Потребно време за читање: 3 минути

Некои нафрлоци преземени од други за темелна расправа:

Националниот идентитет е еден од социјалните кој битно ја одредува човековата личност и претставува најбитен и најсеопфатен колективен идентитет. Поединецот за себе мисли дека е припадник на колективитет што го чинат лица со кои и не стапува во неспоредни односи.

Тој е најнепосредно поврзан со нацијата. Критериумите кои го одредуваат (јазик, етницитет, историско минато, култура, територија) и го објективизираат се и ден- денес проблем. Забележан е нивен неуспех за одредени нации, а што се поклопува со тезата во психологијата дека варијабилноста на кои било психолошки својства е поголeма во група отколку помеѓу групи.

Од друга страна, субјективниот критериум за дефинирање на нацијата инсистира на колективната или индивидуалната свест и нејзиниот избор на заеднички живот и припадност на одредена нација.

Прашање за промислување поставено од видни учени:

Ако националната идентификација има корени во општите човечки потреби, не се ли тогаш тие потреби нешто што е вкоренето во човечката природа и човечката историја?

Прочитај и за ... >>  5 правила за долготрајна врска

Иако самиот поим на нација му припаѓа на поновиот историски период, кога нацијата се изедначуваше со државата, постоеја и пред тоа одредени чувства на колективна припадност кои можеа да се вклопат во современите држави и националните движења, а кои се нарекуваат прото-национализам. Тој го олесна создавањето на национализмите и нациите, користејќи елементи на кои денес националниот идентитет не се повикува (вера, икони, цар, земја), но помеѓу кои можат да се најдат некои сличности со елементите што ги користи модерната национална свест.

Кога националниот идентитет се тансформира во национализам? Тогаш кога преку „национална репрезентација“, т.е. национална елита се контролира националниот живот. Тогаш националниот идентитет станува форма на модерна, секуларна религија. Тој се претвора во национализам кога кај припадниците на нацијата се формира чувство на перманентна запоставеност, поради економска заостанатост и просторот во кој живеат, кога националното водство-„апостолите на национот“ ќе почувствуваат дека играат второстепена улога во политичкото одлучување, кога националниот јазик ќе биде во инфериорна положба итн.

Во американската социологија националниот идентитет најмногу го истражувал Роберт Парк. За него тој е самосвест на некој народ за себе. За националниот идентитет битна е самосвеста на група која ја ја издвојува од други групи. Таа самосвест подразбира дека односите со сонародниците ги засноваме на сличности, а односите со припадниците на „други“ нации на разлики.

Прочитај и за ... >>  На „ти“ и на „Вие“

 

Треба да се има предвид дека, кога станува збор за социолошките елементи на националниот елемент, на почетокот тоа било заедничкото потекло, а потоа заедничката територија. Подоцна се спомнуваат заедничкото општество, обичаите, моралот. Обичаите и моралот ја потиснуваат важноста на територијата, зашто на иста можат да живеат луѓе со различни обичаи и морали.

Во модерната социологија се смета дека националното богатство не се сведува на територијата со која се располага, туку во знаењето и вештините, способностите со кои народот располага, како и човековата способност за комуникација со други луѓе.

Во ова време на глобализација значењето на националните држави е изразито мало во политичката и економската структура на светот. Глобалното општество ги брише границите на нациите- држави кои биле одредени било политички, економски, културно или јазички. Националната држава останува без стварна функција и со битно изменети улоги. Таа веројатно ќе опстане, но благодарение на силата на традицијата.

Што се случува денес во светот со поединецот и неговото чувство на национален идентитет?

Прочитај и за ... >>  Стареењето и времето

Општеството е тоа што може да одговори на проблемот на човековиот развој и самопотврдувањето, и така да го намали растот и значењето на деструктивниот национален идентитет. Тоа ја потврдува психолошката теза дека личностите со развиен персонален идентитет нема да развијат силна идентификација со нацијата, зашто се самопотврдени и му придаваат помало значење на припадноста на разни општествени групи. Оние кои својот национален идентитет не го гледаат низ призмата на фалсификуваното минато и со самото тоа и сегашноста, имаат изграден рационален механизам со кој се спротивставуваат на националната идентификација, притоа не губејќи го чувството на национална припадност.

Проблемот кој останува нерешен се поединците и општествата кои во националната идентификација го пронаоѓаат својот изгубен идентитет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here