тамбура tambura
Потребно време за читање: 2 минути

Тамбурата е жичан инструмент со долг врат, кој спаѓа во семејството на лаутата. Се смета дека балканската тамбура е донесена од Сумерците, но некои ја поврзуваат со стариот индиски збор и инструмент „тант“. („Тамбура“ е збор од персиско-арапско потекло).

Нејзината распространетост е мошне голема. Во исламските земји таа е позната под повеќе имиња: танбур, тамбурица, тунбур, баглама, схаркија, саз, бозук, бузик, дотара итн.

На пример, тамбурата е старински инструмент во Казахстан кој во некои казашки семејства го свират сите. На казашки името на инструментот означува „дун“-звук којшто се чува, а „була“-жичан инструмент.

Тамбурата е изработена од едно парче дрво. Корпусот, вратот и главата ја чинат конструкцијата на целиот инструмент. Ги има и од две парчиња дрво; од едниот се изработени вратот и главата, а од другиот корпусот. Тие се соединуваат со помош на лепење.

Должината на целиот инструмент е помеѓу 750 и 900 мм. Корпусот е долг 250-300 мм, а широк околу 140-200 мм, а неговата длабочина оди помеѓу 120 и 150 мм.

Прочитај и за ... >>  Еснафски врзаници

Тамбурата има тело со крушковидна форма, потоа мост и долг гриф на чиј крај се поставени клучевите наречени „чивии“. Жиците се придржуваат на дрвено парче, залепено за корпусот, додека од другата страна се затегнуваат или опуштаат за нагласување на звукот. Грифовите се нумерирани од 12 до 18, а има 2, , 6, 8 или 12 жици.

Тамбурата со 2 жици се вика литарка или ликетерија, онаа со четири четворка, карадузен или чивтелија, а тамбурата со 3 до 12 жици се среќава со имињата бозук и схаркија.

Најчести тамбури се со 4 жици.

Најраната тамбура е со многу проста структура. Народните мајстори ја делкале од парче дрво, ја обвивале со 2 јагнешки црева и на дршката поставувале 9 клуча.

Начинот на свирење е како кај другите жичани инструменти. Таа се држи хоризонтално, лесно се потпира на градниот кош, со левата рака се придржува и се стискаат жиците со палецот и показалецот, а со десната жиците се удираат со перце направено најчесто од црешово дрво.

Прочитај и за ... >>  Некои стари музикални органи (кабата сурла и џурата, тарабука, чампари, врбоа, таламбази, чкртало)

Во минатото, во македонската фолклорна инструментална традиција тамбурата имала улога на соло инструмент или како придружба на македонските фолклорни песни. Подоцна таа станала дел од ансамблите кои биле главно составени од гајда, тамбури, тапан, итн. и тоа како придружба на македонските фолклорни танци.

Денес тамбурите се дел од поголеми ансамбли кои ги придружуваат не само традиционалните песни и танци, но и стилизираните фолклорни танци компонирани во нашево време.

Еден од најоригиналните актуелни македонски состави кои изобилно ја користат тамбурата е „Баклава“-музички состав со минималистички музички концепт. Тој го гради звукот само со еден женски вокал и два жичани и ударни народни инструмента-тамбура и деф. Основан е во 2005 година. Негов „клучен предизвик“ е „создавање на авторска музика во жив дијалог со естетските дострели на македоскиот мелос“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here