Политичката мисла е во тесна врска со развојот на општеството како широко одредувачка рамка во која се одвиваат политичките процеси, а кои на своевиден начин се составен дел и на самата политичка теорија.

Политичката наука  и филозофијата на политиката често ја истакнуваат противречноста помеѓу претполитичките, теократските состави на животот на старите цивилизации на Истокот, и политичките темели на модерната цивилизација што изникна во античка Грција. Без оглед што и подоцна, од средниот век до денес, оваа противречност ќе се јавува во низа преодни облици, самата политичка теорија секогаш ќе го вреднува првенствено растот на политичката сфера како подрачје на реализација на општествените вредности, наспроти  сите облици на трансцендирање на таа сфера во разни теолошки и утописки решенија за смислата на оппштествената заедница.

Во средиштето на таквото определување на политичката мисла, на Западот се наоѓа политичката теорија на демократијата, како темелна вредност на политичкото општество чија историска реализација наедно претставува смислен  пат на развој на човекот како општествено битие.

Врв на античките расправи за политиката претставува Аристотеловата „Политика“. Во ова негово капитално дело целосно се засноваат  и интерпретираат основните аспекти на политиката како наука и како практика; политиката се истражува како реалитет на различни емпириски облици на власт во државната заедница и како наука за природата, функцијата и целите на таквата заедница. Тој двовиден план, издвоено и во целина, ги карактеризира и подоцнежните „политики“, кои се движат од истражување на позитивните емпириски модели на власта  спрема изградбата на разни теории за општеството. Во тој распон обично се разгрануваат  и двата главни меѓусебно поврзани израза на политичката мисла: политичката наука (поолитологија), како збир на теории и сознанија за претежно емпирискиот супстрат на политичките облици на општеството и историскиот развој на тие облици, и филозофија на политиката, како наука која ги разгледува човековите вредносни остварувања во рамките на животот на политичката заедница.

Поимот политичка држава  го опфаќа нејзиниот устав, и тој поим се разликува од поимот држава според тоа  што поимот држава го опфаќа односот на една држава спрема други држави како посебни  територијални и општествено-политички целини. Според нововековното природно право, законите на државите како заедници  на умни суштества се темелат на умот како заедничко својство  на човечкиот род. Повеќето од современите држави членки на ОН се организирани на политичко начело.

Освен политички држави, постојат денес и оние што се втемелени на други начела: на национално, религиозно или на расно. Во таквите држави  луѓето не се слободни граѓани  затоа што с луѓе, туку затоа што припаѓаат на одредена вера, народност или раса.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion