фенг шуи feng shui
Потребно време за читање: 8 минути

Тој не е предмет само на една наука, а особено не кога се третира како севкупност, сеопфатност, интегралност. Се анализира(л) филозофски, но и социолошки, културолошки, уметнички, па и политички. Во најново време се смета дека е веќе формирана или е во процес на дооформување посебна наука која го проучува просторот во кој живее и опстојува човекот (посебен дел-просторна антропологија), а пред сѐ од аспект на универзалните човечки потреби (човекот и просторот, човекот и амбиентот- архитектурата- градот…).

Познато, одамна потврдено сознание: човекот и просторот се неделиви. При концепирањето на просторот (класификација и типологизација) неодминливи се филозофските сфаќања како „хомогена и рамномерно распространета супстанца“, како „категорија на умот“, како „субјективна форма и услов на сетилната перцепција“, како „една од основните форми на изразување на материјата“.

Кај што е просторот, тука е и постоењето

Сепак, суштинско прашање или проблематика е меѓузависноста на просторот и егзистенцијата. Познат е ставот на Ниче „Кај што е просторот, тука е и постоењето“, а можеби најблиска дефиниција на односот на единката и просторот дал Хајдегер во својата феноменолошка студија за градењето, становањето и мислењето: „Битието е просторно“.

Некои учени издвојуваат две синхронизиреани скали на нивоа на посматрање и анализирање на односот на човекот и просторот: развојна низа на теоретско- методолошки истражувања, и просторните како реални или можни рамки (услови, сцени, амбиенти) за бројните манифестации на индвидуалната и колективната (општата) сфера на субјектот. Притоа се наметнуваат повеќе идеи кои за појдовна основа ја имаат егзистенцијата: интересирањето за човекот, за субјектот, за корисникот, творецот на станбената и работната средина-средината на секојдневјето, интересирањето за „човековиот свет“, за автентичната човечка природа и нејзината спонтаност, стремежот кон разновидност на содржините и богатство на различни изразувања, наместо унифицирање и типизација кога се работи за просторните рамки за изразување на спонтаноста, зафатеноста со „стварните човечки потреби“ наспроти вештачките, лажните, манипулираните.

Целите на теоријата на просторот би требало да постигнат задоволителен степен на теоретско и вредносно одредување спрема најопштите општествени цели (или цели на „заедницата”). Тогаш ќе биде можно правилно и прецизно да се одредат местото, значењето и стварниот придонес на теоријата на архитектурата и просторот за процесот на остварување на сѐ повисокиот степен на хуманост, кон создавање на можности за надминување на рамките на постојната стварност, условите на живеење, стиловите на животот, начинот на изразување на специфичностите и спонтаноста, како и бројните афинитети на поединецот и заедницата. Таа мора да биде ослободена од демиуршките и месијанските претензии, мора да го надмине стремежот за креирање на човечката природа и регулирање на суштинските односи во општеството и заедницата. А токму областа на архитектурата е плодното поле за настанување на ваките претензии, за што сведочат бројни примери, посебно од епохата на Модерното движење (програмските тези на Валтер Гропиус, теоретските трудови на Корбизије, Ханс Маер), а треба да се спомнат и Алберт Шпер, италијанските рационалисти помеѓу двете војни и екстремните струи на рускиот конструктивизам.

Во последните децении на 20. век беше карактеристично јакнењето на локалната заедница и на бројните облици на партиципација на корисниците во просторот, што, заедно со имплементацијата на екологијата, стратегијата на одржлив развој и енергетската ефикасност во сите области на животот, постави нови истражувачки проблеми пред теоријата и науката за просторот. Се разбира, секојдневниот живот станува се повеќе поле на кое поединецот се среќава и комуницира, а најчесто е принуден да се конфронтира и да се бори со институциите на моќ, како и со професионалци од областа на создавањето и уредувањето на просторот. Напоредно се одвиваат и планетарните влијанија на стратегијата на глобализмот, со идејата за бришење на специфичните регионални и локални вредности, со поништување на културното и историското наследство и подредувањето на специфичностите и особеностите на „филозофијата“ на растечката ефикасност.

Прочитај и за ... >>  Колку жени имал Тито ?

Наука за просторот

Науката за просторот најмногу (ќе) се концентрира на допирните точки на „концепцијата на светот“ и концепцијата на просторот, а ќе се занимава и со прашањата што ги третираат други науки, кои се занимаваат со човекот и просторот. Разгледувањето на сложените аналогии на филозофијата и архитектурата (архитектурата сфатена како теорија и практика на промислувањето и уредувањето на просторот), односно аналогиите на концепцијата на светот и концепцијата на животниот амбиент, ќе се организира околу значајни тематски блокови, комплементарни „теми“ на кои укажуваат многумина авторитети. Само некои од нив: егзистенција- субјект, секојдневје- средина на секојдневјето, поларноста како темелен принцип, тоталитет- синтеза во доменот на просторните аспекти, односот на теоријата и практиката, развојноста на системот на вредностите и аналогиите со динамичните процеси на планирање и организирање на просторот, релациите на целите и средствата (уредување на просторот), односот на техниката и развојот (просторни концепции), прашањето на корелацијата на природата и цивилизацијата и др.

Се посочува и на резултатите и достигнувањата на антрополошките дисциплини и синхронизацијата со работата во рамките на науката за просторот.

Резултатот би бил квалитативно нов вид на соработка, низ оптимален степен и идентификација помеѓу средината (сфатена антрополошки) и станбената/ работната средина, синтезно остварена во животната средина како средина на секојдневјето; помеѓу културата на една и културата на трудот и становањето на друга страна, на општеството и на сите негови релевантни аспекти и на општественото ниво на просторот како организиран и хуманизиран животен амбиент; потребите и нивните тројни структури во рамките на теоријата на просторот; помеѓу вредностите на една и плурализмот на барањата за нивоа на еластичност на стадардите на друга стран итн.

Главната заложба е просторот односно просторната организација да му се подреди на човекот и неговите стварни потреби, бидејќи надвор од нив и не може да се најде вредна смисла. Со таков појдовен став би се избегнала опасноста од еднострано хипостазирање на просторот како и на бројни видови на мистифицирање и фетишизирање на одделни просторни аспекти (форма, дизајн, функционалност, ликовни ефекти) или на просторот во целина- безживотна, завршена, дехуманизирана и во себе затворена целина, целина лишена од компонентата на променливоста и развојот.

Конкретна препорака (па и како дел од науката за просторот)

Дали сте чуле-прочитале за Васту? Се работи за посебна индиска филозофија на усогласување на животниот и работниот простор. Таа потенцира дека постои тесна поврзаност помеѓу просторот и свеста, а во просторот доаѓа до спојување на духот и космосот. Тоа особено вреди за оние што ние самите архитектонски ги обликуваме. Според Васту принципите , во креативното и функционалното обликување на просторот ние ја потврдуваме својата индивидуалност пред природата, а притоа да не се изделуваме од неа.

На Интернет има многу линкови посветени на Васту, од кои го издвојуваме- препорачуваме специјализираниот блог „Васту- усогласување на животниот и работниот простор“ (http://vastu.blogger.ba/).

Просторот-Етер е најсуптилниот од петте груби елементи (оган, земја, воздух, вода и етер) од кои е направено се во овој универзум, гледано од видливо ниво- носи со себе одредени енергии, за секој дел од просторот поинакви. На пример, просторот на спалната соба поседува поинаква енергија од просторот на кујната или дневната, и таа енергија е идентична со просторот што го исполнува.

Прочитај и за ... >>  Ведрината

Во Индија таквото размислување е поприродно затоа што мебелот е едноставен до крајност, често се живее без големи плакари, многу легла за спиење и одморање, маси и столици, зашто некои активности се одвиваат поприродно на чиста простирка на подот (сите видови на медитации главно се работат во лотос положба- се седнува на чиста простирка на подот, со прекрстени нозе стапала, исправени грб и врат, настојувајќи да се вдишува и издишува рамномерно).

Васту разбирање

Особено е интересно „Васту разбирањето“ за бојосувањето на ѕидовите во стан, куќа или на работниот простор. Треба да се имаат предвид повеќе фактори: видот на намената на просторијата, здравствените потреби, личниот знак на зодијакот, какви енергии владеат во просторот, а да се земат предвид и страните на светот- правците; потоа боите на одделните простори секако би требало да бидат усогласени со лицата кои живеат или работат во нив, нужни се добар квалитет и количество на дневна светлина, лична декоративна шема, како и одреденото културно милје.

Боите често имаат значајно влијание врз нашето однесување, здравјето- функциите на телесните органи, богатството, комуникацијата, духовниот напредок, ентузијазмот итн. Бидејќи светлината ја примаме низ очите, тие треба да бидат колку е можно послични на спектарот на светлината на Сонцето. Меѓутоа, светлината ја примаме и низ кожата, што ќе рече дека нашите очи и кожата реагираат на одредени бои и светлина. Познато е, исто така, дека боите често се користат во медицински-терапевтски цели, за лечење на одредени психофизички пореметувања.

Со испитувања е утврдено дека треба почесто да престојуваме на отворено- изложени на дневна сончева светлина, барем 2-3 часа дневно, секако во погодно време, кога Сонцето не е пресилно. А ентериерот во кој живееме, престојуваме и работиме би требало да има избор на светлина колку е можно поприближен на спектарот на сончевата. Така и чарките на нашето тело или енергетските вртлози-преку кои добиваме размена на енергија со космосот, освен што се поврзани со одреден дел од телото се поврзани и со одредени бои и број на латици на лотосовиот цвет.

Спалната соба е наменета за одмор, па боите треба да бидат нежни и смирувачки, а не силни и тешки. Во дневниот престој треба да бидат посилни и подинамични бои. Собата во кое е бебето треба да има нежни и посветли бои, зашто е тоа она што бебето најдобро го гледа и чувствува. Собите во кои има малку дневна светлина треба да се бојосат со посветли бои, додека собите со големи прозорци и добро осветлени можат да толерираат присуство на потемни бои. Ако собата има само еден прозорец на север, ѕидовите не смеат да бидат со сина боја. Бидејќи студената светлина влегува преку север- освен на места со исклучително топла клима, повеќе ќе прилегаат топли бои. Собите кои се директно изложени на сончева светлина не треба да се бојосаат во жолто или порткалово, додека таванот треба да е во бела боја која добро ги рефлектира светлината и топлината.

Вашиот ентериер (бојосување на ѕидовите) и Фенг Шуи (основно разбирање)

Буквалниот превод е „Ветер и вода“, а се работи за кинеско искуство што се пренесувало од генерација на генерација се до неговата појава како уметност и наука. За првпат е користено во древна Кина за да се одредат најповолните места за положбата на гробовите на претците (со најдобар видик), од кои тие би можеле на своите наследници да им помогнат со давање на благослов и среќа. Подоцна според тие принципи ќе се градат палати и важни згради и споменици, се до цели населби и градови. Типичен пример е Хонг Конг. Според тоа, може да се каже дека Фенг Шуи е всушност огромно знаење, а за неговото учење на Исток се потребни најмалку 30 години кај мајстор.

Прочитај и за ... >>  Живот и творештво-животно творештво: Ернест Хемингвеј

Фенг Шуи се развил од вечните начела на И-чинг (Книга на промените), јин и јанг, теоријата за петте елементи (дрво, оган, земја, метал и вода), но и на начинот на кој тие влијаат врз движењето на енергијата во нашата околина. Денес тој е сложена уметност, која не е само поврзана со внатрешното уредување и разместување на мебелот (тоа е само една негова гранка). Ги опфаќа и ориентацијата (положбата на зградата во однос на страните на светот или значајни топографски својства), изборот на насока (ефекти на движење во одредена насока на компасот), астрологијата, бојата, диетата, медицинската дијагноза и др. Фенг Шуи повторно не поврзува со силите на природата, не учи да живееме во согласност со неа, во согласност со нашата околина и просторот. Тој е мост што ги поврзува духовното и материјалното.

Кога е бојосувањето на ѕидовите на вашите соби во прашање битно е да се знае следното

На пример, ако сте личност кај која доминира елементот Оган (според Фенг Шуи табелата на елементите) Вам веројатно ќе ви годи црвен ѕид на јужната страна на Вашиот простор и постои можност дури да го активира Вашиот углед и да добивате пофалби и признанија. Меѓутоа, ако кај некој од семејството е доминантен елементот Вода, ќе се разболи, ќе пати од разни воспаленија, хроничен умор, срцеви пореметувања, нервоза…Со други зборови, бојосувајќи го ѕидот во црвено, одредени сектори, како што се здравјето, љубовта, семејните односи, можат да бидат драстично погодени и осиромашени. Следствено, треба да се внимава со драстичните промени и светлите бои затоа што им даваат исклучителен енергетски импулс на оние кои живеат во тој простор, но не е секогаш позитивен.

Кога ќе го уредите вашиот простор според Фенг Шуи принципите и вашиот Куа број (вашиот прв, основен број со кој владее еден од 5-те основни елементи) се случуваат коренити промени на подобро и во вашиот живот.

Ако се посматра односот спрема просторот, луѓето можат да се поделат на 3 основни типа, а повеќето од нив варираат помеѓу нив.

Првиот е тип на мрзливец (вид на глушец-на српски хрчак), кој лежи скриен во сите нас. Тоа е тип на личност која собира, чува работи и мошне тешко се раздвојува од оние што му го затрупуваат орманот, дури и кога се во прашање некои ситници.

Вториот е непостојан тип. Личностите од овој главно имаат средени домови, стилски мебел, просторите им се уредени според најновите дизајнерски трендови. Поседуваат дом кој е „како од списание”, но во суштина де мошне незадоволни од својот простор.

Третиот тип е умерен, во себе може да содржи карактеристики и на типот на мрзливец и на непостојан, но често и вешто ги доведува во хармонија. Урамнотеженоста е клучот на неговото функционирање и неговиот простор. Умерениот секогаш работи на подобрување на својот животен простор и хармонијата во него. Тоа се лица кои знаат што сакаат, работат на себе си и главно се задоволни од животот што го водат. За жал, темпото на живот што му се наметнува на модерниот човек остава се помалку место за нивно појавување, зашто секојдневниот стрес ја исцрпува енергијата, како на човекот исто така и на неговото работно место и домот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here