Вредности- смисла на животот

0
181

Пренесуваме делови од книгата на Чедомир Ќупиќ „Политика и професија”. Станува збор за мошне прецизни и јасни анализи, ставови и аргументи кои можат многу да помогнат во разбирањето на политиката „како таква“, нејзината сушност и смисла, на професијата односно професионалноста и политиката како професија. А сѐ тоа во рамките на потрагата по вредностите како единствена смисла на животот.

„Професијата е конкретно умеење, вештина и знаење без кое не може добро да се врши дејност. Човек без професија е обично биолошко суштество. Дури со професијата  тој влегува во светот на културата, како човекова друга природа, вистинска природа која го прави човек и која го обврзува. Да се згази професијата не значи ништо друго, освен да се уништи својата вистинска природа. Затоа луѓето кои исправено ја носат логиката на професијата живеат смислен и достоинствен живот. Кој го прифаќа отфрлањето на правилата на професијата, или „само” ги нарушува- го нарушува сопствениот живот.

Човек кој ја доведува во прашање професијата-од користољубие или под принуда,-или го прифаќа нејзиното нарушување, е искршен човек, поделен човек, получовек. Оние кои под закана и страв од узурпатори попуштаат и ја доведуваат во прашање професијата-го напуштаат човечкиот начин на живот и почнуваат да живеат како глувци. Кога тоа ќе поприми големи размери со општеството, завладува глувчешка психологија. Затоа е човечки жестоко да им се спротивставите на сите што ве тераат или советуваат да го прифатите или да замижите пред она што е спротивно на логиката на професиајта. Не смее да се прифати ниедна наредба која води против професијата! Оние што го чуваат и се борат за достоинството на професијата наедно се борат и за уредно, стабилно и сигурно општество и политика.

*

Реклама

Вредностите ја чинат смислата на животот. Тие се животни ориентири. Кога вредностите се доведуваат во прашање, и кога се урива вредносниот систем, тогаш се обесмислува животот. Таму каде што се уништуваат вредностите, луѓето скитаат и исчезнуваат. Поради тоа вредносната, посебно моралната криза е најопасна и најпогубна. Вредностите тешко се создаваат и зацврстуваат, но лесно се обесмислуваат и уриваат. Кога ќе се наруши вредносниот систем, односно ќе се искршат поединечните, групните, професионалните и општествените морални барометри, тогаш се потребни децении и генерации за повторно да се воспостават и да профункционираат.

*

Идеал и сон на деспотите, тираните и диктатотрите е изолиран (атомизиран) поединец, сведен на единка, односно преживување. Со изолирани поединци лесно се манипулира и управува. Драстичен пример на сведување на луѓето на единки и изолација е вештачкото предизвикување на недостиг на основни продукти. Тогаш настанува трка за дефицитарните продукти и завладува логиката на преживување без никакво чувство за другиот. Важно е јас да преживеам. Се случува и кога повеќе нема причина, по осигурените резерви, луѓето и натаму да грабаат пред оние кои не успеале да ги набават продуктите. Псиохологијата на преживување и грабеж продолжува и тогаш кога за неа повеќе нема каква било причина. Животинската глад е најчесто нерационална.

*

Без повисоки цели или смисла животот е обично мизерување. Само врз основа на смислата, односно вредноста, можат да се просудуваат сите други прашања и факти.

*

Вредностите се животни ориентири-светилници на животот. Живот без етичност и поетичност е здодевен, празен и тажен. Вредностите го подигаат животниот ерос, му одржуваат, облагородуваат и овозможуваат естетички раскош. Вредностите се мерила за се што се случува. Без мерила се останува на она што е- во природно сурова и груба состојба.

*

Издвојувањето на политиката од моралот и етиката е трагично и погубно. Соочени со драмата на политиката, односно на оние што ја злоупотребиле, филозофите, научниците и стручњаците се обидувале и се обидуваат да ги зауздаат тероризирачките, насилничките и егоистичните во неа. Тоа зауздување некаде го прават големи поединци, а некаде институции, како што е оваа во која Вие сте избориле место. Меѓутоа, тешкотиите на кои наидуваат се огромни зашто произлегуваат од сложениот и тешко фатлив предмет. Полесно е да се стекне знаење за стварното, за она што има облик, што е структура и организација. Тешко е да се излезе на крај со можното, со она што се уште не се смирило во установите на општеството.

*

Политичкиот поредок кој е отворен, пристапен и јасен е заснован на јавност, односно на искажување и јавно дејствување. Во него одлуките се донесуваат со дијалог на сите политички субјекти. Со дијалогот се одмеруваат причините, аргументите и подобриот аргумент. Во таква политика доаѓа до израз сталоженоста, односно одмереноста, одговорноста и решителноста. Спротивно, кога тајноста е доминантна карактеристика на политичкиот поредок, на дело се самоволието и изненадувањето што ги практикуваат моќниците и власта. Тогаш не се разговара туку се соопштува-нема дијалог туку само монолог. На политичката заедница и се наметнуваат антиполитички состојби-немоќ, страв, стравување, рамнодушност и чекање”.