Творечката индивидуалност и оригиналноста

0
24

Основното значење на индивидуалноста е неделивост. Се дефинира како: збир на особини и ознаки со помош на кои некое суштество-битие се покажува како своевидно, единствено неповторливо; тоа важи и за индивидуалноста на уметникот и за самото уметничко дело.

Оригиналноста, пак, значи изворност, самоникнатост како вредност на уметнички, научни, филозофски и други културни производи, но и творечка способност за производство на воопшто нешто ново.

Во Речникот на книжевни термини:

Историски посматрано, издвојувањето на творечката индивидуалноста на уметникот претставувало битен услов за појава на уметноста во она значење што ѝ е познато и на европската културна традиција и на денешната културна свест.

Во антиката теоријата на индивидуалноста не се развила; иако христијанската метафизика имала повеќе разбирање за персонално сфатеното божествено создавање и оттука за творечката индивидуалност, сепак дури во новиот век на субјективистичката метафизика, особено почнувајќи од времето на Штурм унд Дранг (период на германската книжевноста кој владеел од околу 1770-та до 1785-та година) и Гетеовото доба индивидуалноста станала битна одредница на поетот, на поетската уметноста и уметноста воопшто.

Во времето на појавата на модерната уметност, почнувајќи од втората половина на 19. век, индивидуалноста на уметничкото дело се негува во најголема можна мера, така што секој уметник, со повеќе или со помалку сила, се потпира на себеси и негува своја индивидуалност сѐ до губењето на критериумот на оценување на уметноста во мноштвото на одделни уметнички стремежи. Што, пак, доведува до нивелирање на уметничката индивидуалност и, според некои современици, навестување на „крајот на индивидуумот“.

Во книжевноста и уметноста оригиналноста воопшто не е само стремеж за новина на содржината и изразот, за истакнување на творечката индивидуалност на авторот. Тоа претставува само еден психолошки момент, но не и вистинска основа на оригиналноста во општествениот живот на авторот и културниот живот на едно време.

Од свесниот стремеж за оригинлност, кој обично го карактеризира доцниот културен развој, никогаш не произлегува вистинската оригиналност, туку таа спрема современите согледувања и релевантните сознанија се врзува за индивидуално и колективно несвесната основа како во настанувањето, така и во натамошниот развој и врвните дострели на една култура.

Во книжевноста оригиналноста е пред се врзана за наивното (во значење кое поетот Шилер му го придава на тој поим), па дури и народско создавање, но и за самоникнато производство во смисла на раѓање на нови, општествено-историски условени книжевни дела во битна согласност со револуционерното настанување на една нова епоха. Значи, ако поезијата и уметноста воопшто се сфатат онтолошки, според Маркс, како произведување на нова стварност во согласност со историската вистина или, според Хајдегер, со вистината на самото битие, тогаш оригиналноста не се врзува за подрачјето на вредноста, туку за самата стварност, за она постоечкото, за индивидуалното и општественото битие човеково и секогаш претставува исклучителен историски настан. Сепак, оригиналноста не е можна без точно познавање на традицијата.

Тоа во речникот, а јас додавам:

Оригиналноста ја потврдува индивидуалноста на личноста-творецот во светот на постојаноста и баналноста.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion