Плакатот е оглас напишан или втиснат на лист хартија и обесен или залепен на јавно место. Форматот на плакатот најчесто е таков што овозможува употреба  на букви доволно големи за да можат да се прочитаат од прилична далечина.

Освен текстот, плакатот речиси редовно содржи и ликовни елементи, концепирани и изведени така што да го привлечат вниманието на оние на кои им се обраќа, а со визуелната компонента не само да ја помогнат и дополнат перцепцијата на содржината, туку и директно или асоцијативно да дејствуваат врз сензибилитетот на приемачот на пораката.

Поради сите погоре наведени специфики, плакатот е делотворен медиум за јавно информирање. Се него се служат политичарите, културните и стопанските организации, за да ги пропагираат своите идеи или да ги постигнат своите цели.

Претходници на плакатот биле отпечатени летоци и театарски огласи што се јавиле уште од 16. век. Ликовниот дел им бил најнапред дрворез, а потоа бакрорез. Во денешна смисла, плакатот датира од втората половина на 19. век. За неговата појава во времето на францускиот импресионизам решително било запознавањето на Западот со јапонската обоена графика и изумот-усовршувањето на литографијата.

За творец на модерниот илустриран плакат може да се смета Тулуз-Лотрек. Натаму, него го развиле  голем број на ликовни уметници: во Франција Грасе, Стеинлен, Пиви д Шаван, Бонар; во Англија Бердслеј, Харди; во САД Пенфилд, Бредли, Рид; во Германија Унгер, Хејне, Штук, Холвејн, Арпке, Пецолд и други.

Новите технолошки постапки дале мошне богати изразни можности.

Литографскиот камен е заменет со плоча од алуминиум или цинк-цинкографија. Потоа е воведен офсетниот печат, а во нашево време сито-печатот. Големо значње за плакатот има и фотографијата, особено фотографијата во боја. Исто така, важна била обновата на типографијата кон крајот на 19. век, под влијание на Морис и движењето „Уметност и графика“ во Англија.

Плакатот често се употребува во масовните агитации. Особено значајна била неговата прогресивна улога во Русија, за време на Октомвриската револуција, а и во подоцнежните пропагандни активности, како и за време на војната против германскиот завојувач. Познати се плакатите на Мајаковски, Мур, Иванов, како и на групата Кукриникси.

Од Втората светска војна плакатот е најчесто заедничко дело на група во која, освен авторот-дизајнер, учествуваат и пропагандист (денес маркетинг агент), пишувач на текстови, типограф и печатар.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion