Воздржувањето

0
50

Воздржувањето отсекогаш било почитувано и се почитува од секого. И од оние што го практикуваат и од оние што од кои било причини не се во можност или, пак, не сакаат да го применат врз себе. За многумина е тоа нешто возвишено, за не мал број недостижно. Особено кога станува збор за животен принцип, за начин на живот.

Еве некои општи назнаки на воздржувањето воопшто:

Во филозофска смисла, воздржувањето е „најблиско“ до аскетизмот. Аскезата е начин на живот кој се состои во одрекување од страста и телесните барања, за со стекнување на добродетелства да се постигне духовно прочистување, односно состојба на бестрастие. Аскетизмот, пак, е филозофија која налага доброволно и свесно самоодрекување од материјални, телесни и други потреби и удобности поради повисоки духовни вредности. Тоа често се изедначува со подвижништвото.

Киниците пропагирале аскеза како барање на што помал број на потреби, додека стоиците ја упразнувале како средство кое овозможува вистински живот во согласност со природата. Во индиската филозофија аскезата се смета за средство на спознанието.

Смислата на филозофијата на скептицизмот е содржана во ставот за воздржување од судење. Со тоа треба да се отстрани сѐ што се смета за вистинито, сѐ што суштествува и што се зема како одредено односно афирмативно. Резултатите на сетилното и мисловното сознание се проблематични. Воздржувањето доведува до непоколебливост, непоматена душа или атараксија. Целта на отстранувањето на сѐ што се смета за вистинито не е во тоа сѐ да биде поколебано, за човек да изгуби каква било потпирка. Напротив, скептичарите сметаат дека потпирката се губи со врзување на човекот за она што се смета дека е вистина. Тоа вистинито секогаш се покажува како привид. Затоа човекот мора да изгуби секаква потпирка во сетилниот и мисловниот свет. Обата се сами по себе колебливи и променливи.

Пироноскиот скепсис за вистинито го смета она што нема вредност. Човекот мора од него да се одврзе за во сопствената самосвест да ја одржи душевната рамнотежа и спокојството. Променливоста и немирноста на предметот донесува немир на душата. Скепсисот треба да ја ослободи свеста од тој немир, а во атараксијата да се најде рамнодушна смиреност на душата. Животните поседуваат таква рамнодушност. Човекот треба да ја постигне со напор на умот, т.е. со скептичниот став спрема секое предубедување, во конечно сознание, со разумни тврдења.

Воздржувањето не само во нашево време, туку и од многу одамна најчесто се поврзува за постот. На религиозен план, но и на животен односно здравствен. Сосема кусо историско навраќање на воздржувањето од јадење доведува до египетските хиероглифи.  Исцелителите на сите подоцнежни култури го познавале и го користеле за прочистување на телото и душата. Народите некогаш на одделни видови храна им припишувале демонска сила, демонски карактеристики. Не сакајќи да потпаднат под нивното штетно влијание, се воздржувале од јадења за кои сметале дека во нив живее демон на некоја болест.

Зацврстувањето кое го донесува постот било друга причина за воздржување од јадења во античкиот свет. Ваквото сфаќање го наоѓаме првенствено во традиционалната народна медицина, но и во магиските ритуали на различни верски правци. Таа им припишувала поголема моќ на лековите и магичните средства доколку човекот пред нивната примена постел една недела. Постот имал два аспекта- телесен и духовен. Телесниот се сведувал на воздржување од храна од животинско потекло, мрсно, иако подразбира и воздржување од грешни мисли, желби и дела, на пример, секс, како и од се хедоинстичко-алкохол, тутун.

Воздржувањето од јадење, постот или, во извесна смисла, гладувањето се смета за најстар метод на лечење, чии траги досегнуваат до самиот почеток на човековата историја, а и денес е актуелно. Веројатно многу повеќе од кога било. Методот на лечење кој го чисти организмот на телото и душата им дава нова сила.

Во христијанското учење на очистувањето со воздржување од допирот со крв им се придружуваат покајанието и трпението-страданието. Крвта, како симбол на плотни побуди, се смета за главен извор на гревот; страданието се состои во воздржување да се пие од извор, во одрекување од гревот во самиот негов почеток. Животот се сосредоточува единствено на духовните извори, на врските со божественото, необјавеното. Во двократниот лик-прочистување и страдание- воздржувањето се појавува како пат кон интериорноста-внатрешноста. Така христијанското учење се поврзува со ориенталното.

Кај Јапонците воздржувањето е метод на прочистување; со одбегнување на изворот на загаденоста се постигнува позитивна чистотија. Тој метод го спроведуваат повеќе свештениците отколку лаиците. Се состои во почитување на определени забрани: треба да се вардиш од допирот со смртта, болеста и желбата; треба да останеш дома, далеку од бучавата, танцот, песните, накусо надвор од сите надворешни дејности што се можен почеток на срамот. Сите тие воздржувања ја симболизираат спротивноста помеѓу необјавеното и објавеното, како и барањето на необјавеното по пат на концентрација.

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion