Жената која ја создаде филмската комедија

0
45

Мејбел Норманд (Mabel Normand) беше најголема комичарка на немиот филм. Ја нарекуваа Кралица на филмската комедија и Женски Чаплин. Беше единствена и специфична, пред сѐ поради своите улоги во времето на настанување на филмската индустрија. Историјата на немиот филм тешко дека ќе може да се напише без нејзиното име. Често ја споредуваа со други комичари, што беше мошне тешко, оти Мејбел „не беше од овој свет“.

Нејзината болест и несреќниот живот ја спречија да го искаже сиот потенцијал, иако во комедиите покажуваше неверојатен распон на емоции и изразност.

Родена е во Њујорк и живеела во мошне сиромашно семејство. Пред да почне да се занимава со филм, за живот заработувала така што позирала за разгледници кај прочуениот уметник Чарлс Дан Гипсон (прочуени се „Гипсоновите девојки“ кои ја претставувале убавината и независноста на американската жена на почетокот од 20. век), како и кај Џемс Монгомери Флаг (познат според постерот за регрутација „I want you“).

Почнува како статистка за „Kalem Film Studios“. Набрзо добива постојана работа кај Д.В. Грифит, каде што го запознава режисерот Мек Сенет, со кој била и во љубовна врска (која била на граница на скандал). Мек Сенет го основа „Кистон“ во 1912. година. Заедно работат на воспоставување на нов жанр-слепстик комедија.

Филмската кариера ја почнува како убавица, но Сенет мошне брзо согледува дека Мејбел е родена комичарка и таа мошне брзо станува ѕвезда на кратки филмови. Била пионерка на новиот тип на комичен лик на филмот.

До појавата на Мејбел, комичарите освен глума морале и да изгледаат смешно: од облеката до шашливи очи. Мејбел ја восхити публиката со комбинација на својата убавина и убиствените гегови.

Нејзини филмски партнери беа Фети Арбакл и Чарли Чаплин.

Кога дошол Чаплин во „Кистон“ компанијата, во 1913. година, сиот занает го научил токму од Мејбел.

Својот талент го покажува и преку режија на неколку Чаплинови рани филмови. Урбаната легенда вели дека таа е првата личност која фрли пита в лице на филм (што подоцна беше главен детал на сите неми филмолви). Нејзиниот талент беше мошне голем и важеше за една од најперспективните комичарки на тоа време. Мејбел режирала и целовечерни филмови, дури и пред Арбакл или Чаплин.

Со Чаплин го снима филмот „Tillie’s Punctured Romance“ во 1914. година и станува голема филмска ѕвезда. Филмскиот магазин во 1915. ја прогласува за најдобра комичарка, додека најдобар комичар бил Чарли Чаплин. Најдобра глумица таа година била Мери Пикфорд.

Била верена за Сенет, но никогаш не се венчале. За возврат, Сенет ѝ помага да отвори сопствено филмско студио во Калвер Сити, Калифорнија, во 1916. година. Во тие години била мошне професионална, сите сцени во слепстик комедиите ги работела сама, без дублер, па постојано била во модринки.

Најголем хит бил нејзиниот филм „Мики“ во 1918. година, додека насловната песна од филмот била мошне популарна, па ја изведувале многумина пејачи и оркестри во 20-тите години на минатиот век. Многу вложила во овој филм и некако „Мики“ станал Мејбел. За време на снимањето на филмот тешко се разболува.

Набрзо ги раскинува сите односи со Сенет и потпишува договор со Семјуел Голдвин. Мошне брзо почнува да живее живот типичен за ѕвездите од тоа време, што додатно влијаело на нејзиното веќе нарушено здравје.

Мејбел станува психички мошне нестабилна. Огромни количества на алкохол во комбинација со разни наркотици ѝ ги загрозуваат и кариерата и здравјето. Се впушта во разни љубовни афери со сомнителни мажи.

Нејзиниот раскин со Сенет ја натерал Мејбел добро да размисли за својот живот и почнува сериозно да се занимава со сопственото образование, почнува многу да чита. Режисерот Вилијам Десмонд Тејлор, со кој ја делела љубовта спрема книгите и филмот, се обидува да ѝ помогне во нејзината борба против разни зависности. Тој во тоа време бил многу познат и успешен.

Интересно е дека главната јунакиња во филмот „Булевар на самракот“ доби име Норма Дезмонд според неговото средно име и името на неговата најдобра пријателка Норманд.

Мошне брзо стануваат многу блиски пријатели. Вилијам Десмонд Тејлор е убиен во 1922. година, 15 минути откако Мејбел ја напуштила куќата. Таа последна го видела жив и поради тоа била под опсежна истрага како на поолицијата, исто така и на медиумите. Убиството никогаш не е расветлено.

Медиумите сѐ почесто пишувале за нејзините испади во јавноста и за дрогите. Кариерата почнала драстично да и бледнее. Нејзините филмови стануваат сѐ поозлогласени. Многу што ги работела со Фети Арбакл додатно стануваат неподобни, оти и самиот Арбакл бил учесник во многу скандали, како и неговата вмешаност во смртта на глумицата Вирџинија Рап.

Како да не ѝ биле доста скандалите, набрзо нејзиниот шофер Џо Кели (поранешен осуденик) ранил еден од многуте нејзини љубовници, Куртланд. И тоа од пиштол чиј сопственик била таа.

Неколку години не снимала филмови, а тогаш нејзинот поранешен режисер Ф. Ричард Џонс одлучил да ѝ даде шанса и благодарение на него потпишува договор со „Hall Rouch Studios“ во 1926. година. Снима неколку филмови, но и покрај големата поддршка на луѓето од светот на филмот (особено на нејзината добра пријателка Мери Пикфорд), филмовите многу лошо минувале во кината. И така, по повеќе од 250 филмови, нејзината кариера дошла до крајот.

Истата година се мажи, но нејзината здравствена состојба станувала сѐ полоша. По подолг престој во болница умира од туберкулоза во 38-мата година од животот, во Калифорнија.

Мејбел Норманд има своја ѕвезда на Холивудската патека на славните, број 6.821, за нејзиниот придонес во филмот.

Во средината на 70-тите години на 20. век на Бродвеј е поставен мјузикл заснован на нејзината љубовна врска со Сенет, под називот „Мек и Мејбел“.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion