Поп арт

0
80

Изразот поп арт е кратенка од англискиот popular art (популарна, народна уметност).

Се работи за понов правец во фигуративната ликовна уметност.

Називот поп арт се јавил за првпат во 1954. година во Англија, а потоа се проширил во САД. Опфаќа импровизирани постапки со разновидни материјали, во произволни комбинации на сликање, моделирање, вклопување на секојдневни и отфрлени предмети, како и учество на гледачите. Според тематиката и постапката, можат да се разликуваат статички дела, комбинирани слики, колажи и трик-слики.

Kaко уметнички правец се оформил во 60-тите години на 20. век, а корените му ги наоѓаме во дадаизмот и кубизмот. Поп уметниците го превртеа светот на уметноста наопаку, цртајќи го секојдневјето и рециклирајќи го како иронија, ирелевантна уметност. Суштината на оваа уметност ја претставува интеграцијата на уметноста во социолошки контекст. Главна цел му е воздигнување на наизглед банални предмети и производи од секојдневниот модерен живот во Уметност.

Додека во Америка дадаистичките демонстрации против „Уметноста” со голема почетна буква претставувале зачеток на поп артот, во Англија тоа била автохтона супкултура, чии главни медиуми за распространување биле рекламните плакати, жолтиот печат, илустрациите на научната фантастика и стрипот.

Карактеристично за сите уметници на поп артот е користење на техниката на „колажот”, преку кој потоа иронично се пласира виталната содржина на модерниот човек, манипулиран од потрошувачкото општество, социјалниот фетишизам, преку тривијалните идоли и потребата за чисто расфрлање. Така поп артот ги разоткрива парадоксите на една цивилизација условена од индустрискиот напредок, ја критикува модерната меркантилистичка култура и наедно учествува во самиот механизам.

Истакнати претставници на поп артот се Питер Блејк, Дерек Бошиер, Ричард Хамилтон, Роберт Индијана, Џаспер Џонс, Рој Ликтенстајн, Клаус Олденберг, Роберт Раушенберг, Џејмс Розенквист, Вејн Тибо и други.

Еден од најконтроверзните, но наедно и најинтересните сликари од овој правец е секако американскиот сликар, дизајнер и филмски творец Енди Ворхол.

Вистинското име му е Endru Varhola, роден е во Питсбург, живеел од 1927. до 1987. година, студирал дизајн на универзитетот Karnegi Melon, а потоа заминал во Њујорк.

Две од неговите многубројни „откачени” изјави:

„Во иднина секој ќе има свои 15 минути светска слава”.

„Уметникот е лице кое прави работи што не им требаат на луѓето, но тој од некоја причина мисли дека би била добра идеја да им ги даде”.

Во првата половина на 60-тите години од минатиот век Енди Ворхол станува водечка личност во поп артот, користејќи ја иконографијата и печатарските техники на масовната култура. Тој ги прикажува предметите на масовната потрошувачка, ги умножува и ги изведува во ситопечат. На пример, делата „Кока-кола”, „Брило сапуни” и др. Подоцна почнува со зголемување на портрети на тн. супер ѕвезди, прикажувајќи ги во смели хроматски контрасти: „Елвис”, „Мерлин”, „Елизабет Тејлор”. Истовремено, додека ги создава ваквите дела, Ворхол чувствува наклонетост кон шокантни глетки на современиот живот, па ги создава делата „Катастрофи”, „Црвени расни немири”. Ја основал и рок- групата „Велвет Андерграунд”, потоа ревијата „Интервју” и сопствена телевизиска станица.

Во фабриката „The Factory” снима авангардни, тн. андерграунд филмови, на пример „Сон”, „Девојката од Челзи”, „Емпаер Стејт Билдинг”. Многу филмски проекти по негова замисла и во негова продукција режира П. Морисеј, на пример „Плот”, „Смет”, „Горештина”, „Франкештајн”, „Дракула”, на кои им дава и поизразена наративна компонента.

Енди Ворхол ја објавил и книгата „ПОПисм”, како и збирката на фотографии „Америка”.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion