Doll Girl Toy Blonde Pretty Barbie Female
Потребно време за читање: 6 минути

Иако извесно време инсистирав на русокоси, во вицевите за нив (само во нив) прифатив да ги третирам како плавуши, а со оглед на овој „вицерски“ масовно прифатен србизам (не и усвоен во македонскиот јазик). Патем, во нашиот јазик е прифатен зборот „блондинка“ (англиски blonde).

Нејсе, вицевите за „плавуши“ се посебна категорија која во која било анализа на феноменот на вицот заслужува посебен третман. Ова што следи (преземено од Интернет) е само почетна „прибелешка“.

Иако нема докази, наводно првите вицеви за плавушите настанале во 18. век, и тоа благодарение на убавата француска куртизанка Розали Дуте (Rosaile Duthe) која зборувала исклучително бавно.

Како што вели преданието, Дуте толку долго размислувала што луѓето околу неа мислеле дека е ментално заостаната, па нејзиниот чуден начин на изразување бил тема на сатиричната претстава „Les Curiosites de la Foire“, поставена на една париска сцена во 1775. година.

Комедијата наводно била толку смешна што Парижаните ја полнеле салата со недели, па набрзо им станало навика да ја исмејуваат Дуте и сите дами кои потсетувале на неа.

А поврзано со вицевите е прашањето зошто плавушите се фатални за мажите. Некои тоа го поставуваат како „контра“. Сеедно. Важни се деталите:

Русокосите девојки и жени (блондинки)-плавушите, за чија „сомнителна“ интелигенција секојдневно се измислуваат вицеви, најпосле стасаа и до универзитетот. И тоа не до кој било, туку до-Сорбона! Во прочуената француска академска установа ги доведе претпоставката дека се тие фатални за машкиот род. Дали се?

Плавушите отсекогаш и секаде ги привлекувале мажите, било косата да им е пепелава или со боја на старо злато. За да го испитаат тој феномен, Мари-Камиј Бушендом и Тристан Гринберг, основачи на асоцијацијата „Гадива“ (чија цел е на млади истражувачи, уметници и студенти на општествени науки од целиот свет да им даде можност отворено да разговараат за оригинални, па и скокотливи теми), минатата година организираа меѓународна конференција со наслов „Мажите повеќе сакаат плавуши“, позајмен од холивудскиот хит. Почесно место и беше дадено на најпознатата плавуша на светот Мерлин Монро.

Многубројни стручњаци за книжевност, сликарство, музика и филм ја разгледаа вековната опседнатост на посилниот пол со русокосите жени. Од римската божица на љубовта Венера, родена од морска пена, која со русите кадрици ја прикрива својата голотија, преку ангелски убавата фра Анѓеликова „Мадона“ и невините русокоси принцези од детските бајки, до извиканите убавици на поп културата, плавушите отсекогаш биле предмет на машката страсна желба која повремено, како кај славните режисери Алфред Хичкок, Дејвид Линч, Буњуел или Брајан де Палма, се претвора во опседнатост. А и да не ги спомнувам плавушите на платната на големите мајстори како што се Тицијан и Ботичели, или оние што во своите дела ги опишале најпознати светски писатели во своите романи. На пример, на Бодлер му се припишува прочуената реченица: „За да биде обожувана, жената треба да има коса со боја на злато“.

Прочитај и за ... >>  Најосамена телефонска говорница

Мудрите глави од Сорбона заклучиле дека русата коса кај повеќето мажи навистина ја поттикнува сексуалната желба и тој факт го објасниле со амбивалентната симболика на плавушите кои мажите истовремено ги доживуваат како симболи на невиност, но и перверзија.

Едно ново антрополошко истражување открива дека плавушите се појавиле на крајот од леденото доба во северна Европа, со намера на бринетите и црнките да им ги преземат мажите. Во студија објавена во списанието „Еволуцијата и однесувањето на луѓето“ се вели дека првата плавуша е родена пред 10.000 години, и тоа по сила на приликите. Имено, поради недостиг на храна по повлекувањето на ледот и опасностите при ловот на бизони, елени и мамути, мажите во северна Европа биле десеткувани, па на жените им било тешко да пронајдат партнер. Таа ненадејна промена на бојата на косата и депигментацијата на кожата на жените на северот на Европа се покажала корисна. На прапредоците на мажите плавушите им се допаднале, па нивниот број растел со неверојатна брзина. Биле потребни само 30.000 години за да се „роди“ плавуша, а за споредба просечното време потребно таквата генетска мутација да се појави по природен пат и да се прошири помеѓу популацијата е 850.000 години.

Меѓутоа, податоците на Светската здравствена организација зборуваат дека на плавушите деновите им се избројани! Ќе постојат уште само два века, а потоа засекогаш ќе заминат во легенда. Се разбира, се мисли на природните блондинки. А бојосаните? Тие ќе бидат секогаш. Откога е усовршена формулата на руса боја на косата, бројот на плавушите, особено платинестите, со секој нов ден е се поголем. Сите жени би сакале на нив да прејде дел од славата и фаталноста на Мерлин Монро, Џин Харлоу, Џејн Менсфилд, Грејс Кели, Брижит Бардо, Катрин Денев, Мадона, Шерон Стоун, Ким Бесинџер, Риз Витерспун, Памела Андерсон.

Стручњаците твердат дека жените сакаат да имаат руси коси зашто сакаат да бидат забележани. Да се биде плавуша, тоа е како да имате рефлектор кој ве следи во чекор. Како што тврди научничката Дајан Кајл од Калифорнискиот унвиерзитет, додека тоа ги прави привлечни во очите на мажите, на жените може да им претставува потешкотија во светот на бизнисот и кариерата. Навистина, ако плавушите се сфатени како жени кои непрестано се бакнуваат и смешкаат, како да се доживеат како способни деловни жени?

Прочитај и за ... >>  Најбизарни занимања на сите времиња

Стручњаците утврдиле дека русокосите жени се чувствуваат попривлечно, полесно му приоѓаат на спротивниот пол и се понаклонети кон авантуризам в кревет. Освен тоа, бојосаните плавуши побрзо ќе соберат храброст да одат кај шефот и да побараат зголемување на платата, а и ќе им се спротивстават на роднините и пријателите- така укажува студијата која се занимавала со испитување на влијанието на бојата на косата врз расположението. Доктор Марк Серџент, кој спровел истражување на Нотингем Трент универзитетот, го истражил однесувањето на 200 жени пред и по бојосувањето на косата. Забележано е подобрување на расположението кај испитаничките по осветлувањето на косата, пораст на самодовербата и чувството на привлечност, како и засилена сексуална активност. Доктор Серџент вели дека жените со костенлива коса се поуспешни во работата од плавушите и оти почесто се мажат за богаташи, додека црвенокосите имаат најдобар сексуален живот. Негов следен чекор е истражување кое би опфатило две групи на плавуши- природни и бојосани.

Истовремено, во анкета што ја организирала фирмата „Клеирол“, која произведува шампони и бои за коса, дури 80% испитани жени рекле дека побрзо би се бојосале во руса отколку во која било друга боја. И стручњаците советуваат жените да се „направат“ русокоси доколку сонуваат за слава во светот на шоу бизнисот. Имено, истражувањето потврдило дека плавушите се понаклонети кон пеење и танц пред публика.

Идеалот на совршена жена-синоока плавуша со манекенска „градба“-таквата жена мажите ја обожуваат, ја сметаат за сексепилна но, барем така говорат резултатите од една анкета објавена во Велика Британија, кога ќе дојде до брак порадо се определуваат за бринета зашто ја сметаат за посензибилна, посигурна, помила и подобра готвачка. Само 18% од анкетираните изјавиле дека би се венчале со плавуша. Меѓутоа, повеќе од половината признале дека на љубовните состаноци почесто излегувале со плавуши одошто со црнки или бринети. Значи, плавушите се поотворени, посексипилни, заиграни како деца, позабавни за излегувања, попопуларни, поспонтани, се бакнуваат на првиот состанок…Ова се само некои од стереотипот за жените со руса коса, но секако е најпопуларен тој дека се глупави, иако и научниците укажуваат на тоа дека не постојат конкретни докази дека се помалку интелигентни од темнокосите жени.

Прочитај и за ... >>  Луди закони

Како и да е, плавушите станаа мерна единица за глупост и како такви се главни јунакињи на вицевите. Меѓутоа, еден во кој тие не се спомнуваат гласи: „Зошто вицевите за плавуши се толку кратки? За мажите да можат да ги запомнат“.

Очигледно, нежните и празноглави плавуши умеат да го возвратат ударот и како такви се избориле за своите права. Во нивна чест во светот 9. јули се слави како Ден на плавушите!

Еве и неколку занимливости „врзани“ за нив:

-Во стариот Рим плавушите биле најпривлечни, но законот ги обележал како „жени на ноќта“.
-Ренесансата на плавушите е поистоветена со небеско суштество.
-Според резултатите од анкета на интернетската страница onepoll.com, во која учествувале 2.000 мажи, плавушите се полоши возачи од бринетите.
-Прочуениот Ѓани Версаче рекол: „Се додека е манекенката русокоса, нејзината кариера ќе расте“.
-Во Данска русокосите донатори на сперма се најбарани.
-Се проценува дека последната природна плавуша ќе се роди во Финска во 2202. година.
-Стереотипот за глупави плавуши започнал во 1925. година кога бринетата Анита Лус го објавила романот „Мажите повеќе сакаат плавуши“.
-Една исландска студија покажала дека луѓето со руса коса заработуваат 10% помалку одошто нивните колеги со костенлива коса.

ЉУБИ БЛОНДНИКА, АМА ГЛАВА НЕ ГУБИ

Докажано е дека мажите пред плавушите навистина ја губат главата. Во нивно друштво целосно го менуваат однесувањето. На тестирање спроведено на Универзитетот во Париз од испитаниците од машки пол е барано да пополнуваат тест на знаење, при што претходно им се прикажувани фотографии на различни жени. Мажите на кои им се прикажувани фотографии на плавуши тестот го изработиле полошо, а при посматрањето на фотографии на жени на бринети таквиот ефект изостанал.

Истовремено, Универзитетот во Бремен тестирал 80 жени со различни бои на косата, нивната способност за брзо и прецизно решавање на проблеми. Пред тестот половина од учесничките морале да прочитаат збирка вицеви за глупави плавуши. Социопсихологот Јенс Форстер вели дека ниедна плавуша не верува дека е глупава, но по изложувањето на негативните општествени стереотипи за нив побавно решавале тестови во желбата помалку да грешат и да покажат дека тие тоа можат да го направат како што треба. Студијата потврдила дека и неоснованите предрасуди можат да влијаат врз нечие мислење за сопствените способности.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here