заби zabi
Потребно време за читање: 3 минути

Треба да се знае сѐ за забите за да се знае да се чуваат, да траат што е можно подолго. Да не се расипуваат, да не се трошат. Да се знае и она што се мисли дека се знае, а всушност не се знае.

На пример, дека забите го имаат следниов анатомски состав: круна, врат и корен; потоа дека нивна основна маса е дентинот. Круната е обложена со цаклин (забен емајл), а коренот со забен цемент. Во средината на забот се наоѓа забен канал исполнет со пулпа, низ која минуваат нервни и крвни жили.

Некои животни ги менуваат забите во текот на целиот живот, некои никогаш, а некои (помеѓу нив и човекот) само еднаш во текот на деството и младоста (млечни и постојани заби).

Потсетник:

Во устата на човекот има вкупно 32 заба наместени во длабнатини (алвеоли), на горната и на долната вилица по 16. Според обликот, тие се делат на: секачи (инцизиви)-4, песјаци (канини)-2, преткатници (премолари)-4 и катници (молари)-6. Двата крајни катника обично се нарекуваат “заби на мудроста”.

Растењето на млечните заби, вкупно 20, почнува кај детето од 6-тиот до 9-от месец, а обично завршува во половината на 3-тата година. Губењето на млечните заби и пробивањето на постојаните (што се развиваат веќе од првата година на животот под млечните) почнува од 6-тата до 8-та година и трае до 24-тата.

Прочитај и за ... >>  Сушноста на национализмот

Најчести болести на забите се: кариес, пулпитис, гангрена гранула, апсцес, забни цисти (парадентоза).

Редовното миење на забите и чистење со забен конец не ја одржува само хигиената во устата, а освен што ја спречува појавата на парадентоза, ја намалува и опасноста од мозочен и срцев удар.

Истражувачите од Минесота откриле дека лицата чија усна празнина е преполна со бактерии кои се причинители за парадентоза, имаат и стеснети каротидни артерии. Научниците објаснуваат дека микроорганизмите кои се причинители за парадентоза влегуваат во крвотокот, патуваат низ телото, предизвикуваат реакции на имунолошкиот состав и доведуваат до воспаление.

Воспалението предизвикува зголемено собирање на масен талог во артериите и згрутчување на крвта, што може да бидат причина за срцев удар.

Заклучокот на научниците е дека зголемената грижа за хигиената на усната празнина може значително да влијае на здравјето на срцето.

А консумирањето на безалкохолни пијалаци од лименки и вода од шишиња наместо од чешма лошо влијае на здравјето на забите, предупредуваат австралиските научници.

Резултатите од студијата на Австралиското здружение на стоматолози покажале дека крвавењето на забите е за 71% поголемо кај лицата кои консумираат од лименки и шишиња наместо да пијат вода од чешма.

Водата од чешма содржи флуор кој ги зајакнува забните наслаги, додека кај соковите и водата во шишиња тоа не е случај.

Флуорот во водата е потребен за здравјето на забите, истакна Брус Ноубл, претседател на Австралиското здружение на стоматолозите.

Прочитај и за ... >>  Што е фаларистика, а што филуменија?

Две занимливости:

Со цел да ги поттикне сонародниците на добра хигиена на забите, еден Французин на својот сајт нуди претплата на четкички за заби, што овозможува редовна испорака на нови четкички за заби. Сајтот Brosheadomicile.com, прв од таков вид, е идеја на 30-годишниот Фредерик Жан кој изјави дека за 3 дена имало дури стотина претплатници.

Жан се впуштил во проектот тргнувајќи од фактот дека Французите четкичката за заби во просек ја менуваат 1,5 пати годишно, додека добрата хигиена на забите бара да се купи нова четкичка на најмалку 3 месеци.

Бањалучкиот стоматолог Милан Вујиновиќ најверојатно е првиот човек на светот кој на кучиња почнал да им вградува златни заби. Тој го почнал „експериментот“ уште пред 20-тина години, вградувајќи му златна навлака на својот домашен миленик, руски териер, бидејќи забите му биле оштетени.

Неговиот миленик набрзо потоа настрадал, па Вујиновиќ набавил нов териер кој потворно имал оштетени заби. Со хируршка интервенција му вградил златен заб во вредност од 200 конвертибилни марки.

За симболиката на забите:

Таа е мошне богата. Од Речникот на симболите ги издвојуваме најинтересните значења и толкувања:

Кај Бамбарите, африкански народ што живее во Мали, крај бреговите на среден Нигер, постои поклопување помеѓу забите и окото, оти се аналогно придружени со поимите на интелигенцијата и универзумот. Кај нив секачите се слика на угледот и славата оти се појавуваат на прв план при смеење. Тие се и знак на веселба, а на говорот му даваат израз на младост и радост. Песјаците се знак на работа, на страст, бес и омраза. Катниците, симбол на заштитата, се знак на издржливост и постојаност. Се верува дека луѓето со силни катници се упорни и закоравени (твдокорни) на зборови.

Прочитај и за ... >>  Доказ

Губењето на забите значи лишување од агресивната сила, од младоста и од одбраната. Тоа е симбол на фрустрфација, кастрација и пропаст. Тоа е губење на животната енергија. Здравата и полна уста докажува мажественост, сила што верува во себе.

Според некои текстови, во Ирска забот на мудроста служел при гатање или просветлување на песната. Поетот или јунакот надарен со видовитост под забот на мудроста го става својот палец, го загризува, отпејува една строфа, а потоа на Бога му принесува жртва.

Персиската, а и европската лирика, забите ги споредува со бисери, со ѕвезди или со градоносни врнежи:

Росата како дожд падна од твоите очи
и ги нароси розите (твоите образи)
престорена во град (твоите заби)
што ја радува душата,
ги прободе твоите усни.

Обичајот на дупчење на забите, нижење во гердан и нивно разместување во забало, се објаснува како желба да се трансцендира времето. Тоа го објаснува забот како симбол на времето.

Едно интересно и докажано сознание од страна на психолозите:

Амбициозните луѓе имаат долги заби!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here