Во нашиов современ-модерен живот техничките новини престасуваат едни други со голема брзина и динамика, па времето од моментот на настанувањето на некој пронајдок до неговата примена е сѐ покусо и покусо.

Во минатото не било така. На пример, од пронаоѓањето на парната машина до конструкцијата на локомотивата требало да минат цели 50 години! Меѓутоа, веќе кај ласерот тој интервал изнесувал неполни 10 години.

Во нашиов век особено во микроелектрониката, пред сѐ во информатиката, се бележат уште пореволуционерни откритија и нивна уште побрза примена. Пресметано е дека тн. полувреме на развојот на знаењето изнесува помалку од една година! Тоа практично значи дека за толку кратко време застаруваат половина од сегашните потребни знаења од струката, односно науката треба да се обновува со нови достигнувања.

Аналитичарите на динамиката на развојот на знаењето на човекот истакнуваат дека тоа има и добра и лоша страна.

Добрата е оти таа отвора несогледливи можности за избор и примена на технологии во секојдневјето на животот и работата, правејќи ги нивните корисници поефикасни, поконкурентни, поиновативни и поквалитетни. Притоа, правилниот избор на технологии донесува огромни заштеди, намалувајќи ги трошоците до неверојатни граници.

Лошата страна е оти дури и на информатичките стручњаци им стана речиси невоможно да ја следат таа динамика. Од „оverload“ им се случува „од шумата не ги гледаат дрвјата“. Имено, активното полувреме на знаењето, односно времето за кое знаењето стекнато во текот на школувањето се менува помеѓу 75% и 85% во оваа област падна на речиси 10 месеци, па тие мораат перманентно да учат.

Пред 20-тина години се сметало дека полувремето кај информатичарите изнесува околу 5 години, а кај другите технички струки и во медицината околу 6 години. Кај другите научни дисциплини по правило ова време е подолго.

За жал, во економски заостанатите земји се води малку сметка за полувремето на знаењето, па поради тоа и разликите помеѓу нивоата на занење на развиените и неразвиените постојано се зголемува, и тоа со геометриска прогресија.