За вистинската љубов

0
13

Многумина луѓе би сакале да доживеат „вистинска љубов“, а всушност не знаат што точно се подразбира под тој термин.

Малкумина, пак, можат и да помислат дека таа се крие во ноздрите!

Двајца мудри луѓе-Фридрих Ниче и Франсоа Ла Рошфуко, рекле за вистинската љубов:

„Вистинската љубов размислува за моментот и за вечноста, но никогаш за траењето“;

„Вистинската љубов е како појава на духови: секој зборува за нив, но малкумина луѓе ги виделе“.

Дефинирањето на вистинската љубов е нешто како опишување на боја на лице кое е далтонист-значи, морате да ја искусите. Неа не можете да ја доживеете со разумот, зашто нуди чувства што се резултат на вашата намера да сакате. Тоа е поинаку од желбата некој да ве сака.

Имено,  стручњаците, пред сѐ психолозите велат  дека ако само посакувате нечие внимание, вие сте всушност егоистични и несвесно или свесно сакате со тоа да ја градите својата самодоверба. Вистинската љубов се споделува и порадо ја даваме, отколку што ја добиваме. Таа е она што сте и каква што е вашата душа. Бидејќи најдлабоката желба да му го дадете некому најдоброто од вас го обзема вашето битие, станувате исполнети со љубов колку и со воздухот што го вдишувате.

Како можете да знаете дека она што го имате со вашиот партнер е „вистинска љубов“?

Ако во врската влегувате со чувство на празнина и ниско самопочитување, вие не можете да ја вкусите вистинската љубов. Таа мора да дојде од вас и несебично да му ја дадете на друг. Ако непрестано очекувате вашиот партнер или некој друг да биде прв кој ќе ја даде и ќе ве натера да ја почувствувате, на погрешна трага сте. Вистинската љубов не бара ништо од друго лице. Таа просто се дава неусловено. Затоа, ако сакате да ја искусите во врската, морате да бидете подготвени да ѝ го отворите патот на вашата потреба да сакате и безусловно да им ја дадете на други.

А најновото откритие во врска со неа е:

Многумина забележале дека љубовта е слепа, но се чини дека пронаоѓањето на „вистинската/ вистинскиот“ не лежи во очите и чувствата, туку во нашите ноздри!

Едно истражување покажа дека клучот за влез во долга и среќна врска е нашето сетило за мирис. Научниците за првпат го проучувале влијанието на здравиот нос  врз совршената љубов.

Анализирајќи ги мажите и жените родени без сетилото за мирис, журналот Biological Psychology ги споредил добиените податоци со лица на старост од 18 до 46 години со и без сетило за мирис.

Она што го откриле било дека мажите и жените без сетило за мирис биле помалку сигурни во себе, а  мажите биле значително попогодени кога е во прашање љубовта.

Мажите без сетило за мирис во просек имале две партнерки, во споредба со десет колку што имале оние со совршено оперативни ноздри.

Научниците веруваат дека е тоа така зашто мажите кои не сеќаваат мириси се помалку подготвени да ризикуваат и имаат проблеми кога е во прашање комуницирање со спротивниот пол. Една од причините за тоа би била грижата за сопствениот мирис, бидејќи не можат да го почувствуваат.

Жените во обете категории во просек имале идентичен број на партнери-четири, но оние без сетилото за мирис биле значително понесигурни и повеќе се сомневале во партнерот.

Она што е значајно е дека жените без сетило за мирис немале вакви проблеми кога се во прашање пријателите, што покажува дека мирисот е клучен при изборот на партнерот.

Сетилото за мирис е едно од најмалку истражените сетила, но научниците полека почнуваат да ги откриваат сите негови улоги во различни сфери на животот.

Една студија открила дека жените многу повеќе ги загрижува мирисот на потенцијалниот партнер отколку неговиот изглед, како и оти 13% мажи и 52% испитани жени спиеле во облеката на партнерот поради неговиот мирис.

Може ли ова откритие да се поврзе со начинот на бакнување на Ескимите?

Имено, првите истражувачи кои го посетиле Арктикот и на светот му го пренеле сознанието дека тие се бакнуваат триејќи си ги носевите, не „гледале“ добро. Всушност, тие се бакнуваат така што ги допираат носот и усните за кожата и бавно дишат. Бакнежот се вика куник.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion