Свети Јован Крстител

0
102

Тој е пророк, роден шест месеци пред Христос, а е наречен Претеча поради неговата објава на веста за доаѓањето на Месијата.

Неговото раѓањето и службата ги претскажале пророците Исаија и Малахија, како и самиот архангел Гавриил. Јовановото рождество детално го изложил светиот евангелист и апостол Лука.

Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди спасителот, Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време Захарија со својата жена Елисавета сеуште немале деца, што во тоа време се сметало за божја казна и голема несреќа бидејќи биле во години. Според преданието, и двајцата постојано го молеле Господ да им даде рожба, па Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш, кога Захарија во храмот му се молел на Бога, го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован.

Кога се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захарија го прашале за името тој рекол да се вика Јован и раскажал оти детето ќе биде пророк кој ќе оди пред спасителот и ќе му го подготвува патот.

Реклама

Својата младост, св. Јован ја поминал во пустина, сѐ до појавувањето пред народот. Во својата 30-та година започнал да проповеда во јудејската пустина и да го повикува народот на покајание:

„Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ и „Излегуваа пред него Ерусалим и сета Јудеја, и сета околина Јорданска“.

Според евангелистот Лука, својата проповед Јован ја започнал во 15-тата година од царувањето на Тивериј, во времето на јудејскиот намесник Понтиј Пилат и Ирод Антипа. Првичното место на служба му била јорданската пустина, а потоа јорданскиот брег.

Она што тој постојано го нагласувал е дека неговото крштение со вода е само подготовка за пречекот на Месијата и оти Месијата е поголем од него. А токму Христос доаѓа на Јордан со барање да биде крстен, за да „ја исполни секоја правда.“

Тој често проповедал:

„По мене иде Посилен од мене; пред Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата на Неговите обувки. Јас ве крстив во вода, а Тој ќе ве крсти во Светиот Дух“.

Во тоа време Исус се подготвувал за својата мисија. Но, според тогашните закони учител можело да биде лице со наполнети 30 години. Затоа и Исус кога наполнил 30 години дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован, кој дотогаш не го имал видено, според евангелието веднаш се сетил дека тој е Спасителот. На почетокот Јован го одвратил велејќи му:

„Јас треба од тебе да бидам крстен, а ти при мене ли доаѓаш?“

Но кога Исус му рекол:

„Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“,

Јован го крштева во водата. Потоа му го претставува на народот како „Јагне Божјо кое на себе ги зема гревовите на светот“ и за да „ја исполни секоја правда“.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската Империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа. Тоа бил син на стариот Ирод, оној што наредил да се заколат сите деца во Витлееем во времето кога требало да се роди Исус Христос. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета. Но, тој ја избркал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак, Салома. Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал. Поради тоа,

Ирод го фрлил во зандана во тврдината Махир, во пустината, и сакал да го убие. Од тоа го одвраќала помислата на народот, за кој свети Јован „важеше за пророк“.

На Иродовиот роденден, за време на гозбата, Салома со своето танцување го воодушевила Ирод, кој пред сите ветил дека ќе ѝ подари сѐ што ќе посака, „па дури и половина царство“. Откако мајка ѝ ја советувала, таа ја побарала главата на светиот Јован Претеча, а царот ѝ ја исполнил желбата: џелат му ја отсекол главата на славниот Христов пророк и ѝ ја дал на девојката, а таа на својата мајка.

Иродијада наредила да не му ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашела дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа и ја закопале на едно скриено и бесчесно место, длабоко во земјата. Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можела да трпи главата на Божјиот човек да остане на тоа место, па тајно ја откопала, ја однела во Ерусалим и ја закопала на Елеонската Гора.

Кога царот Ирод дознал дека Исус врши големи чуда, се уплашил и рекол: „Тоа е Јован кого што јас го убив, стана од мртвите“.

По извесно време еден угледен богаташ поверувал во Христа, ја оставил својата висока позиција и се замонашил, па како монах со името Инокентиј се населил на Елеонската Гора, токму на она место каде што била закопана главата на Свети Јован Крстител. Сакајќи да си ѕида келија, копал длабоко и пронашол земјен сад, а во него глава за којашто на таинствен начин му било јавено дека е на Крстителот. Тој ја целивал и ја закопал на истото место.

По Божја Промисла оваа чудотворна глава подоцна одела од рака на рака и понирала во мракот на заборавот, па одново била објавувана, додека најпосле во времето на царицата Теодора-мајка на Михаил, а жена на царот Теофил-и во времето на патријархот Игнатиј, не била пренесена во Цариград. Во времето на Турците таа оттаму исчезнала.

Од главата на Светиот Предвесник се извршиле многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека бил жив Свети Јован не извршил ниедно чудо, а на неговите Свети мошти им се дал дар на чудотворство.

За раката на светителот се раскажува дека секоја година на денот на неговиот спомен архиерејот Антиохиски ја изнесувал пред народот. Понекогаш таа рака се јавувала раширена, а понекогаш згрчена. Во првиот случај означувала родна и богата година, а во вториот неродна и гладна.

Се празнуваат следниви настани-датуми поврзани со Свети Јован Крстител:

-Зачнувањење  (6. октомври-23. септември ст.ст.), Рождество (Иванден)  (7. јули -24 јуни);

-Собор на Св. Јован Крстител – 20. јануари (7. јануари), ден по Свето Богојавление;

-Отсекување на главата на Свети Јован Крстител  (29. август -11 септември);

-Прво и Второ наоѓање на главата на Св. Јован Предтеча (9. март -24. февруари); и

-Трето наоѓање на главата на Св. Јован Предтеча (7. јуни (25. мај).

Православната иконографија го прикажува Свети Јован Крстител на повеќе начини, од кои најкарактеристични се: со крилја, како пустински ангел, слично на пророштвото на Малахија дека ќе дојде во облик на ангел (Мал 3,1); потоа како стои со свиток и текс: „Покајте се …“, а зад него има суво дрво под кое се гледа секира; како кефалофорит-светител на кому му е отсечена главата, која ја држи во раце (и има крилја); и како стои во пустина, со лавови зад него.

Во Македонија е карактеристична чудотворната икона на свети Јован Крстител што се наоѓа во Бигорскиот манастир посветен токму нему.

Моштите на Св. Јован Крстител се наоѓаат на неколку места низ светот: Црквата Св. Димитриј, ПирејаМузејот Бенаки, АтинаСобата со свети мошти, Музејот Топкапи, Цариград (десната рака)Џамијата Умајад во Дамаск, СиријаМанастирот Цетиње, Црна Гора (десната дланка)Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител, Македонија (дел од дланка).

На 28. јули 2010. година на островот Свети Јован блиску до Созопол, Бугарија, била откриена реликвија која содржи делови од рака, лице и заб. Според некои бугарски научници, станува збор за останки на Свети Јован Крстител.

Денес во христијанството Јован се смета за светец и маченик. Во исламот е познат како пророк Јахја ибн Закарија. Медејците, пак, го сметаат за единствен и вистински месија.

(Користени Православна енциклопедија и други енциклопедиски одредници)