Од класици до класицизам

0
174

Класиците во стариот Рим биле граѓани од прва класа, а подоцна со тој термин се означувале истакнати писатели од грчката и римската оставнина.

Во модерните книжевности класици се писатели кои пишувале угледувајќи се на старогрчките и римските писатели, или оние чии дела според вредноста спаѓаат во прв ред.

Класичен– доаѓа од латинскиот classicus и најнапред се однесувал на класиците или потекнувал од нив.

Во времето на хуманизмот тоа е раширен атрибут за сѐ што ѝ припаѓа на грчко- римската антика (која хуманистите ја сметаат за недостижен културен пример). Оттаму и називите класични писатели, класична филозофија.

Реклама

Во потесна смисла со класично се нарекуваат „златните доба“ на антиката, т.е. периодите кога се создадени највредните дела на античката книжевност и уметност (Периклово, Августово доба).

Подоцна придавката класичен почнува да означува сѐ она од книжевното и уметничкото творештво на минатото што се одржало како трајно вредно, примерно, но што е и преовладано со современото, модерното.

Класицитет– она што е примерно, недостижно, на пример стил.

Класични јазици– израз кој во најопшта смисла се употребува за античкиот грчки и латинскиот книжевен јазик, а посебно за она време во развојот на тие јазици кога на нив се создадени највредните книжевни дела.

Во проширена смисла со класични се нарекуваат и други, обично постари јазици, за да се означи онаа нивна фаза кога граматички и лексички се зацврстиле и биле особено плодни со книжевни производи (санскрт, пехлеви, класичен арапски итн.). На класичната фаза на јазиците ѝ се спротивставуваат архаичната (преткласична) и декадентната (посткласична) фаза.

Класицизам– стил во ликовните уметности, архитектурата, музиката и книжевноста, на кој средишен модел им е уметноста на Елада и Рим, а главно начело му е барањето за објективност, строгост на формата и едноставност.

За разлика од ренесансата или чистата класика, уметноста на класицизмот не им се обраќа директно на примерни дела и канони на антиката, туку посредно преку рецепторската и пропишувачката естетика.

Иако траги на класицизмот се чувствуваат веќе во доцната ренесанса, неговиот полн процут се случува во 18. век (особено во Франција, Англија, Германија), додека влијание се чувствува и во различни неокласични и филокласични струи од првата половина на 20-от век.

Лино обраќање:
Господа и Дами политичари, не ќе е лошо и во вашиот најголем активитет да најдете малку време и да прочитате некое дело од домашен или странски класик. Којзнае, може ќе ви помогне во политиката, по некое ниедно време, да станете во најмала рака (или нога) класични.