Мал есеј за сушноста на политиката и политичкото.

Постојат многу дефиниции на политиката, а енциклопедиска е онаа што вели дека политиката претставува вештина на управување со државата или со друга општествена заедница, но и сите постапки на управување кои се изразуваат во организирани облици на општествена акција. Таа ги следи сите општествени односи во кои се инкорпорирани поединечните интереси, интересите на групи, класи, слоеви, а стануваат политички откако ќе станат дел од свесното, повеќе или помалку организирано заемно дејствување на субјектите.

Постојат прецизни и мошне луцидни промисли за политиката и политичкото, а една мисла на Жан Пол Сартр најнепосредно се однесува токму на политичкиот ангажман и неговата прагматика:

„Сметам дека ќе дојде време кога луѓето политичкото ангажирање ќе го заменат со општествено и човечко. Човекот со тоа ќе добие, зашто ќе може да се изразува подобро и подлабоко“.

Мала додавка: не само што ќе се изразува, туку можеби и повеќе ќе се остварува во „конкретната стварност“.

Прагмата-прагматиката и конкретното дејствување на индивидуата („политичката“, но и секоја друга) се modus vivendi, особено во нашево совремие. Не само во смисла на она што е направено и се прави (дело, дејствие, чин, работа), туку и на она кон што се стреми, она поттикнувачкото да се „прави“. Прагматиката е делотворност како општа, заедничка корисност. Тоа ќе рече дека некорисноста не е прагматика доколку не е делотворна (делување како творење-создавање).

Патем, колку за појдовно запознавање:

Прагматизмот е правец во филозофијата според кој основното мерило на некое теоретско начело е содржано во неговата практична вредност. Во различни варијанти „практичната вредност“ се сфаќа било како корисно дејствување, можност за предвидување или како можност за верификација, па следствено се јавува и како теорија на вистината и како теорија на значењето. Во врска со тоа задира и во подрачјата на сознајната теорија, логиката и етиката.

Според прагматизмот, решението на некој проблем кое нема одредени консеквенции во практиката е бесмислено, метафизичко, неделотворно, па според тоа и невистинито.

Во смисла на филозофско учење, називот за првпат во 1878. го употребил американскиот филозоф Ч.С. Пеирс, кој се смета за основач на овој филозофски правец. Тој настанал врз традицијата на емпиризмот, но под различни влијанија се формирал во повеќе нијанси. Најважни се: „радикалниот емпиризам“ на В. Џејмс, „инструментализмот“ или „функционализмот“ на Џ. Девеј во Америка, како и „хуманизмот“ на Шилер во Англија.

Основата која го оправдува заедничкиот назив се резимира во сфаќањето дека поимите имаат само регулативно значење и оти практичното искуство е единственото подрачје на вистината. Целокупното наше сознание треба да се мери и цени само според неговата практична вредност и корисност за животот, а „вистинито“ е само она што може да има и практична вредност. Вистината или вистинитоста на некој суд се состои во тоа што е „корисен“, што „задоволува“.

Едни денешни-актуелни „политички практичари“ тврдат дека политиката е прагматика, а други се „повоздржани“, па неа-прагматиката ја „додаваат“ на „останатото“ („Политиката е и прагматика“). Се разбира, многу „попрецизни“ се другите, бидејќи политиката во најголема мера е далекусежна, а не моментна, краткотрајна (која било политичка активност или акција). Со други зборови, оние што акцентот го ставаат на прагматиката или (дури) политиката ја сведуваат на неа не се „конкретни политичари“, туку вешти локални политиканти кои се раководат единствено од позиција на интерес, а не на општокорисност. Многу често тие токму затоа се најприсутни на политичката сцена, а лесно се препознаваат според користењето (како наметнување, притисок, па и со покажување на „мускули“) на аргументот на силата, а не на силата на аргументот. Најчесто врз малите, слабите, маргиналните.

Што со нив? Каква одбрана од нив? Со силата на аргументот? Тешко, дури невозможно. Бидејќи за нив таквиот не постои или не го научиле, не го знаат, ниту сакаат да го научат, да го дознаат, да го прифатат.

Можеби единствено со постојана, непосредна „конкретизација“ на политиката и како прагматика. А за што е нужна стручност (експертност) и искуство, но и јасна идејна и идеолошка позиционираност. Особено кога се сведува на притисок, условување, закана со сила.