Потребно време за читање: 2 минути

Тарабуката е арапски мембранофоничен инструмент, изработен од глина или од метал (денес) во форма на вазна без дно. На едната страна, по широката кружна површина, се оптегнува штавена кожа, најчесто јагнешка. Металната има форма на чаша и два отвора, а на поширокиот е оптегната пластична мембрана со механизам од обрач и винтови.

Тарабуката се состои од два дела: горниот дел во форма на тимпан, со кружен отвор, затворен со кожа (пластика), поставен на празна цевка проширена при крајот. Нејзината вкупна височина варира помеѓу 200 и 450 мм.

Корпусот на тарабуката може да биде украсен со шари или без нив- еднобојно обоена.

Постојат три основни стилови на свирење на тарабука: турски, типично арапски и балкански стил.

Тонот се произведува со удирање по распнатата кожа (пластика), наизменично со левата и десната рака. Се свири така што рацете се ставаат непосредно на тарабуката, без употреба на палците. Се користат повеќе удари: со целата рака или само со прсти, на различни места на кожата (пластиката), на обрачот, на корпусот на инструментот, со комбинација на сите. При свирењето се држи под левата мишка, врзана со врвца префрлена преку рамото.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Најголемиот собирач на македонски народни умотворби Марко Цепенков ја опишал тарабуката како тарамбука:

„Тарамбуката е напраена од црвена земја од грнчарите: долга околу три педи; едната страна широка околу педа и пол, а од другата страна широка устина колку еден чепар’к; од широката страна е залепено со волосќи меур, као на дајре. Тарамбуката се клава под левата мишка и се чука со обете раце, као наместо дајре. Најпоеќе Турчињата свират со тарамбуќи и песни пејат. Има и од рисјанцќите деца.

Тарамбуката ет од земја, од широката страна ет залепена пресна кожинка танка и од тесната страна отворена за да излегуа гласот; под левата мишка се држи и со обете раце се тумпат“.

Тарабуката често се користи како ритмички инструмент во различни состави на народните оркестри, а најчесто како придружба на жичани инструменти и градски инструментални состави- чалгии.

Денешните истражувања упатуваат на заклучокот дека во Македонија тарабуката ја пренесле патувачките турски ансамбли.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОЦИ ВО МИСЛАТА VIII

Овој народен инструмент различно се нарекува кај одделни народи: кај

Албанците-qypi, кај Бугарите-тарамбука, кај Египтјаните-tablah, кај Грците-toumberleki, toumpeleki, кај Унгарците-dobouk, кај Израелците-darbuka, tarbuka, кај Турците-darbuka, dümbelek, кај Западно-Африканците-djembe итн.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here