Што е „Папокот на светот“?

0
158

Некои сметаат дека е тоа некогашната престолнина на Инките, наречена Куско, на јазикот на Кечу индиосите, а значи токму тоа-„Папок на светот“. Други сметаат дека е тоа Велигденскиот остров, на југот на Тихиот океан, најосаменото место на светот, најмногу познат според џиновските статуи наречен моаи.

За трети, пак, „папокот на светот“ е „нешто трето“, а современиот макеадонски писател Венко Андоновски мошне успешно создаде „свој“ во романот насловен токму „Папокот на светоте“.

Сепак, се чини дека Forum romanum има најмногу право да се нарекува така, а со оглед дека има(л) најцврста градба и најбогат реален и симболичен жвот. Се работи за простран градски плоштад кој претставувал политички, религиозен и трговски центар на една моќна империја, која со векови доминирала со Медитеранот и се простирала на три континенти-Европа, Азија и Африка.

Од римската историја дознаваме се за него.  Еве куса „приказна“ подготвена од  Ж. Бујуклиќ, а објавена на сајтот www.b92.net/.

Од тоа место тргнувале сите римски патишта, тука им се молеле на врховните римски богови, се организирале јавни прослави и гозби, помпезно се простувале од славните покојници, својата слава ја стекнувале правници и оратори, сенатори донесувале судбоносни одлуки, војсководци славеле триумфи, а насобраниот народ на комициите изгласувал закони.

Меѓутоа, заедно со вообичаената претстава на овој главен римски плоштад ретко оди и онаа негова потемна страна, која е далеку од човечноста и добродетелта олицетворени во римските термини gravitas, virtus, humanitas и сл. Напротив, Forum romanum бил исто така и место на задоволување на најниските инстинкти на народот, на уживање во туѓа смрт и тоа на најсвиреп начин, низ гладијаторски борби. Тие се одржувани по најразлични поводи, но целта секогаш им била иста-да му се обезбеди на народот „леб и вино“ (panem et circenses). Тие се преземени од етрурската традиција и кај Римјаните станале посебно омилен вид на забава.

Бидејќи биле бесплатни и достапни на голем број на градската сиромаштија (plebs), пространиот градски плоштад претставувал најпогоден простор за такви масовни собирања. Притоа, како трибини служеле терасите на околните куќи во близината на Форумот или гледачите едноставо би се искачиле на покривите на продавниците (tabernae) кои го опкружувале плоштадот. Користени се и привремени скалести дрвени конструкции кои овозможувале подобар поглед, но и заштита од животните користени во борбата. Поновите археолошки ископувања во централниот дел на Форумот открија квадратни отвори во самиот плочник кои овозможувале директен пристап на системот на тесни подземни простории. Тие се простирале под целокупната површина на плоштадот и очигледно служеле како помошни простории за гладијаторските претстави. На тоа укажува нивниот специфичен облик и распоред, како пчелини „саќа“, карактерисичните записи на ѕидовите и сводовите, а особено остатоците од древни конструкции (датирани во првиот век пред н.е.), од кои одделни упатуваат на заклучокот дека се работело за систем на чекреци со кои платформите со диви животни се подигнувани на површината. Ваквиот вид на археолошки наоди по правило се врзува за арената на римскиот Колосеум, каде што се уште се јасно видливи остатоците од такви подземни објекти.

Оваа константна опседнатост на Римјаните со свирепости што се одвивале во арената одделни автори ја објаснуваат со менталниот склоп на овој народ. Тие укажуваат на тоа дека свирепоста може да се следи во римската куќа, во однесувањето на семејниот старешина спрема жената и децата, а особено спрема робовите; претерана грубост постои во односите на учителот и неговите ученици; свирепо е однесувањето на старешините спрема своите војници, како и на победничките генерали спрема фатените непријатели; првосвештеникот морал непосредно да учествува во казнувањето на весталката со камшикување или да нареди да се закопа жива; беспричинскиот садизам е присутен и кај оние што купуваат љубов во односот спрема проститутките и сл. Сево ова може да се разбере и како израз на бескрајна рамнодушност спрема патилата на луѓето и животните, толку карактеристични за многу селски заедници.

Меѓутоа, постои и друг аспект на симболичкото значење на гладијаторските борби, кој се огледа во тоа што во арената секогаш се манифестира неред, распуштеност, разузданост, примарни човечки инстинкти- за веднаш потоа да се воспостави ред и вообичаен поредок на нештата, а тоа несомнено има врска со зачувувањето на светското царство во кое нужно морал да се обезбеди тој општествен баланс. Зашто, како што се варварите тие кои на границите предизвикуваат немир, а дивите ѕверки се тие што се „од онаа страна на границата“, кои симболично треба да се скротат и кои во арената се убиваат за да се постигне ред, кај државните непријатели веќе се разбира само по себе дека истото тоа им следува. Подоцна тоа главно биле христијаните, бидејќи важеле за непријатели на римските богови и затоа претставувале опасност за Царството. Значи, во арената, во борбата на живот и смрт се прикажува нередот кој потоа се отстранува со тоа што бидуве победен оној кој не смее да биде победник (предавник, заробеник, неверник), а ако тоа и успее, само ја продолжил својата агонија, до следната нерамноправна борба.

Како лошо режирани драмски претстави во кои секогаш се знае исходот, зашто злото секогаш мора да биде победено, исто така и во арената нема неизвесност. Гладијаторските борби токму затоа и се организираат-за масите да добијат поука каков исход го чека оној што не сфаќа дека секој граѓанин поединец и е подреден на заедницата и оти секој што ќе го загрози civitas нема право на егзистенција. Со тоа прво на Форумот, а потоа на Марсовото поле или во Колосеумот, симболично секогаш одново се воспоставувал ред и се давала поука за пожелното општествено однесување. Таа колективно-психолошка компонента во согледувањето на оваа сурова општествена „игра”, во која учествуваат моќни и беспомоќни, оние што се на власт и оние што им се потчинети, оние што се заштитници на државотворната идеологија  и оние што ја загрозуваат, го осветлува овој феномен на нешто поинаков начин. Имено, зад фасадата на крволочната забава се препознава една повисока цел, одредена општествена потреба која на овој начин се задоволува најефикасно, а тоа е предупредувањето на социјалните немири, стабилизирањето на сложената општествена структура, обезбедувањето на кохезијата на растресеното политичко ткиво. Требало да се помират антагонистичките интереси на различните општествени групи и очигледно е дека решенијата кои ги изнаоѓала римската власт побитно не се разликувале во времето на републиката, принципатот или доцното Царство. Огромната држава не е обединета само со оружје, туку и со политичка лукавост, заснована на вештината на балансирање и манипулација.

Историските извори исто така кажуваат дека на самиот Форум непречено се обавувала и проституција, активност која, како и гладијаторските игри, вообичаено не се поврзува со возвишената претстава за централниот римски плоштад. Особено кога се знае колкав број на храмови, светилишта и култни места се наоѓа на тој тесен градски простор. Парадоксот е дотолку поголем што на еден од пониските римски магистрати од редот на курулските едили (aediles curules) им паѓало во должност, покрај своите важни активности поврзани со инспекцискиот надзор на трговијата со робови и стока, да води официјални списоци на римските проститутки (meretrices). Ним морала да и се обрне секоја „жена која сакала со своето тело да заработува пари“ (mulier quae palam corpore quaestum facit) и притоа морала да го наведе своето име (или само псевдонимот), местото на раѓање, како и износот кој има намера да го зема од муштериите. Врз основа на уписот во регистарот добивала официјална дозвола за работа (licentia sturpi). Проститутката која е еднаш заведена во регистарот на едилите, била принудена со овој занает да се занимава засекогаш и не постоела никаква можност нејзиното име дополнително да се избрише од списокот, па дури и доколку склопи полноважен брак и има свои деца. Нејзиниот општествен статус ја спречувал да биде сведок на суд, да наследува имот и сл. Од друга страна, едилот бил должен да ги заштити проститутките од муштериите кои би се обиделе да ги измамат за исплатата на утврдениот надомест, па несовесниот поединец можел да го принуди на исполнување на паричната обврска. Едилот се грижел за тоа сите проститутки да имаат светла боја на косата (сина или црвена) и да бидат прописно облечени. Не смееле да носат облека на слободни Римјанки, туку морале да ја прифатат машката тога, со што требало да се унижи нивното достоинство, но и јасно да се разликуваат од римските матрони. Во рамките на својата полициско- административна дејност едилите, со помош на своите ликтори, можеле во секое време да извршат инспекција на нивните дејности, а особено работата на јавните куќи кои дење морале да бидат затворени.

На Форумот собиралиштето на проститутките било пред статуата на голиот сатир Марсиј (statua Marsyae), во близина на Курциевиот извор (Lacus Curtius), што значи не така далеку од храмот на божицата Веста (Aedes Vestae), заштитничката на вечниот оган, која ги симболизира постојаноста и трајноста на римската држава. Неа грижливо ја одржувале свештеничките девици кои морале да го почитуваат заветот на чедноста уште од најраната младост, а казната за нејзино непочитување била свирепа-биле погребувани живи. Така на Форумот, на само неколку десетици метри оддалеченост, за слободната Римјанка постоеле два паралелни света, два спротивставени вредносни система: во едниот таа се издига речиси до божество, а во другиот се сведува на објект на страст, при што правниот поредок само контролира дали таа легално „со своето тело заработува пари“. Тоа цинично двојство не е ништо помало ниту кога на Форумот робовите (значи, човечки суштества) и стоката се продаваат според исти правила што ги утврдува курулскиот едил преку своите едикти, додека на другиот крај од овој плоштад адвокати и оратори ги величат начелата на праведност и чесност, според кои треба „чесно да се живее, да не се оштети друг и на секому своето да му се додели“ (iuris praecepta sunt haec: honeste vivere, alterum non laedere, suum cuique tribuere).

Во суштина Forum Romanum не е ништо друго, освен верен одраз на сложената општествена реалност, микрокосмос на човечки судбини кои се спротивставуваат  на овој мал простор, во кој неминовно едни се секогаш добитници а други губитници, и тука ниеден општествен систем ниту правен поредок не може однапред да им обезбеди среќа и успех. Меѓутоа, прагматичниот дух на Римјаните  со време создал правни рамки кои далеку помалку од другите народи ја спречувале интеграцијата со други народи и култури. Тие покорувале други, но од поразените го земале она што е најдобро и го присвојувале за себе. На Форумот се слевале патишта од најоддалечените делови на царството, по нив доаѓале луѓе од различни поднебја, се слевало нивното богатство, но пристигнувале и нови идеи, културни влијанија, духовни различности.

Оттаму тој простор, од мочуришна долина од времето кога требало да се надвладеат судирите помеѓу племињата населени на околните ридови, постепено ќе израсне во антички плоштад кој ќе стане сведок на изедначување на патрицијте и плебејците, на вклучување на Латините во римската заедница, а потоа и на други бројни народи на Медитеранот.

Така Forum romanum станал „папокот на светот” (umbilicus Romae), место во кое се обединувале најразлични духовни вредности и каде што автохтони и специфични придонеси на одделни народи обликувале едно моќно царство. Оттука на Форумот со векови се збивала сета социјална, религиозна, правна и културна слоевитост на римската цивилизација. Таа почнала да пропаѓа токму тогаш кога и самиот Форум го доживеал својот пад започнат со преместувањето на престолнината на бреговите на Босфор. Но и тогаш Forum Constantini ќе сака да стане само Forum romanum, а Константиновиот град уште долго ќе биде „нов“ или „Втор“ Рим (Secunda Roma).

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion