Претстои забрзана колонизација на вселената

0
27

Според предвидувањата и плановите, првиот чекор во таа насока ќе биде направен со повторно испраќање на човек на Месечината. Имено, НАСА уште пред 1997. година најави изградба на прва постојано населена кололнија на Земјениот сателит. Разбирливо, деталите на техничката изведба и буџетот потребен за таков зафат до ден-денешен не се обелоденети.

Да се потсетиме, човекот за првпат зачекори на Месечината на 20. јули 1969. година во историската мисија на Аполо 11. Потоа беа изведени уште 6 мисии од таа програма и е утврдено дека нема траги на живот. Меѓутоа, во меѓувреме беа објавени снимки односно докази (или шпекулации?) дека постојат услови за тоа, па дури и основниот-вода.

Од декември 1972. година, кога беше реализирана последната мисија на Аполо 17, Месечината повеќе не е посетувана, пред сѐ поради високата цена и многу поевтината варијанта-испраќање на автоматски летала.

Главната цел на претстојната колонизација односно нејзиниот прв чекор, планиран во 2020. година, е токму Земјениот сателит. НАСА има дефинирано 5 главни одредници на месечевата база: локација, архитектура, персонал, активности и управа.

Како можно место за слетување на човечки екипаж е одреден Аристарховиот кратер кој настанал како резултат на вулканска активност и е посебно интересен за научниците. Можна алтернатива е јужниот пол.

Главен проблем на дизајнерите за изградба на првата база на Месечината е снабдувањето со вода, енергија и кислород. Кога станува збор за енергијата, една можност е користење на соларни ќелии во комбинација со атомски реактори. Тие дење би се напојувале од Сонцето, а ноќе со ласерски зрак од Земјата. Повеќето методи за издвојување на кислород на Месечината се засноваат на земање од различни минерали и вулкански материјал што се наоѓаат таму во големи количества. А една од основните активности на првата база би биле различни научни студии и експерименти. Ќе се имаат предвид и трошоците на транспортот на градежен материјал од Земјата на Месечината, односно ископувањето и преработката на расположливите ресурси.

Критичарите на планот на колонизација на Месечината потенцираат дека НАСА не дала доволно убедливи причини за ваков голем и скап зафат, а еден од главните аргументи е дека сите истражувања би можеле да ги извршат и роботи, а што би било значително поевтино. Од НАСА, пак, сметаат дека постојат повеќе причини од долгорочен карактер, од кои можеби најважни се проширувањето на економските активности на нашата планета и продолжување на научните истражувања што се однесуваат на историјата на Земјата, Сончевиот систем и вселената.

Меѓутоа, постои една „најглавна“ причина за обновување на испраќањето на луѓе на Месечината: истражување на Марс. Имено, колонијата на Месечината ќе овозможи да се изгради брод кој ќе се лансира од неа користејќи ја нејзината брзина на ротација. Се работи за поголеми летала од оние користени во програмата Аполо-бродови кои ќе можат да транспортираат поголем број членови на екипажи, како и големо количество на залихи и опрема. Ќе биде потребен и брод за слегување кој ќе ги превезува екипажот и залихата од командниот брод во месечевата орбита на месечевата површина. Постои и алтертнатива- вселенски брод без човечки екипаж наполнет со залихи и опрема претходно да се спушти на Месечината, со што командниот брод би се користел само за астронаутите.

А како долгиот престој во вселената ќе влијае психолошки и физиолошки врз луѓето? Реално е да се очекува тие во текот на летот да бидат изложени на различни видови на радијација. Тоа може да доведе до оштетување на ДНК, а со тоа и до мутации кои ја зголемуваат опасноста од развивање на рак. Потоа, во бестежинска состојба во вселената астронаутите често чувствуваат болка во долниот дел на грбот. Во текот на престојот коските губат калциум и сила, а мускулите маса, што доведува до атрофија на мускулите и до напрегнување на лигаментите, особено во долниот предел на ‘рбетникот, предизвикувајќи болка. Исто така е забележано дека во специфичните услови на бестежинска состојба доаѓа до уништување на црвени крвни зрнца, доведувајќи до привремена анемија.

Во секој случај, денешната технологија овозможува остварување на сонот за населување на луѓе на друго небеско тело. Во меѓувреме, НАСА ја истражува можноста од испраќање на луѓе на Марс и негова колонизација. Патот до оваа планета и назад би траел долго, а престојот ограничен.

Истражувањето на Марс НАСА го започна уште во 60-тите години на минатиот век, а првите вселенски летала за истражување на „црвената планета“ и Сончевиот систем се викаа Маринер. Тие ги обезбедија и првите фотографии на одблизу. Во изминативе години се испраќаа летала во орбитата на Марс на подолг период. Во текот на мисијата Викинг беше извршено првото успешно слетување на неговата површина (во средината на 70-тите), при што се откри дека Марс има доста сличности со Земјата, на пример вулкани, кањони, кратери. Денес на планетата се наоѓаат роботизирани „истражувачи“, тн. ровери. Два од нив, Spirit и Opportunity, кои во јануари 2004. се спуштија на спротивната страна на планетата, на Земјата испратија десетици илјади колор фотографии со висока резолуција, како и детални слики на карпи и почва. За идните истражувања на Марс се градат беспилотни летала кои ќе летаат низ Марсовото небо и ќе прават фотографии на поголема територија. Во план е и изградба на роботи кои под неговата површина ќе ја проучуваат геологијата, ќе трагаат по вода и докази за некогашно постоење на живот. Цел е и донесување на примероци од камењата и почвата на Марс.

Научникот Роберт Зубрин, инаку голем заговорник на колонизација на Марс и основач на друштвото The Mars Society, развил амбициозен план според кој Марс може да се направи населив во наредните 100 години. Тој се состои од неколку чекори:

Првиот чекор е во тек-истражување на Марс. По откривањето на минерали, залихи на мраз и прилагодливо престојувалиште, би се пристапило кон изградба на бази кои постепено би се трансформирале во колонии. Потоа би следел процесот на прилагодување на атмосферата и температурата, за условите на Марс да се направат слични на оние на Земјата (англиски термин terraforming)- процес кој би започнал со загревање на планетата во три фази, а за што постојат повеќе предлози: да се постави гигантско огледало кое би орбитрирало над Марс и би ги наведувало сончевите зраци спрема одредени површини; насочување на астероиди на Марс, бидејќи се еден вид на замрзнати залихи на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина (удар на астероид на површината на Марс би ги ослободил тие гасови кои, ако е астероидот со пречник од 2,5 км, би ја подигнал температурата за околу 20ºC; 40 такви астероиди би ја направиле атмосферата погодна за живот на луѓе); и третиот, што се смета за најизводлив, е загревање со намерно создавање и емисија на гасови предизвикувачи на ефектот на стаклена градина (врз основа на искуствата со глобалното загревање на нашата планета); Зубрин предлага изградба на фабрики на Марс кои би ослободувале флуорметан; до колку 1.000 тони по час би се ослободувале од овој гас, за 30 години просечната температура би можела да се подигне за околу 30ºC.

Втор чекор би бил ослободување на гасови содржани во почвата на Марс. Имено, се претпоставува дека пред неколку милијарди години планетата имала многу погуста атмосфера. Затоплувањето постигнато во првиот чекор би ослободило големи количества на јаглероден двооксид содржан во почвата. Зубрин тврди дека овие гасови био ја подигнале температурата за уште неколку степени во период од 20 години, како и дека значително би го зголемиле атмосферскиот притисок.

Третиот чекор на terraforming- планот е масовно садење и одгледување на растенија, тн. „пошумување“ на Марс. Атмосферскиот притисок до 2250-та година би бил околу една петтина од Земјиниот и жителите на Марс би можеле да се движат без вселенски костуми, но додатен кислород и натаму би им бил потребен. Кога површината на екваторот на Марс ќе достигне постојана температура од барем 0ºC, би имало вода во течна состојба и би можело да се пристапи кон садење и одгледување најнапред на прости растителни организми.

Четвртиот чекор е „жетвата“. Имено, растенијата би започнале процес на претворање на јаглеродниот двооксид во кислород. Меѓутоа, до колку умрените растенија би биле оставени да гнијат природно, тоа би довело до додатно емитирање на јаглероден двооксид, забавувајќи го процесот на создавање на кислород. Решението е во планска жетва на растенијата и отстранување на бескорисниот материјал. Зубрин смета дека и генетскиот инженеринг би можел да помогне во овој процес така што би се саделе генетски модифицирани растенија кои би ослободувале повеќе кислород од природните.

Последниот чекор за населување на Марс би се состоел од чекање да поминат уште 1000 години за насадените „вселенски градини“ да произведат доволно кислород за живот на планетата. За тоа време би било неопходно постојано да се сади и жнее за да се забрза претворањето на јаглероден двооксид во кислород.

Треба да се има предвид дека НАСА има многу поконзервативен план за колонизација на Марс од Д-р Зубрин и оти многумина научници сметаат дека 1000 години е премногу краток период за таков зафат. Сепак, минатото ни покажува дека таквите футуристички концепти се она што поттикнува други творци на развој на алтернативни и пореални концепти што ја постигнуваат целта.

Еден од нив е младиот Ерик Јам од Торонто. Тој осмислил проект за колонизација на вселената кој победил на натпревар во организација на НАСА, а „демократската колонија без насилство“ далеку од Земјата, во која жителите се хранат со месо од лабораторија, ја нарекол Астен.

Според проектот, на Астен ќе можат да живеат 10.000 луѓе, и тоа во двособни станови со големина од 170 метри квадратни. Ќе имаат на располагање се што имаме ние на Земјата: училишта, болници, паркови, спортски терени, а сите граѓани ќе имаат бесплатно здравствено осигурување.

Јам изјавил дека храната што ќе ја јадат луѓето на Астен ќе биде слична на онаа што ја јадеме ние, но во многу помали пакувања. При проектирањето мислел и на пријателите на првите колонизатори на вселената, за кои ќе биде напоравен хотел со 300 кревети.

Бидејќи вселената нема одржливи извори на енергија, Астен ќе зависи од Земјата. Имено, контигенти на фосилни горива ќе пристигнуваат од неа и ќе се користат за создавање на електрична енергија.

Инспирацијата за проектот Јам ја нашол во лего коцките,а Астен го дизајнирал да изгледа слично на Торонто. Неговиот проект победил во конкуренција од 300 испратени трудови. Тој пресметал дека изградбата на Астен ќе чини 563 милијарди долари и оти таа ќе трае барем 30 години.

Во меѓувреме, можеби треба да се размислува за изградба на вакви „демократски колонии без насилство“ и на Земјата (би чинеле многу поевтино). Барем како експеримент.

(Користени повеќе прилози објавени на Интернет)

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion