Волфганг Амадеус Моцарт

0
31

Без двојба еден од најгенијалните композитори во историјата на класичната музиката. Неговиот опус е грандиозен и безвремен, со огромно влијание врз музичкото творештво на многумина знаменити композитори по него во минатото и денес (Фредрик Шопен, Франц Шуберт, Петар Илич Чајковски, Роберт Шуман, Густав Малер и др.).

Сите негови биографи без исклучок започнуваат со „чудо од дете“, потоа момче кое попрво ги познавал нотите одошто буквите, а до крајот на својот мошне краток живот создал за многумина несфатливо голем број дела-над 600 од најразлични жанри!

Волфганг Амадеус Моцарт е роден во Салцбург, Австрија, на 27. јануари 1756., а умрел на 5. декември 1791. во Виена.

Имал само 3 години кога почнал да компонира едноставни песнички, а на 5 почнал да одржува концерти.

Имал исклучително музичко детство. Мошне рано стекнал посебно музичко образование, за што секако придонел фактот дека неговиот татко Леополд бил признат и познат музичар-виолинист, композитор, учител. Поради забележаниот изненадувачки брз развој на Моцартовиот музички талент, тој брзо ја запоставува личната кариера за целосно да му се посвети на синот. Точна проценка на човек кој ги знаел и умеел да ги препознава музичките вредности: раната голема музичка зрелост на Волфганг набрзо ќе биде откриена пред очите на светот.

На само 4 години тој го одушевил Леополд свирејќи наизуст неколку дела на чембало. На 5 години првпат јавно настапува во Салцбург, а со импровизацијата, леснотијата во изведбата на најкомплицирани музички лекции малиот гениј ги освојува дури и најсомничавите музичари. 4 месеци подоцна, на настап кај принцот на избраниот на Баварија Емануел III го поздравуваат како „божествен“.

Во октомври 1762. година Волфганг Амадеус Моцарт, во придружба на сестра му Нанерл и татко му Леополд двапати свири во дворецот Шенбурн за царицата Марија Терезија. Таа како награда ќе им дарува свечени костуми кои им припаѓале на нејзини деца. На почетокот од 1763. се враќаат во Салцбург, а под будното око на Леополд Волфганг го проширува своето музичко образование-до совршенство ги „освојува“ инструментите чембало виолина, но и компонирањето.

Голема европска турнеја, со главни цели Лондон и Париз, Леополд организирал во 1763., а на неа уште еднаш бил истакнат исклучителниот гениј на Волфганг. Настапуваат во најдобрите концертни хали или цркви во помалите градови, концертите се најавуваат во весници, а Леополд оди дури дотаму што пишува анонимни критики за успехот на своите деца.

Музикологот Лудвиг Ритер фон Кохел смета дека првите композиции на В.А. Моцарт потекнуваат од 1762., кога имал само 6 години. Во Лондон кралот Џорџ III, додека се одвивал еден величествен концерт, одлучил „мајсторот Волфганг“ да го стави на искушение: го принудил да свири партитури на Георг Фридрих Хендл, инаку музички идол на кралството, а потоа барал моментна музичка импровизација. Резултатот ќе биде признание и од Леополд и од оној што „сето тоа го смислил“.

Како и во Виена, легендата за Моцарт е создадена. Секој сонува дека еднаш ќе се сретне со тоа чудо од дете. Лошата страна на постигнатите успеси на овие турнеи било нарушеното здравје на детето, кое во текот на долгите патувања било подложено на многу искушенија. Многумина биографи сметаат дека бројните патувања во раното детство се една од причините за прераната смрт на музичарот.

Волфганг Амадеус Моцарт немал ниту 9 години кога во Лондон ги објавил своите први симфонии, првите сонати за чембало, првите вокални дела, како и првите концерти. По враќањето во родниот Салцбург тој ќе ја освои цела музичка Европа: Холандија, Франција, Швајцарија, но едновремено интензивно продолжува неговото усовршување на техниките неопходни за компонирање.

На 11 години тој веќе фантазира за компонирање на опера. За таа цел татко му одлучува да заминат во Виена, но мораат веднаш да бегаат од епидемијата на големи сипаници во тој град. Се враќаат во него во јануари 1768.. Ги прима царот кој од Моцарт ја нарачува неговата прва опера „Едноставна измама“ („La Finta semplice“)., Партитурата за неа ја предава по само 3 месеци, но настануваат проблеми: музичарите силно се противат да го изведуваат ова дело од страв дека ќе ја изгубат работата. Дури и Кристоф Вилибалд Глук, како службена Моцартова поткрепа, изгледал преплашен од можноста дека конкурент со такви способности ќе постигне голем успех во Виена, и тоа толку млад.

По враќањето во Салцбург, Волфганг компонира бројни партитури за црковна музика, но притоа чувствува дека операта дефинитивно го привлекува посилно, а уште повеќе Италија. Затоа Леополд ќе организира турнеја за својот син, при што ќе ги посетат Милано, Верона, Кремона, Рим, Фиренца, Неапол…

Папата Клемент XIV, во 1770. го прогласува за витез на Редот на златната мамуза. Потоа е примен на Филхармониската академија во Болоња, додека истовремено ја создава операта „Mitridate, re di Ponto“, која ќе биде прикажана во Милано истата година под негово диригентство. Постигнува извонреден успех, а во текот на зимата таа ќе се изведува повеќе од 20 пати. Италија ја обожава Моцартовата музика. Милано на ист начин во 1772. ќе ја дочека операта „Lucio Silla“, но не е обезбедена реприза и почнуваат егзистенцијалните проблеми кои жестоко ќе влијаат врз неговата дејност како музичар.

Волфганг Амадеус имал 17 години кога се вратил во Салцбург, уште пострастно му се посветил на компонирањето, а во 1773. е повторно во Виена каде што се запознава со Јозеф Хајдн, композитор иноватор на тоа време кој трајно ќе влијае врз неговиот ракопис и ќе го следи Моцарт во неговиот пристап кон слободните ѕидари (Масоните). При повторното враќање во Салцбург семејството Моцартови остваруваат еден свој дамнешен сон- се преселуваат во нова куќа.

Музичките стручњаци потенцираат дека во музиката Моцарт е инспириран од техниките на движењето наречено „Sturm und Drang“, што го открива по Хајдн. Оваа стилска зрелост ќе му овозможи да компонира мноштво на нови дела: кратки миси, концерти за клавир, за фагот, сонати, квинтети… Кон крајот на 1774. година од Минхен стасува нарачка за опера со која би се отворила сезоната на карневали. Операта „La finta giardiniera“ („Лажна градинарка“), опера buffo (комична опера), ќе ја компонира за само 3 месеци, а делото во текот на 1775. ќе доживее голем успех, што ќе го охрабри композиторот во неговата неодолива желба повеќе време да посвети на создавање опери. Се обидува да добие работно место на баварскиот дворец, но, како и обично, во тоа не успева. Пак се враќа во Салцбург.

Во следните месеци целосно му се посветува на компонирањето. Буквално се задушува во работа за, како што се претпоставува, да заборави колку не му одговара животот во овој град. Се чувствува како негов заточеник, но и на  надбискупот Колоред. Тој, пак, на сите можни начини на Моцарт му го отежнува животот. Според него Волфганг „ништо не знае, па би требало да отиде во Неапол на академија таму да студира музика“. Нивните односи се влошуваат и во 1777. дрскиот музичар му испраќа на „Неговата Пресветост“ писмо полно со иронија барајќи отказ. Надбискупот ја потпишал одлуката за разрешување на таткото и неговиот син кои „имаат, според Евангелието, дозвола да појдат да ја бараат својата среќа некаде на друго место“. Леополд сепак ќе остане во Колоредовата служба, а Моцарт ќе го напушти Салцбург во придружба на својата мајка.

По кус престој во Аугзбург, тие заминуваат во Манхајм, град познат според својот уметнички сјај. Меѓутоа, единственото задоволство во него тој го наоѓа во музичките средби и склопувањето на пријателство со семејството Вебер. Волфганг се вљубува во Алојзија Вебер, девојче на „едвај 15 години“ кое се одлучува за кариера на „примадона“.

Нешто подоцна Моцарт со мајка му тргнува на пат во Париз. Во него е пречекан мошне срдечно и конечно композиторот успева да го среди својот живот, со држење на часови и компонирање, иако не бил сосема задоволен. Не сакал да остане во Франција.

Нешто страшно се случува на 3. јули 1778. година: веројатно заразена од тифус, неговата мајка ненадејно починува. Овој настан композиторот го погодува мошне силно, па едноставно не знаел како да му јави на неговиот татко. Тажната вест ќе ја пренесе отецот Булингер, семеен пријател. Моцарт одлучува да се придружи на татко му кој се посветува на барање на слободно работно место за неговиот син. Му го обезбедува местото дворски оргуљаш и композитор. На враќање од Париз, Моцарт свратува кај Веберови, кои се преселени во Минхен, за повторно да ја види убавата Алојзија. Станувајќи млада „примадона“ на дворецот, за неа нејзиниот стројник сега бил само сноб.

Во Салцбург престојува две години компонирајќи миси, симфонии, концерти, сонати. Во 1780. година Минхен од Моцарт нарачува опера. Тоа ќе биде „Idomoneo“, завршена во 1781., а постигнува голем успех. Таткото Леополд и сестрата Нанерл му се придружуваат на Волфганг за заедно да ги минат покладните свечености. Набрзо надбискупот итно го повикува Моцарт во Виена за да учествува во свеченоста на крунисување на Јосип II. Овој престој во Виена било вистинско измачување за Моцарт. Во текот на една од безбројните кавги со надбискупот, композиторот сфаќа дека со него постапува како со „бедник, неранимајко и кретен“, па поднесува оставка и при враќање во Виена заминува кај Веберови. Алојзија е веќе мажена за сликарот Јозеф Ланге (инаку потписник на еден од најславните Моцартови портрети), но сега нејзината помлада сестра Констанца паѓа во прегратките на Волфганг. Венчавката е одржана на 4. август 1782. во Виена. Бракот со Констанца ќе го натера Моцарт малку подобро да си го организира животот.

Го создава едно од своите најдобри дела „Грабнувањето од сарајот“. Тоа ќе биде за првпат прикажано во Виена на 16. јули 1782. во Бургтеатарот, а присуствувал и царот. Моцарт ќе се поздрави со него, а на крајот од изведбата тој ќе му се обрне со следниве зборови: „Мој мил Моцарт, оваа опера е преубава за нашите уши, а има и премногу ноти“. Навреден, музичарот одговорил со својата вообичаена дрскост: „Господине, ниедна не е вишок“.

За смртта на Волфганг Амадеус Моцарт се плетат многу загадочни приказни. Се верува дека е отруен, но некои сметаат дека судбоносна била неговата страст спрема свински котлети!

Моцарт умира во Виена, на 5. декември 1791., два месеца пред својот 36-ти роденден. Неговата 6 години помлада жена Констанца била толку вџашена и очајна што едноставно се струполила во креветот покрај мртвиот маж, надевајќи се дека и самата ќе се зарази и така ќе го оконча својот несреќен живот.

Се верува дека по големо невреме на 7. декември Моцартовото тело е пренесено до селските гробишта, оддалечени 5 километри од Виена. Погребан е без никаков обред, дури и без присуство на свештеник. Неговата жена нарачала најскромен погреб, во заедничка гробница за 7 мртви, зашто останала без пари. Неговиот гроб не бил обележан, па така и останало. 7 години подоцна работници ја прекопале заедничката гробница, па не останала речиси никаква трага за тоа дека телото на Моцарт престојувало на овој свет. Останала неговата музика.

Сепак, срмтта на Моцарт не останала незабележана. Во весниците е објавен текст за „смртта на еден од најталентираните музичари во Европа кој уште како дете го воодушеви светот“.

Дали и кој го отрул Моцарт?

Фридрих Роклиц, музички издавач, 7 години по Моцартовата смрт напишал текст за еден таинствен настан: во летото на 1791. непознат посетител со кочија дошол до Моцартовиот дом и нарачал од композиторот посмртна миса (реквием) за лице кое му било посебно драго. Наводно, Моцарт зел еден дел од парите однапред и почнал да пишува. Пишувал деноноќно. Неговото тело повеќе не можело да издржи толкав напор. Така еден ден едноставно умрел над недовршениот ракопис на реквиемот.

Отприлика во исто време англискиот музички издавач Винсент Новело објави содржина на разговор со Моцартовата вдовица Констанца, чиј втор сопруг, данскиот дипломат Георг Нисен напишал Моцартова биографија. Таа наводно на Новело му рекла дека 6 месеци пред смртта големиот гениј почнала да го опседнува мислата дека некој го труе: „Знам дека наскоро морам да умрам. Ми се чини дека некој постојано наместо вода ми потставува да пијам acqua toffana. Тоа лице го пресметало точното време на мојата смрт и поради тоа го нарачало реквиемот. Јас всушност го пишувам за себе си…“.

Инаку, acqua toffana бил отров, безбојна течност која првпат ја направила една Италијанка во Неапол по име Тофана. Таа во 17. век се занимавала со правење на разноразни козметички средства и мириси. Тврдела дека нејзината волшебна водичка поткенува од гробот на свети Никола во Бари и оти има чудотворна моќ. Овој „напиток“ многумина несреќници испратил на другиот свет.

Во едно писмо без датум Моцартовиот син Карл Томас (кој имал 7 години кога умрел татко му) напишал дека неколку дена пред да умре Моцартовото тело било толку отечено што не можел да направи ниедно движење.

Како еден од можните трујачи е назначен угледниот композитор Антонио Салиери, дворски музичар. Меѓутоа, се чини дека тие приказни се без основа. Имено, Салиери бил имашен и на подобра позиција од Моцарт, па не е видлива причината за омраза. Освен тоа, Моцарт спрема Салиери бил мошне пријателски расположен. Тој по Салиери и неговата тогашна љубовница лично испратил кочија за да дојдат на премиера на операта „Волшебната флејта“ во кобната 1791. година.

Стотина години подоцна забуна повторно внел рускиот поет Александар Пушкин, кој го напишал краткото драмско дело „Моцарт и Салиери“. Во него тој изнесува претпоставки за завера и труење, поточно за големата завидливост на Салиери. Зашто, според Пушкин, на сите им било јасно дека Моцарт е поталентиран од дворскиот композитор, без оглед што на Салиеревата страна биле и јавни признанија и пари.

Рускиот композитор Николај Римски Корсаков (1844-1908) во 1898. Пушкиновата драма ја преточил во опера.

80 години подоцна Питер Сефер напишал нова драма за завидливоста на Салиери, всушност уметничка студија за односот на просечните спрема натпросечните. Во 1984. таа му послужила на режисерот Милош Форман како основа за филмско сценарио. Филмот освои највисоки признанија, дури 8 Оскари.

Помеѓу мноштвото претпоставки за труењето е откриено кој бил таинствениот нарачател на посмртната миса: грофот Франц фон Валсег Ступак, кому во 1791. му умрела 20-годишна сопруга. Тој кај Моцарт испратил свој пратеник и го нарачал славниот „Реквием“.

Се смета дека на композиторот му се слошило на 20. ноември 1791., а умрел 15 дена подоцна. Неговиот лекар Томас Франц Клосет и помошникот Матијас фон Салаба дале се од себе да го излечат. Тврделе дека боледува од „hitziges freiselfieber“, некој вид на жестока „војничка грозница“. Таквата дијагноза ни тогаш не значела многу, како ни денес. Укажувала на висока телесна температура, осип, потење, но тоа биле вообичаени придужни појави на речиси секоја грозница.

Подготвувајќи се да напише Моцартова биографија, веќе спомнатиот Георг Нисен примил писмо од сестрата на Констанца, Софија. Таа ги опишала последните Моцартови денови: лежел во кошула за спиење додека телото му отекувало. Тврдел дека во устата веќе го чувствува вкусот на сопствената смрт. Лекарите наложиле постојано да му се ставаат студени облоги на челото. Тоа како сосема да го уништило. Ја изгубил свеста и пред да ја испушти душата никого не успевал да препознава. Последното што го изговорил било обид да имитира тимпани како свират во „Реквием“. Нисен во биографијата дава уште еден драгоцен медицински податок: дека Моцарт непрестано повраќал неколку дена.

Некои научници ја наведуваат можноста дека имал болни бубрези, што донекаде го објаснува отекувањето. Бубрежна инфекција би можела да предизвика смрт каква што ја опишуваат Моцартовите современици. Можно е да имал и ревматска грозница или дека заболел од воспаление на ткивото што ги обложува срцевите шуплини (ендокардитис).

Најнови лекарски теории: причина за Моцартовата смерт би можела да биде трихинелоза, тешко заболување на цревата и мускулите на некои животни, а посебно на свињите, предизвикано од трихинела. Со други зборови, тешко труење со свинско месо. (Trichinella spiralis е минијатурна глиста која живее паразитски во цревата и мускулите на животните, пред се на свињите, но и на луѓето предизвикувајќи опасно заболување.) Болеста првпат е официјално откриена во Лондон во 1825. година. Денес трихинелозата е честа болест и ретко кога има кобен исход, зашто постојат лекови кои успешно ги лечат заразените лица. Инаку, знаците на болеста се токму онакви какви што ги опишале Моцартовите современици.

Моцартови забелешки говорат дека најмногу сакал да јаде свинско и прасечко. Во писмо напишано до Констанца на 7. октомври во кобната 1791. година, 44 дена пред да се разболи, Моцарт пишува:

„Што јас мирисам? Свински котлети? Che gusto! (Каков прекрасен вкус!) Ќе ги изедам во твое здравје!“

Ако причина за смртта на композиторот била трихинелоза, чија инкубација трае до 50 дена, Моцарт веројатно непогрешливо самиот ја означил причината за својата смрт!

Творештвото на Волфганг Амадеус Моцарт:

-симфонии-најпознати се „Париска“, „Хафнер“, „Линц“, „Прашка“, Симфонија бр. 40 и „Јупитер“;
-клавирски концерти-најпознати се бр. 21, бр. 25 и бр. 26;
-виолински концерти-најпознати се бр. 3 и бр. 5;
-клавирски сонати-најпозната е бр. 11 или „Турски марш“;
-виолински сонати;
-гудачки квартети-најпознати се „Хајдн квартети“;
-гудачки квинтети;
-серенади-најпозната е „Мала ноќна музика“;
-опери- најпознати се „Грабнувањето од сарајот“, „Фигаровата женидба“, „Дон Џовани“, „Така прават сите“ и „Волшебната флејта“;
-миси-најпознати се „Миса на крунисувањето“ и „Голема миса“;
-Реквием

 

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion