Основни сознанија за модата

0
2

Терминот доаѓа од латинскиот modus, што значи начин. Тоа е назив на нови и минливи прифатливи облици на живот. Терминот обично се применува на облекување, фризура, покуќнина, накит, правила на јавно однесување, начини на забавување, но и на тенденции и критериуми кои владеат во книжевноста, ликовните уметности, музиката и слично.

Настанокот на модата во облекувањето досегнува до прадамнешни времиња. Така на пример, уште архајската пластика на тн. змиска божица (ритскоминејска култура, 1.800 г.пр..е. до 1.500 г.пр.н.е.), со стилизација на облеката, фантазијата на украсите и сјајот на бојата, дава да се наслути развиена смисла за мода. Уверливи докази за постоење на „мода” даваат грчките сликани вазни и пластиката од 4. до 2. век пр.н.е. (Танагра фигуричките). Од антиката до длабоко во средниот век нема поголеми промени во начинот на облекувањето. Дури од почетокот на 12. век облеката со кроење добива нови облици. Поттиците за мода главно доаѓаат од дворовите.

На крајот од 14. век бургундскиот двор во Дижон, а во 16. век до половината на 17-от шпанскиот двор, ја диктираат носијата која ги минала границите на нивните земји ( бургундска, односно шпанска мода).

Дворот на Луј 14-ти се смета за еден од најважните придвижувачи на француската мода. Првата  позната креаторка  на модата била Роз Бертин (1744-1813), кројачка на дворецот на Марија Антоанета.  Париз оттогаш станува светско средиште на женската мода, а таа позиција ја задржал главно до денес.

Под влијание на модните бранови  исчезнуваат многу  национални и регионални носии. Се одржуваат единствено селските, но ниту тие не остануваат  сосема поштедени  од повремените модни влијанија.

На средината од 19. век улогата на дворовите во модата ја презема граѓанскиот сталеж на Париз. Кон крајот на 19. и во текот на 20. век во Париз се основаат  проминентни модни куќи: C.F Worth, Jeanne Lanvin, Paul Poiret, Jean Patou, Chanel, Mme Schiaparelli,  Nina Ricci,  Maggy  Rouff, Christian Dior, Jacques Fath, Pierre Cardin, Andre Courrege, Paco Rabanne, Yves Saint-Laurent и други.

Од 19. век Лондон ја презема водечката улога во машката мода, која ја одсликуваат едноставност и елеганција, а по Втората светска војна се јавува и Италија како решавачки фактор на модата во облекувањето (особено шапки и чевли).

Во најново време улогата на модни диктатори се повеќе го презема влијанието на луѓе од филмот и спортот.

Модата станува интернационална. Таа бара секогаш нови патишта, се инспирира кај сите народи, а со засилени и брзи средства продира во најоддалечените краишта на светот. Модните журнали ги заменија некогашните колекции на модели кои ги разнесуваа трговските патници, а манекените се грижат за пропагирање на креациите.

Во последно време  поевтинувањето на текстилот (пронајдокот на ткаенини од синтетичко влакно) значително влијае  на побрзото менување на модата. Иако често исложена на потмсев, модата е општествен феномен на кој лесно не може да му се избегне,  оти „е исто така смешно да се избегнува модата како што е смешно слепо по неа да се поведува” (Ла Бриер).

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion