Секое време е време на вистината, за вистината. Секое со неа, пред неа, а и зад неа додека не се открие. Во секое време, и минато и сегашно и за идно, многу вистини, но никогаш сите откриени. Секогаш многу за откривање, дооткривање, потврдување. Секојдневно откриваме, сами ни се откриваат, ни откриваат вистини за она што било и онашто е, а ниедна не може да биде покриена или прикриена.

Што е вистина? Или: што е вистинито сознание?

Постојат неколку критериуми на вистинитоста: објективност-вистинито е она сознание што е објективно, односно кое и соодветствува на стварноста; јасност-вистинито е она сознание што е јазички јасно формулирано и до крај објаснето; проверливост-вистинито е она сознание што може да се провери во искуството; применливост-вистинито е она сознание што може да се примени во практиката.

Вистината е еден од темелните поими на филозофијата. Најраширена е теоријата на адеквацијата или теоријата на кореспонденцијата. Според неа, вистината е својство на судот, а се состои во согласување на мисли и предмети, во согласување на судот со она за што судиме, а што е онакво какво што е без оглед на тоа како ние судиме за него. Оваа теорија потекнува од Аристотел. Помеѓу марксистите неа во модифицирана форма-под називот „Теорија на одразот“, ја застапувале Енгелс, Плеханов, Ленин и др.

Помеѓу современите теории има многу кои целосно ја отфрлаат теоријата на коресподенцијата:

Теоријата на евидентноста го усвојува традиционалното мислење дека вистината е во судот, но смета дека таа не е во согласувањето на судот со стварноста, туку во едно интерно својство на судот, во непосредниот увид, очигледноста, евидентноста .Вистинито е она сознание што е толку евидентно и очигледно да не треба посебно да се докажува. Постојат очигледни вистини.

Теоријата на кохеренцијата се согласува дека вистината е интерно својство , но смета дека тоа својство не може да им припаѓа на одделни судови земени изолирано, туку само во една смисловна целина. Вистината е системска кохерентност што е карактеристична за таквата целина, а одделниот суд може да биде релативно вистинит само како дел од кохерентниот состав.

Постојат две сфаќања во рамките на теоријата на верификацијата (проверливоста): позитивизам и прагматизам. Според позитивизмот, вистинито е она сознание што може да се провери во искуството, а според прагматизмот тое а производ на позитивни последици во практиката.

Дијалектичката теорија на вистината за вистинито го смета она сознание што е резултат на единство на теоријата и пркатиката. Практиката е најдобар критериум на вистината. Со нејзина помош се дефинира човекот, па се вели: „Човекот е творечко суштество на практиката“.

Постојат и други теории, од кои најинтересни се:

Теоријата на вистината како асертибилност (асертибилно- она што може да се тврди)- за секој исказ постои соодветен тест кој можеме да го реализираме; ако е тој позитивен, имаме оправдување кога изнесуваме тврдење, т.е. нашето тврдење не подлежи на критика; главен проблем на оваа теорија е што вистинитото не значи асертибилно.

„Нема-теорија“ теорија на вистината- ваквото филозофско сфаќање порекнува дека воопшто и е потребна каква било теорија на вистината. На пример, „п“ е вистинито напросто оти е „п“; „паѓа дожд“ е вистинито оти само значи дека паѓа дожд.

Освен прашањето што е вистина, од почетокот на европската филозофија спорни се и прашањата дали вистината е една или множествена, објективна или субјективна, апсолутна или релативна, апстрактна или конкретна, вечна или минлива итн., као и прашањата дали, во која мера и како е можна објективноста на вистината, постои ли и во што е критериумот на вистината итн.

Под субјективна вистина обично се мисли на вистината на која не и одговара ништо објективно и која вреди само за еден или за некои субјекти, а објективна е онаа вистина која им одговара на некои објективни односи и која еднакво вреди за сите луѓе. Некои филозофи мислат дека секоја вистина е субјективна, т.е. дека секој човек има своја вистина и оти тие различни вистини меѓусебно се рамноправни и еднакво вредни. Други, пак, сметаат дека само објективната, за сите еднаквата, општоважечката вистина заслужува да се нарекува вистина. Трети бараат „средно“ или „синтетичко“ решение, па тврдат дека секоја вистина е субјективна според формата, а објективна според содржината.

Апсолутната или безусловната вистина би била целосна, сеопфатна и исцрпна вистина, на која не може ништо да и се додаде и која затоа е непроменлива и вечна. Напротив, релативната или условната вистина е нецелосна, делумна, која содржи и елементи на невистина, па може да биде корегирана, дополнувана или усовршувана. Некои филозофи сметаат дека само апсолутната вистина е „вистинската“, а релативната не е никаква вистина; други мислат дека е можна само релативната вистина, а апсолутната е идеалистичко-метафизичка илузија; трети, пак, дека апсолутната и релативната вистина не се исклучуваат, туку секоја релативна вистина содржи дел од апсолутната или претставува пат кон неа, кон која се доближуваме, но никогаш не ја достасуваме.