Потребно време за читање: 2 минути

Свеста е севкупност на доживувања (психички процеси) во поединецот (индивидуална свест) или социјалната заедница (колективна свест).

Совеста е субјективна свест за доброто и лошото, внатрешна реакција на поединецот, на сопственото морално однесување и претежно на чувствата, темелено вреднување на сопствената личност и сопствените морални постапки.

Во преносна смисла, таа е сознајна или морална јаснотија, извесност и сигурност во препознавањето или одредувањето на некој предмет, на општествена или идејна ситуација или на самиот себе (свест за својата улога, своите должности, мисија, класна свест, потоа самосвест и др.).

Во сите пониски, елементарни облици, како што се осетите, одредени чувства и забележувања, па и некои претстави, свеста не е само својство на човекот туку, во помала или поголема мера, може да им се припише и на други живи суштества кои поседуваат поразвиен нервен систем, а посебно неговиот централен дел-мозокот.

Mеѓутоа, во некои повисоки облици, како што се поимното, дискурзивното мислење, комплексните чувства и претстави, свеста е карактеристична исклучиво за човекот и има свои физиолошки корелати во сивата кора на големиот мозок.

Прочитај и за ... >>  Волтер за ентузијазмот

Психологијата разликува и испитува различни градации и врски помеѓу јасните и нејасните состојби на свеста (односно полујасните, потсвесните или несвесните состојби). На тие релации и условености особено предупредиле Фројдовата психоанализа, Адлеровата индивидуална психологија и Јунговата психолошка типологија.

Прашањето на односот и приматот помеѓу битието и свеста (материјалниот и психолошкиот односно духовниот) е едно од основните прашања на секоја филозофија. Повеќето идеалистички филозофии во различни варијанти, од Платон до поновите тези за приматот на тн. свест воопшто (што за Кант е „севкупност на нужните и општоповторуваните услови на севкупното сознание на предметите“) или за битието што е фундирано или предодредено со неговата смисла, се сведуваат на ставот дека човековата свест го одредува неговото општествено битие. Обратното, материјалистичкото-дека човековата свест е одредена од неговото општествено битие, го тврди Маркс.

Уште од Сократовиот мистичен внатрешен глас, кој во пресудни моменти останува главниот критериум за просудување на одредена постапка на филозофот, преку христијанскиот „од Бога всаден внатрешен разумски суд“ (Albertus Magnus) и Кантовата теза за совеста како „моќ на судење која управува сама со себе”“и која „никогаш не мами“, па се до психолошките односно социолошките обиди за толкување на тој феномен (H. Spencer, P. Ree, F. Nietzsche, G. Simmel, L. Levy-Bruhl, S. Freud), проблемот на совеста останува еден од главните проблеми на историјата на етиката. Во тие, често и спротивни позиции неретко преовладувало мислењето дека во распонот помеѓу постапката на поединецот и етичкото треба (германски Sollen), совеста морала да одлучи за примереноста на нашето дејствување со некој општ, по себе важечки закон.

Прочитај и за ... >>  Од историјата на есејот

Меѓутоа, многу етики недоволно нагласувале дека силата и карактерот на совеста, како специфична морална санкција, зависи и од тоа во која мера поединецот ги прифатил како свои вредностите или нормите што во текот на историскиот развој попримаат различни облици. И самата совест е подложна на самооценка и самоусовршување, во зависност од животните прилики, конкретните историски, идеолошки, а со самото тоа и со моралните позиции на човекот. Таа не е некоја непроменлива, еднаш засекогаш дадена сушност на човекот, она вистинското, ноуменалното „Јас“, кое стои надвор од просторот и времето, како што тоа претежно го сметаат застапниците на идеалистички ориентираните етики.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here