„Придобивка“ на Западот: распад на семејството

0
18

Одамна забележан тренд во Европа како последица на „развиениот Запад“ (во што развиен, освен како погубно потрошувачко општество?): изгубени, маргинализирани, унижени положбата и улогата на семејството.

„Повторно откритие“ на европскиот естаблишмент, особено со почетокот на  светската економска криза односно рецесија што е во тек (откривање на „топла вода“): на семејството треба да се гледа како на крајна цел во политиката, а не само како средство за остварување на други политички цели. Со други зборови, семејната политика не е само уште едно политичко подрачје, туку точка во која се составуваат, конвергираат мноштво политики.

Поразителни податоци: популацијата во Европа расте исклучиво благодарение на вселување на имигранти, што претставува основа на популациониот пораст во речиси сите европски земји. Од порастот од 19 милиони во ЕУ во периодот 1994-2006-та година речиси 15 милиони се резултат на имиграцијата (79%). Европската популација е сѐ постара (сега ги има повеќе оние над 65, отколку оние под 14 години). Младата популација е намалена. Наспроти тоа, популацијата над 65 години се зголемува.

Причини и последици: главната е „растурениот“ семеен живот. Најнапред, сѐ е помал бројот на склопени бракови во Европа. Бројот на разведени бракови изнесува над милион секоја година. По еден развод на бракот се случува на секои 30 секунди. Ова погодило повеќе од 21 милиони деца. Бројот на брачните раздвојувања е сѐ поголем.

Меѓутоа, она што е многу поважно од квантитетот е квалитетот на семејниот живот. Подигнувањето на деца и семејниот живот станаа стресни за голем број родители во Европа. Економските притисоци и потребата за платени работи се во пораст. Посебно жената чувствува притисок од очекувањата да биде добра мајка и добар работник во исто време. Но и за татковците не е помал напорот да изнајдат „квалитетно време“ што би го минале со своите деца. Во „трката со времето“ од многумина се очекува, а и тие самите сакаат да градат кариера и да подигаат семејство во исто време.

Во 2007-ма година, под германското претседавање со ЕУ, Советот одлучи да основа „Семејна алијанса“ во Европа, со цел промовирање на насоки кои се однесуваат на семејството во земјите-членки на ЕУ.

Во рамките на анализите на културната трансформација што ја карактеризираат современите развиени општества, постиндустриските социолози и филозофи со различно внимание се осврнуваат на промените што се одвиваат во семејството како основна животна заедница. Тие главно се третираат во рамките на измените на севкупниот систем на вредности, при што се укажува на опаѓањето на вредноста на некои традиционални вредности поврзани со семејните односи, но исто така се воочуваат и промени во самата структура на семејството, како и влијанието на други културни и економски фактори врз оваа установа.

Се укажува на натамошното распаѓање на тн. „нуклеусно семејство“, што го чинат родителите и децата, а кое претставуваше прретежна семејна форма на индустрискиот период. Забележано е дека се во пораст едночлени домаќинства и вонбрачни заедници, како и некои нови форми, како што се комуните и хомосексуалните бракови. Тоа е резултат пред се на урбанизацијата, порастот на нивото на образование и зголемувањето на материјалното богатство. Се забележуваат и промени во семејните односи. Освен базичните права што ги избориле во индустрискиот период, жените сега во целост се изедначија со мажите.

Во рамките на теоријата за „големата транзиција“ од цивилизациско во постцивилизациско општество, што ја застапуваат повеќемина истакнати западни автори (Болдинг и др.), се воочуваат и промени во сферата на семејните односи. Според нив, цивилизираното општество е окарактеризирано со проширено семејство и силна семејна лојалност, а методите на воспитување на децата ја вклучуваат екстремната разлика помеѓу премисивното, заштитено рано детство и авторитарната, обврзувачка доцна младост. Во постцивилизациската ера, пак, доаѓа до измена како во структурата на семејството, исто така и во семејните односи. Карактеристична е стеснетата семејна форма што содржи само родители и деца. Исто така, лојалноста од семејството се пренесува на нацијата или, пак, на светот како целина. Авторитарните методи на детско воспитание се напуштаат и се заменуваат со пофлексибилни и поадаптибилни што, следствено, произведува и пофлексибилни и поподвижни личности.

Првиот удар на „нуклеусното семејство“ доаѓа од новите методи на репродукцијата на човековиот вид (вештачко оплодување, вонматерично оплодување, пресадување на плод и други нови методи), со што поимот на родителот се менува од корен, бидејќи децата со тоа имаат повеќе од двајца биолошки родители. Променети се и сфаќата на семејната форма, а посебно се издвојуваат формите на „привремен“ и „пробен“ брак.

И покрај разликите, неподелено е мислењето помеѓу постиндустриските автори дека „нуклеусното семејство“ се повеќе го губи приматот, додека до израз доаѓаат многубројни алтернативни форми. Исто така, семејните односи се трансформираат во правец на целосна еднаквост на половите и побрзо осамостојување на децата, додека наталитетот се стаблизира на ниско ниво.

Наспроти половичните чекори на ЕУ (на семејниот живот се уште не му се придава некое позначајно, издвоено место), во малите и средно- развиените земји се забележува „ново- стар“ тренд кој сигурно во наредниот период ќе ги зафати и развиените- економски „најрецесираните“ (почнувајќи од денес!; изјава на Американец: „Со економската рецесија се укина можноста да работам дополнително,  па сега имам повеќе време за семејството и ги откривам неговите вредности, колку тоа ми го исполнува животот“): зголемување на бројот на повеќегенерациски семејства (всушност тн. „проширено семејство“). Се разбира, тоа е пред се резултат на сиромаштијата и невработеноста, но и на криминализацијата на економијата, деградацијата на животот воопшто.

Социолозите негативно гледаат на ваквата појава: животот во повеќегенерациско семејство посебно лошо влијае врз жените и децата, особено во однос на еманципацијата.

Најчеста причина за формирање на такви семејства е нерешеното станбено прашање на паровите и, веќе спомнавме, сриомаштоијата. Во некои земји за разлика од почетокот на 20. век, кога таквите семејства преовладувале на село, сега речиси е еднаков нивниот број и во градот.

Јасно е зошто главно негативно се гледа на повеќегенерациското семејство (освен во однос на еманципацијата): условите за таков живот во градот (тесен станбен простор), кои неминовно негативно се рефлектираат на меѓусебните односи, наметнувањето на хиерархијата (авторитетот на „возрасните“), зависност и меѓузависност и сл.

Меѓутоа, доволно е да се знае да се прави јасна дистинкција помеѓу бракот и семејството воопшто, а посебно помеѓу „нуклеусното“ и „проширеното“ семејство; потоа, разликата во квалитетот на животот во брачниот и во семејниот круг, да се промисли успехот (и во „развиениот Запад“) на семејниот бизнис и сл., па сите негативности од заедничкиот живот на повеќе генерации да се сведат на меѓусебните односи: пред сѐ нетолеранцијата, ниското културно и цивилизацископ ниво односно некултурата, непочитувањето и ненегувањето на корените, традицијата., Сите тие, пак, ги поразува свеста за минливоста на животот и сушноста на егзистенцијата.

(Конуслтирани повеќе информации и студии објавени на Интернет)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion