Од импелементација до интеркултура

0
20

Неретко во нашиот колоквијален говор и во меѓусебната комуникација употребуваме зборови, термини и изрази чие значење или не го познаваме или го ставаме во друг контекст. Тоа најчесто го прават оние од „врвовите“ (особено државниот), кога својата висока позиција сакаат да ја потврдат и со почеста употреба на тн. интернационални зборови и изрази.

Дури и кога во македонскиот јазик постојат посоодветни, позвучни и поубави.

Таков е, на пример, случајот со зборот „имплементација“. Во своите јавни настапи наши врвни политичари и експерти (со и без наводници) се „отепаа“ од „имплементирање“ на сѐ и сешто, иако најмногу од „имплементираното“ од нив е „килаво“.

Кога се презентира Република Македонија како „успешна приказна“ (неверојатно инфантилен и ступиден израз-карактеризација на земја која одамна на светот ѝ подарила безброј приказни, бајки, басни итн.), кај оние од нашиот врв стана незаобиколна (тамам работа да ја промашат), меѓу другото, нејзината мултикултурност. Притоа, се акцентира дека нашава земја се развива-ќе се развива многу поинтензивно како мултикултурно општество (намерното „грешење“ со изразот „мултикултурна држава“, се знае од кого, овојпат нема да го коментирам), и тоа како нејзина специфика. А воопшто не ни се помислува дека секое мултиетничко и мултиконфесионално општество (има ли некаде во светот поинакво?) е едновремено „природно“ и мултикултурно. Се разбира, доколку се знае суштинското значење на овој термин.

Одвреме-навреме, исто така од некои од „врвот“ (па и од министри на некои ресори), слушаме и термин „интеркултурност“, како синоним на „мултикултурноста“.

Значи, за сите што „подзаборавиле“ како потсетување, а за сите што не знаат да научат. Особено за мултикултурноста и интеркултурноста:

Имплементација значи примена, ама некако „поучено“ изгледа нешто да се имплементира отколку да се примени. Би било смешно да не е трагично кога гледаме-слушаме некои од „високите“ кругови како си ги кршат јазиците (уште малку, па да си ги искршат; особено е опасно кога по него употребуваат други како негова „поддршка“-на пример „небулозно конзистентно“). И тоа е тоа. Ќе применуваме или ќе имплементираме, како ќе ни дојде, ама притоа никако не „магловито (матно) постојано (цврсто, одржливо)“.

Мултикултура е во суштина „многукултура“, односно многу култури на еден простор, територија, во едно време или заедничко живеење. Кога се потенцира таа во државни рамки, се подразбира еднаков, рамноправен третман и валоризација на културите односно културните вредности, создадени и кои се создаваат, на сите етникуми (кај нас, и во ниедна друга земја во светот, заедници, дури и со одбегнување на етнички, туку „мнозинска“ и „немнозински“, а во целиот свет народ и етнички малцинства). Тоа воопшто не значи „сплотување“, „претопување“, „интергација“. Најмалку, пак, создавање нова култура. Тоа е единствено потврда и афирмација на одделни култури и традиции, богатство на културни идентитети (и интегритети) на една земја.

Што се случува кај нас на планот на мултикултурноста сфатена во нејзината „изворност“ (претходното објаснение)?

Прецизно и аргументирано: не се случува ништо или се случува толку малку за пак да излезе ништо.

Најнапред, ништо не се прави, како културна политика, на меѓусебното запознавање и доближување на културите на етничките заедници во Македонија, ништо за мултикултурно живеење. (Секоја чест на исклучоците кои само го потврдуваат правилото.) Напротив, во подолг период е евидентен ретрограден процес на културно изолирање или, дури, мајоризација на културата и творештвото на одделни етникуми на сметка на други (албанскиот на сметка на другите).

Кога ќе се случи настап на каква било културна сцена (домашна или странска) на творци, презентација на дела од автори-припадници на повеќе или на сите етнички заедници, и тоа со нагласка на нивната припадност, и кога ќе се „случи“ нивна валоризација под еднакви критериуми, тогаш ќе може да се говори за мултуикутура во Македонија (не за „мултикултурна Македонија“; таква не била, ниту може да биде).

А што се однесува на интеркултурноста, тој што го употребува терминов е подобро веднаш да го заборави. За да не биде, ако веќе не е, етикетиран како „глобалист“, кој пет пари не дава за сопствениот идентитет и интегритет во светот на вредностите. Да не го прогласат за „тврд заложник“ на живот не едни покрај други, туку едни со други.

Ако притоа мисли на универзални културни вредности, тогаш е подобро да се изразува, на пример, вака: културите и традициите во Македонија (македонската е само македонска) во рамките на дострелите на човековата цивилизација. Притоа, да не заборава дека секогаш и секаде еднаквоста е во различностите, никогаш и никаде немало, нема и ќе нема „единство на различности“.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion