика, науката за лужичкосрпските јазици и книжевности- собаристика, а науката за русинскиот јазик и книжевност се нарекува русинистика.

Во рамките на Конгресот во Охрид за полноправни членки на Меѓународниот славистички комитет ќе бидат промовирани Турција, Босна и Херцеговина, Шпанија и Народна Република Кина, а ќе биде организирана и изложба на повеќе од 3.000 научни дела од областа на славистиката што ќе останат во трајна сопственост на Република Македонија.

Славистите ќе дискутираат на многу научни теми, а голем дел од над 700 трудови на странските слависти се со македонска тематика.

Грција е единствената земја која нема свои претставници на конгресот, иако до неа биле испратени две покани, но Грчката славистичка комисија го поздрави одржувањето на Светскиот славистички конгрес во Охрид со писмо до претседавачот, академик Милан Ѓурчинов, потпишано од новиот претседател Тарнанадис. Тој, како што информираше Ѓурчинов, го поздравил конгресот во Охрид и изразил жалење што, поради некои моментни околности, не бил во состојба да дојде и да учествува во научната расправа. Според Ѓурчинов, писмото претставува „позитивен сигнал во натамошната расправа со Грција за прашањата за кои постојат одредени разлики“.

Помеѓу учесниците е и Доктор Виктор Фридман, познат американскиот славист. Како добар познавач и на македонскиот јазик, историја и култура, Фридман во интервју за БиБиСи зборува за неговите размислувања во врска со грчко- македонските преговори околу името и стравот од последиците по идентитетот и јазикот на македонскиот народ:

Прочитај и за ... >>  Треба ли да не учат како да гласаме?

Како странец, ја знам целата историја, би рекол дека Грција е во позиција на моќ и нема зошто да се плаши од Македонија, нема причина Република Македонија да не остане таква, така мислам.

Македонскиот идентитет и македонскиот јазик е афирмиран како таков во лингвистичкот свет, се знае дека македонскиот јазик е тоа што е. Не само како јазик туку се зборува и во други земји. Ако решението е нешто друго, сепак македонскиот јазик ќе остане македонски јазик. Кога се работи за јазикот, името на јазикот е тоа што е, но сепак имињата на јазиците се менуваат. Пред 200 години грчкиот јазик се викаше ’ромаика’ – римјански, значи пред 200 години Грците беа Римјани. И така…имињата се менуваат. Македонците живеат во Македонија, се викаат Македонци и толку.

Мислам дека не е голем проблем. Во Русија велат дека се Руси а не славо-Руси, иако во Русија живеат секакви народи. Нема проблем, Славјаните да се викаат Руси, другите да се викаат нешто друго. Може исто така и со Македонците и другите што живеат во Македонија. Јас мислам дека ако не се кажува славо- Руси не треба ниту Славо- Македонци и за Македонците“.

На новинарско прашање за тоа како би го оценил ставот на Европската унија во однос на прашањето, Фридман вели дека се сеќавал кога се распадна Југославија, Македонија беше единствена која ги исполни сите услови за признавање, а не се признава од Европската унија.

„Јас ја гледам ЕУ како нешто не многу доследно“.

Меѓународниот славистички комитет следниот, 15-ти Светски славистички конгрес да се одржи во Белорусија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here