За Амишите

0
62

Се смета дека се родени од анабаптистичко движење во Швајцарија во 1525. година (строг менонитски огранок). Анабаптистите доаѓаат во судир со римокатоличкото и протестантското крило во рамките на христијанството по прашањето за правилно толкување и покорување на Новиот завет. Тие сметале дека крштевањето за секој христијанин е двоен чин, еднаш кога се раѓа и вторпат кога ќе порасне, значи според принципот на слободен избор. Следствено, анабаптизмот во превод би значел „двапати крстен“.

Во 1525. се случува големо прогонување на анабаптистите во Швајцарија од страна на здружените римокатолици и протестанти, во кое се убиени околу 1.000. Денес ги има околу 200.000 во 22 држави на САД, но и во Онтарио-Канада. Најмногу Амиши живеат во Охајо, Индијана, Ајова и Пенсилванија, посебно на подрачјето на Ланкестер-околу 21.000. Вообичаената старосна граница им е 90 години, зашто се хранат мошне здраво и имаат едноставен начин на живеење.

Вниманието на јавноста Амишите првпат го привлекле во средината на 80-тите години на минатиот век, кога е снимен филмот „Сведок” со Харисон Форд, токму во Ланкестер.

1632. година е една од најзначајните за Амишите во однос на поставувањето и развојот на нивната религија. Имено, анабаптистите ја декларираат анабаптистичката конфесионална вера во форма на свој пишан теолошки збор. Следејќи ја Библијата, тие веруваат дека Исус е божји син, а црквата тело Христово низ која се спроведува божјата мисија на земјата. Во тој контекст многу внимание му придаваат на беспрекорната чистота на „христовото тело”.

Реклама

Во 1693. година Јакоб Аман, менонитски старешина од околината на Берн, почнал да наметнува се потврда црковна дисциплина. Барал членовите исклучени од црквата да се одбегнуваат дури и во домашните и брачните односи. Кога другите старешини не се согласиле на ова, Аман се заложил за нивно исклучување од црквата. Странката што ја предводел тој нашла приврзаници помеѓу менонитите во Алзас и јужна Германија, како и во Швајцарија, Холандија и Русија. Центарот е преселен во Северна Америка, почнувајќи од преселбата во источна Пенсилванија во 20- тите години на 18. век.

Амишите акцентот на верата го ставаат на нејзиното практично изразување, а помалку на пишаниот збор. Тие ја нагласуваат важноста на покорувањето, добродетелството и едноставноста како принципи врз кои се базира христијанскиот живот. Следејќи ја анабаптистичката традиција, веруваат дека христијаните се повикани да го следат примерот на Христовото неспротивставување. Веруваат дека тие не треба да користат насилство или да прибегнуваат кон сила, па како такви не учествуваат во какви било воени активности. Приципиелни во своето верување во божјата реч, не попуштаат под притисоци на црквата или државата дури и кога тоа резултира со омаловажување или затвор.

Конечно, Амишите истакнуваат дека религиозното врување мора да биде практицирано, а не само привидно прикажано. Облекувајќи се едноставно, живеејќи според манирите на скромноста, помагајќи му на соседството, се трудат вистински да ја изразат својата вера.

На Амишите им била отежната можноста од јавна религиска служба. Така со време се развила амишката домашна религиска активност. Денес тие практикуваат верски собирања секоја втора недела по 3 часа, секогаш во друг дом. Оваа специфична домашна религиска служба ги издвојува Амишите од кругот на останатите крила на анабаптистичкиот ред кои религиозниот обред го обавуваат во типични христијански црковни објекти. Поради тоа Амишите, од чисто практични причини, се поделени во црковни дистрикти, од кои секој, вклучувајќи ги и децата, брои најмногу 150 лица.

Бискупот е одговорен за духовното и административното водење на процесијата, како и за официјалното раководење со венчавките и погребите. Интересен е начинот на избор на нов бискуп. Со гласање се избираат петмина возрасни мажи. Потоа на секој од нив му се дава можност на земање на една од пет понудени Библии. Меѓутоа, само во една од нив се наоѓа посебна бела хартија. Оној што по случаен избор ќе ја земе таа Библија станува нов бискуп.

Религиската служба се врши на германски, мајчиниот јазик на Амишите. Верниците седат распоредени во неколку соби со лицата свртени кон бискупот, кој седи во средината на централната просторија. На почетокот од молитвата сите заедно двапати клекнуваат. Во обредот заедно учестуваат и старите и младите Амиши. Целиот протекува во знак на добродетелството, едноставноста и традицијата. Во текот на обредот се врши религиозно пеење од книгата на химните, напишани во 16- от век, под името Ausbund 1. Химните се пеат напамет во мошне бавен ритам, така што должината на една песна е околу 15 минути. Жените немаат практично учество во религиската служба, а се надлежни за подготвување на оброкот по обредот.

Во однос на облекувањето Амишите строго ја почитуваат традицијата на старата амишка култура. Момчињата и возрасните мажи носат пантолони кои се секогаш темно сини или во црна боја. Со нив често носат и трегери. Кошулите, како ни пантолоните, не смеат да бидат искинати, ниту да имаат пруги. Сината, зелената, виолетовата, кафената се сметаат долични за женските фустани со едноставен крој. Истите бои се прилежни и за машките кошули. Женските фустани се со висок околувратник, секогаш со долги ракави. Исто така, жените секогаш носат ленени капи на главите, а мажите, како и момчињата, ставаат шапки при излегување од куќа. Мажите користат копчиња на облеката, за разлика од жените на кои тоа им е допуштено само до 15- тата година. Потоа не, зашто Амишите, повикувајќи се на Библијата, ги сметаат копчињата премногу калорични и модерни. Жените не користат капути и јакни, туку наместо нив користат големи плетени шалови со кои се наметнуваат при излегување. Причина за тоа е амишкиот принцип на живеење кој сугерира жената по мажењето најголемиот дел од времето да го минува во куќата. Тие се надлежни за комплетниот процес на кроење и шиење на облеката во амишката заедница.

Амишите се луѓе верни на своето братство. Живеат во групи од 20 до 30 семејства, со епископ, свештеници и ѓакони кои го претставуваат духовното и практичното водство. Водачите служат доживотно без надомест. Тие секогаш се женат во есен, во животно доба од 16 до 17 години, кога и официјално ѝ пристапуваат на амишката црква и со тој чин се обврзуваат на верност на амишката заедница. Тоа, според анабаптистичката традиција, би претставувал моментот на второто крштевање. Се дотогаш младите Амиши имаат право на слободен избор за останување во заедницата или за излегување од неа. Денес сенасе околу 3% избираат заминување, а некогаш тој поцент се искачувал и до 20%. На славјето се собираат голем број на поканети, од 300 до 500.

Интересно е дека младиот брачен пар не живее заедно од моментот на женидбата, односно мажењето. Имено, во првите 6 месеци секој викенд посетуваат некого од поканетите од женидбеното славје и во неговиот дом минуваат заедно два дена. Потоа, во понеделник младоженецот заминува во својата, а невестата во својата куќа, до следниот викенд. И така 6 месеци, по што почнуваат заеднички живот.

Амишките семејства во просек бројат од 6 до 10 деца. Мажите пуштаат брада од моментот кога ќе се оженат и повеќе не ја бричат до крајот на животот.

За Амишите сите надвор од нивната животна заедница се Англичани и така ги нарекуваат.

Амишите се образуваат на ниво на основно училиште кое трае 8 годинии и се спроведува врз принципот на четири образовни нивоа: читање, пишување, аритметика и учење за старата амишка култура по пат на библиски науки. Наставата се обавува на германски јазик.

Амишките обичаи наложуваат децата веќе во раните години активно да се вклучуваат во работите на фармата. Така Амишите ученици пред или по училиштето ја напасуваат стоката, работат в поле и сл.

Амишите уредуваат свој весник, The Budget, кој е заснован врз принципот на кратки дописнички вести за новостите во амишката заедница во постојните региони.

Времето и средината во која Амишите живеат и на кои се, го сакале тоа или не, составен дел, им наложуваат некои компромиси со модерниот начин на животот на денешнината. Патот за изнаоѓање на најбезболно решение лежи во комбинација на традиционално-историското и прогресивно-денешното. Така денес Амишите не поседуваат автомобили, но ги користат услугите на јавниот превоз, не користат електрична енергија, но се служат со 12V батерии, тлефонската линија врзува фарми но не користат телефони во куќите итн.

Амишите се подготвени на промени, но не ако тоа ги загрозува традиционалните вредности на нивната заедница и етничкиот идентитет. Сакаат да ги користат достигнувањата на модерната технологија, но ако тие достигнувања ја дестабилизираат нивната заедница и нивното семејство Амишите ги сметаат за непожелни. Како што вели еден бискуп: „Не постои ништо лошо во користењето на автомобил, само е прашање каде тоа ќе ја одведе нашата следна генерација. Исто така, ниту електричната енергија сама по себе не претставува проблем, туку сите оние нешта кои доаѓаат со нејзината употреба”. Тие продолжуваат да живеат надвор од општествените текови, но плаќаат даноци зашто законски се обврзани на тоа. Не гласаат на избори и не користат здравствена заштита, немаат пензии и не ги пуштаат децата во државните училишта.

Биолошката репродукција, културно-етничкиот отпор, културниот компромис, ги прават Амишите најинтересна, но наедно и најизолирана национална заедница на модерното општество. Меѓутоа, ако сѐ до 80-тите години на минатиот век амишкиот пацифизам и старомодниот начин на живот за многумина бил туѓ и неразбирлив, денес ситуацијата е обратна. Како спротивна и спротивтавена на денешното брзо темпо на живот, нивната едноставна филозофија на живеење привлекува сѐ поголем број на Американци.