Потребно време за читање: 5 минути

Зороастрејците се следбеници на религијата наречена според нејзиниот основач, пророкот Заратустра (Зороастер). Нивната традиција досегнува длабоко во минатото, до почетокот на пишаната историја на Иран, каде што зороастризмот долго бил официјална религија. Меѓутоа, денес вкупниот број на зороастрејци во светот одвај надминува 100.000, од кои најголемиот дел од нив живеат во Индија и Иран.

По исламското освојување на Персија оние што и останале верни на старата религија претставувале малцинство, често прогонето, чија бројност непрестано опаѓала во текот на 13 века. И покрај тоа, зороастрејците, кои се помалку од еден промил од населението на Иран, односно само еден десетти дел од промилот во Индија, имаат мошне висок образовен просек и остваруваат влијание во општеството кое е сосема несразмерно со нивниот број.

Не треба да се заборави на фактот дека зороастризмот одиграл мошне важна улога во драмата на религиската историја на Блискиот исток, бидејќи во некои свои аспекти бил мошне близок до монотоеистичките традиции на јудаизмот, христијанството и исламот.

Две големи преселби на индоевропските племиња се одиграле кон крајот на 2. милениум пр. н.е. Едната од нив ги довела аријските племиња во Индија, каде што тие брзо се прошириле и го освоиле речиси целиот потконтинент. Ним им биле мошне сродни според јазикот племињата кои продреле на запад и новоосвоената територија ја нарекле Иран, што значи „земја на Аријците“.

Религијата на заедничките индо-ирански претци се состоела од политеистички пантеон и жртвен култ што го одржувала класата на свештениците.

Во таков контекст проповедал иранскиот пророк Заратустра. Единствено што со сигурност може да се врзе за него се „гатха“, пет химни од „Авеста“ кои од останатиот материјал во книгата се разликуваат според тоа што се напишани на поинаков дијалект.

Не може со сигурност да се утврди каде и кога живеел. Врз основа на архаичните јазични форми, одделни автори ги датираат „гатхите“ пред 1.000 години пр.н.е., додека многумина зороастрејци се подготвени да тврдат дека тој бил првиот пророк кој одел по оваа планета и сметаат дека живеел повеќе илјади години пр.н.е. Меѓутоа, старата историска традиција изнесува дека живеел помалку од 100 години пред основањето на ахеменидската династија, значи околу 600 г.пр.н.е. Освен тоа, неговото учење, според својот етички карактер, е сродно на учењето на еврејските пророци од приближно истото време. Единствено што може да се каже со сигурност е дека Заратустра живеел некаде во Иран извесно време пред Ахеменид.

Прочитај и за ... >>  Jапонски јазик

Блискоисточната фаза од историјата на зороастрејците започнува со стапувањето на Ахеменид (559-331) на историската сцена. Ахеменидите го признавале Ахура Мазда како врховно божество, но нивните натписи ниту еднаш не го спомнуваат пророкот Заратустра. Свештениците биле познати како мудреци и волшебници (маги), а огнот бил главниот симбол на култот.

Стотина години откако Александар Македонски го освоил Иран, на власт дошла нова локална династија: Парќани (247. пр.н.е.-226. од н.е.). Нивниот култ се засновал на обожување на Митра, божество од индо-иранскиот пантеон, кое и во рамките на зороастризмот имало значајно место. Подоцна култот на Митра се проширил и на Римското царство, кога римската војска се борела против Парќаните, главните соперници на Рим на исток.

Зороастризмот својот класичен облик го добил во времето на Сасанидското царство (226-651). Кон крајот на 3. век тој станал државна религија, најмногу благодарение на трудот на свештеникот по име Картир. Тоа било време во кое се подигани храмови на огнот, собирани и препишувани текстови на „Авеста“ и настанувала книжевност- теолошка, но и секуларна- на пехлевија. Зороастрејскиот верски календар и денес го смета времето од 632. година, кога последниот сасанидски цар Јездегирд стапил на престолот.

Во денешно време три четвртини од сите зороастрејци живеат во Индија, каде што ги нарекуваат Парси. Тие тука се населиле по исламското освојување на Иран и верските погроми кои уследиле. Персискиот еп од 17. век Kisseh-e Sangjan („Приказна за Санѓан“) ги опишува настаните од времето на нивното доселување. Зороастрејските бегалци по морски пат дошле до западниот брег на Индија, каде што локалните владетели ги примиле и толерантно се однесувале спрема нивните верски убедувања.

Патиштата на имиграцијата ги однеле Парсите на сите четири страни на светот. Тие се населувале по големите и прометни пристаништа каде што цутела трговијата (вешти трговци), и тоа најчесто во рамките на британското колонијално царство: во Јужна Африка, Бурма и Шри Ланка, во Сингапур, Хонг Конг и Аден.

Прочитај и за ... >>  Цивилизацијата на Инките

Околу 3.000 Парси денес живеат во Англија, главно во Лондон, додека на северноамериканскиот континент нивен најважен центар е Торонто, каде што ги има нешто повеќе од 1.000.

Зороастрејците во Иран се одржале во мали и зафрлени села во близина на Јазд и Кирман. Бидејќи во 20-тите години на 20. век, благодарение на модернизацијата што ја спроведувал шахот Реза, дошло до поумерена верска политика, многумина од нив се населиле во поголемите урбани центри, особено во Техеран. Меѓутоа, нивната положба е повторно доведена под прашање по доаѓањето на власт на ајатолахот Хомеини и муслиманските фанатици во 1979-та година.

Зороастрејците веруваат во Бога, чие име на авестички гласи Ахура Мазда („Мудар Господ“), додека во пехлевија се јавува во скратен облик како Охрмазд. Тој претставува единствено врховно суштество. Меѓутоа, во зороастрејската традиција се појавуваат и други божества од стариот индо-европски пантеон, на пример Митра, кои имаат второстепена положба.

Постојат и седум божествени атрибути кои се манифестираат како „свети бесмртници“ (Amesha Spentas): мисловна правилност, уреденост, севластие, посветеност, целовитост, бесмртност и свет дух. На сличен начин како и во христијанската доктрина на Света Троица, тие се сфаќаат како персонификации на божествените особини и се спомнуваат во гатхите во различни контексти, иако во нив на ниту едно место не се системски изложени.

Се верува дека постојат мноштво добри духови на кои им се спротивставени зли. Борбата помеѓу доброто и злото е постојана, а правоверните мораат да ја изберат добрата страна, и тоа не само за по смртта да бидат наградени како праведници, туку и за доброто да може да победи во светот. По смртта, духот на починатиот го преминува мостот Чинват („Мост на оној кој раздвојува“), кој се шири кога ќе наиде духот на праведникот за да мине без проблеми, но се собира и станува тесен како острица на брич кога ќе наидат зли души кои така паѓаат во пеколна бездна.

Прочитај и за ... >>  Јапонска книжевност

Етиката има мошне важно место во зороастрејското учење. Се нагласува важноста на личната чесност и настојувањетро да се постигне хармонија на сите живи суштества во природата, односно на сите луѓе во општеството. Тоа значи дека светот и овоземскиот живот го прифаќаат и го сметаат за добар, а за аскетизмот нема место во рамките на зороастрејската традиција. Притоа постои опасност од физичко загадување на светот и затоа е потребно да се извршат сите потребни обреди за да се зачува неговата чистотија.

Кулите на тишината се објекти со цилиндрична форма, отворени кон небото, што служат за изложување на телото на покојникот во традиционалните заедници на зороастрејците во Азија. Тие се оддалечени од старите градови за телото изложено на воздухот да може непречено да послужи како храна за грабливците, а сонцето да ги избледи коските.

Овој обичај потекнува од зороастрејската концепција на чистотијата: тоа е единствениот добар начин да се избегне загадувањето на традиционалните елементи со мртвото тело: на земјата и водата при инхумација, а на воздухот и огнот при кремација. Оваа практика е наедно и демократска: сиромашните и богатите, еднакви пред смртта, се покриваат само со бело платно, а и тоа се вади при внесувањето на телото во кулата.

Денешниот развој на градовите се заканува да го уништи овој обичај: кулите на тишината се опкружуваат со населби што ги растеруваат мршојадците, како што е тоа случај во Бомбај, кајшто живеат повеќе индиски Парси.

Во 19. век зороастрејските населби во урбаните центри на Индија и надвор од неа имале и свои гробишта наместо кули, макар што во Коломбо (Шри Ланка) овие гробишта се оградени со кружен ѕид, реминисценција на поранешната практика. Во Иран употребата на кулите е забранета со указ на Владата од 1970-та година, па оттогаш во зороастрејските населби се подигаат гробишта.

И во минатото доаѓало до менување на ритуалот: древните персиски кралеви не биле изложувани во кулите, туку погребувани во гробови, а традиционалниот персиски поим за кулата-dakhma-најверојатно е изведен од коренот dhmbh кој имплицира повеќе погреб отколку кремација или изложување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here