Потребно време за читање: 3 минути

Тоа е она кон што се стремиме како кон извор на уживање, задоволство, среќа; она што го унапредува животот на поединецот или заедницата; она што служи за задоволување на некоја потреба, за постигнување на некоја цел; она што се смета за вредно во економски, културен или морален поглед; што се бара, одобрува, цени, почитува, брани итн.

Во секојдневниот говор обично разликуваме материјални добра (добра кои служат за задоволување на физичките потреби или имаат прометна вредност) од духовни („културни“, „морални“ итн.), во кои се вбројуваат научни сознанија, уметнички и книжевни остварувања, правно- етички ставови и сл.

Многузначниот поим на доброто бил и предмет на многу филозофски разгледи.

Дискусијата на античката филозофија за „најголемото добро“, т.е, за врвната вредност кон која треба да се стреми човечкиот живот, ги создала етичките струи на хедонизмот, еудајмонизмот, цинизмот, стоицизмот итн.

Сократ сметал дека добродетелта може да се научи, односно дека е таа знаење. Тврдел дека човекот мора да знае што е добро (идеја на доброто), за истото и да го прави.

За Платон „убавото и доброто“ се врвна идеја во хиерархијата на трансцедентниот „идеен свет“. Според него, за добра држава се потребни четири добродетелства: мудрост, праведност, храброст и умереност.

Прочитај и за ... >>  Што е Сезам?

Аристотел не зборува за идејата на доброто, туку за поединечното добро на човекот. За него најголема добродетел е средината помеѓу две крајности (златна средина).

Сколастиката ги изедначува според логичкиот опфат поимите на доброто и битието, па Бог го дефинира како „највисоко добро“.

Во етиката се познати хедонистичкото и утилитаристичкото сфаќање на доброто.

Хедонизмот ги истакнува удобноста (пријатноста), чувството на задоволство како најголемо добро. Смета дека тоа чувство управува со нашиот живот и се што мислиме и правиме е насочено кон него.

Ј.С. Мил, претставник на утилитаристичкото сфаќање, смета дека не е важно количеството на удобноста (пријатноста), туку квалитетот, па поради тоа крајна цел е користа (lat. utilis = корисен). Ова гледиште смета дека секое дело го проценуваме според последиците, штетноста и корисноста, зашто тоа доведува до среќата на поединецот, а со тоа и до среќата на целата заедница.

Во својот етички формализам и ригоризам Кант отфрлува секоја „етика на добрата“, па за него критериум на моралната вредност е чистата волја независна од својата реализација во конректните добра. Со тоа, според М. Шелер, еднаш засекогаш е негирана етиката на добрата, а наместо неа е воспоставена етиката на вредностите спрема кои личностите стојат во актот (а не во функцијата како кај добрата).

Прочитај и за ... >>  Музите

Столетните дискусии околу поимот на доброто оживеаја во поновата, особено германската идеалистичка филозофија, во рамките на филозофијата на вредностите.

Економско добро е сѐ она што служи за задоволување на човечките материјални потреби.

Класификациите и систематизациите на економските добра се различни.

Според стојалиштето од кое се тргнува, добрата можат да се поделат на: а) слободни или природни, кои не настанале со човечка работа, и економски, кои ги создал човечкиот труд; б) материјални (супстанцијални), како што се опипливите предмети, и нематеријални, како што се разни услуги, енергија итн.; в) употребни, кои служат за сопствени потреби, и прометни, кои се произведуваат за пазарот (стока); г) трошливи и трајни; д) потрошни, кои служат за непосредно подмирување на човечките потреби, и производствени, кои служат за производство на други добра, како што се, на пример, земјата, машините, фабриките.

Во врска со главното значење на поимот добро се потенцира дека тоа е најголема морална вредност; човечка особина која е соодветна на суштината на човекот. Човечноста е должност на секој поединец, услов за добар живот. Тоа подразбира соработка со други луѓе, дијалог, љубов и достоинство на личноста.

Прочитај и за ... >>  Што е „Папокот на светот“?

Исто така се посочува на разликата помеѓу доброто во себе и корисното добро: доброто во себе не зависи од друго битие, нема надворешна цел, нема за цел некоја корист или интерес. Тоа е чисти добро. Се мисли на вредност, добродетелство, она кон што се стремиме, идеалот на доброто. Корисното добро има за цел некоја корист, некој интерес.

Сите поединечни добра се стремат да му се приближат на највисокото добро, па поради тоа е можно степенесто мерење на доброто, хиерархија на добрата (добар- подобар- најдобар).

Важен е и религискиот аспект на доброто. Во христијанската, еврејската и исламската религија највисоко добро е Бог. Сите големи религии ги препорачуваат добрите дела како пат до врвното добро. Во секоја монотеистичка религија наоѓаме правила, упатства за однесување.

Религијата смета дека суштината на добриот човек ја прави љубовта спрема Бог и спрема човекот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here