Томе Арсовски Tome Arsovski
Потребно време за читање: 2 минути

(Томе Арсовски: „Куќа на четири ветра“, Македонска книга, Скопје, 1991)

Еден роман кој може да задоволи и построги критериуми, а не само просечно читателско љубопитство, објави Томе Арсовски под наслов „Куќа на четири ветра“.

Станува збор за писател со завидно искуство, чија опитност и во вештото водење на дејствието, на градењето на настанот, и во профилирањето на неговите носители, како и во стилската препознатливост- се веќе потврдени и широко афирмирани.

Целото дејствие во „Куќа на четири ветра“ се одвива помеѓу Лида и Борис Развигора. Лида е млада девојка, уметничка душа, сета нурната во уметничкиот живот и секојдневјето, во нивната минливост. Жедна за љубов и ненаситна страст, до дното на нивната трагичност. Борис Развигора е исто така значајна личност во светот на писателите и творците воопшто, со трајни лузни од военото време, распнат помеѓу страста кон Лида и семејното огниште.

Исчезнувањето на Лида е предизвикано од драматската кулминација- трагичното сознание дека нејзиниот Борис е всушност маж на нејзината сестра Марта.

Прочитај и за ... >>  Под сјајната ѕвезда, на Водно - Алдебаран

Просторно- временската димензија на романот е препознатлива- Скопје од неговите предземјотресни години (петтата и шестата деценија на 20. век), еднакво како што многу личности од нашево совремие сигурно ќе се препознаат во ликовите на Џоџев, Борка Господинова, Јарски, Сашо Јаворски и другите- уметници, научници и интелактуалци, кругот на скопската боемија.

„Куќа на четири ветра“ е модерна приказна во која е вткаен животот со многу премрежија и судбински пресврти. Можеби и како отворена страница на сопствено постоење и опстојување.

Новото проширено издание на “Куќа на четири ветра” писателот го објави во 2006. година.

За Томе Арсовски:

Роден е на 23. септември 1928. во Косовска Митровица, умре во Скопје на 22. април 2007. година. Завршил Филолошки факултет во Скопје, а повеќе од 30 години работеше како драматург во Македонската радио-телевизија. Како раскажувач, романсиер, драмски писател и поет остави богат и значаен творечки опус. Арсовски беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1959 година, а во еден мандат и претседател на македонската писателска асоцијација.

Прочитај и за ... >>  Филмска легенда: Тони Кертис

Автор е на книгите: „Грст смеа“, „Александра“, „Празник на птиците“, „Непребол“, „Парадоскот на Диоген“, „Грст среќа“, „Матурска вечер“, „Стотиот чекор“, „Обрачи“, „Грдиот нарцис“, „Бумеранг“, „Чекор до есента“, „Коктел за четворица“, „Парадоксални раскази“, „Залез над езерската земја“ и др. Напишал и дваесеттина радио-драми, тв-драми и тв-драмски серии, играни во голем број европски РТВ центри.

За своето творештво Томе Арсовски е наградуван со бројни награди и признанија: наградата „11 Октомври“, „13 Ноември“ за животно дело, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Феникс“, „Златно перо“, „Кочо Рацин“ и наградата на Културно-просветната заедница на Македонија и на Авторско-правната агенција на Македонија.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here