Потребно време за читање: 5 минути

На човековата цивилизација ѝ се закануваат многу нешта, катастрофичните ризици се во немал број (некои и со последици на Земјината биосфера), а од нив најголема загриженост предизвикуваат евентуалните судари на планетата со мали тела од Сончевиот систем, пред сѐ астероидите и кометите.

Меѓутоа, во последниве неколку години на пошироката јавност сѐ повеќе ѝ се „доближува“ друга, многу пореална закана: супервулкански ерупции. Според некои, тие претставуваат двојно поголема закана за цивилизацијата од сударот со космичките тела.

Утврдено е дека космички тела со големина од над 1 километар удираат во Земјата во просек еднаш на 100.000 години, а суперсилните вулкански ерупции се случуваат отприлика на секои 50.000 години. Досега се истражени геолошки остатоци на случени во подалечното минато, во тн. геолошки жешки точки, како што се Исланд, Суматра, Азорските острови, западен Сибир и островот Реунион во Индискиот океан.

Во конвенционалниот говор со супервулканизам се нарекува онаа вулканска ерупција која произведува над 1.000 кубни километри исфрлен материјал. Таа се смета за способна да произведе повеќе од 1.000 мегатони стратосферски аеросоли и честички на прашина со димензии помали од еден микрон, а кои долготрајно се задржуваат во високите слоеви на атмосферата, блокирајќи ја Сонечвата светлина. На овој начин суперерупциите предизвикуваат глобално заладување, што се нарекува вулканска зима, и еколошко пореметување во целиот свет. Денес супервулканска ерупција неизбежно би предизвикала речиси уништување на човековата цивилизација.

Во славниот Јелоустонски национален парк и во тн. Долга долина (Long Valley) во Калифорнија, САД, имало 3 големи ерупции во изминатите 2 милиони години, при што секогаш го покривале целиот северноамерикански континент со пепел, од Атлантикот до Тихиот океан. А најдраматичен и најскорешен таков настан се одиграл на местото на денешната калдера (вид на кратер) Тоба, на индонезискиот остров Сумтара, пред 73.000- 74.000 години.

Имено, страотната експлозија на вулканот Тоба ја разнела планината која таму се наоѓала претходно и создала кратер со пречник од околу 100 килемтри, исфрлајќи прашина и пепел во вид на столб со застрашувачки 50 километри височина и ослободувајќи, меѓу другото, над 3 милијарди тони (3.000 мегатони!) сулфур двооксид во атмосферата. Тој е еден од најопасните производи како на вулканската активност, исто така и на човечката индустрија. Количеството на сулфур двооксид исфрлен во суперерупцијата на Тоба е најмалку стотина пати поголемо од она што ја исфлиле вулканите познати од пишуваната историја-Везув во ерупцијата што ја уништи Помпеја во 79. година од нашата ера и Кракатау при познатата ерупција во 1883. година.

Прочитај и за ... >>  Предвидување на иднината

Во тн. ледени јадра-примероци на лед со одредена старост кои се вадат од длабочината на глечерите, кои геофизичарите ги пронашле на Гренланд, најголемата вредност на сулфурна киселина соодветствува со времето на ерупцијата на вулканот Тоба и трае околу 6 години. Тоа покажува дека густ вулкански облак со погубни ефекти се проширил низ целата планета.

Во претпоставките и прогнозите за ефектите од супервулканските ерупции интересна е онаа на генетичарите. Имено, „Проектот на човечкиот геном“ на научниците им отвори низа нови прашања поврзани со човековата еволуција. Една од првите работи кои ја утврдиле научниците е униформност на човечката генетска структура. На молекуларно ниво сличноста помеѓу луѓето од сите географски широчини и должини, како и од најразлични климатски и културни опкружувања е неверојатно голема. Сите разлики што ги перцепираме помеѓу нив или се произведени културно или се занемарливи!

А со оглед дека луѓето живеат речиси на целото копно на нашата планета, освен на Антарктикот, ова е навистина необично. Човековата генетска варијабилност е далеку помала од варијабилноста кај другите цицачи кои имаат толку голем географски распон (на пример стаорците или кучињата). Стандардното објаснение е дека сите луѓе што денес живеат на Земјата се потомци на една релативно мала популација (тн. хипотеза на „митохондријална Ева“) во далечното човечко минато.

Во 1998. година американскиот антрополог Стенли Емброуз ја предложи токму суперерупцијата на Тоба за глобална катастрофа која ја намалила човечката популација на мошне мал број- под 10.000, а можеби и под 1.000 индивидуи. Користејќи ги познатите стапки на генетска мутација, тој „го вратил филмот“ и се обидел да процени во кое доба дошло до генетско „тесно грло“ (англиски bottleneck) кое ја објаснува денешната униформност на човечкиот геном. Одговор: пред околу 75.000 години. Коинциденцијата со суперерупцијата на Тоба можеби не е само коинциденција!

Прочитај и за ... >>  Нијагара е река или...?

Според теоријата на Емброуз, вулканската зима, која настанала поради исфрлување на огромен вулкански облак од прашина и аеорсол во стратосферата, траела цели 6 години. Во текот на тој период поради помрачување на Сонцето глобалната температура на површината на нашата планета опаднала за десетина степени Целзиусови, со регионални намалувања поголеми од 15 степени. Ова неизбежно предизвикало еколошка катастрофа: недостигот на Сончева светлина и студот значеле драматично намалување нна биомасата во растенијата, а што, од своја атрана, имало за последица животните и луѓето масовно да страдаат од глад. Нашите претци во тоа време не биле ништо посигурни од другите животински видови, ниту располагале со каков било начин подобро да се спротивстават на гладта, така што „за малку“ дошло до целосно изумирање на нашиот вид.

Онаа мала популација која преживеала го сторила тоа поради среќната околност што се наоѓала во најтоплите и со биомаса најбогатите краишта на планетата, во централна Африка, од каде, кога застрашувачкиот вулкански облак се распрснал и Сонцето повторно засветлело нормално, се проширила ширум планетата.

Идните истражувања ќе покажат дали оваа возбудлива хипотеза е точна. Но, самиот факт дека таа претставува можно објаснение на загатката на генетската варијабилност укажува на потенцијалот на супервулканите да предизвикаат катасорфални пореметувања на биосферата.

Најголем проблем за живите суштества кои ќе го преживеат, пред се поради географската оддалеченост, самиот момент на суперексплозијата и ударниот бран, земјотресот од 10 степени според Рихтер, ураганската бура и киселите дождови кои ќе го следат, ќе биде ладење поради блокада на Сонечвата светлина. Позначајните историски вулкански ерупции, како што се Тамбора во 1815., Кракатау во 1883. и Пинатубо во 1991. година, предизвикале мерливи намалувања на глобалните температури, додуша само неколку десетти делови од степенот.

Деталните пресметки покажале дека суперерупцијата на Тоба ја намалила глобалната температура за околу 5 степени, додека регионалните ладења оделе и до 15 степени Церлзиусови. Ова би го уништило најголемиот дел од вегетацијата над почвата. Вкупно, количеството на светската вегетација би се намалило за околу 25%. Во современиот, густо населен свет, би значело светска глад со децении, засилена со мрачниот факт дека речиси ниедна земја на светот, освен Швајцарија и уште мошне мал број на други држави, нема резерви на храна за целото свое население за подолг период.

Прочитај и за ... >>  Претстои забрзана колонизација на вселената

Во таква ситуација не е тешко да се замисли дека намалените земјоделски ресурси би предизвикале цела низа на секундардни катастрофи, пред се војни за храна, потоа глобални епидемии и слично. Се на се, речиси е извесно дека цивилизацијата каква што ја знаеме денес не би преживеала.

Славниот британски палеонтолог и антробиолог Сајмон Конвеј Морис, инаку еден од најзаслужните за познатата реконструкција на фауната од Камбриум пронајдена во Барџесовиот шкрилец во Британска Колумбија, во еден свој коментар нагласува:

„Се што можеме да направиме е да ги држиме палците прекрстени и да се надеваме дека до наредната суперерупција ќе имаме робусен општествен и економски систем заснован на глобална правда и солидарност, како и почеток на силна програма на меѓупланетарна и меѓуѕвездена колонизација“.

Некои посочуваат и на фактот дека супервулканизмот е исто така релативно лоша вест за потрагата по вонземна интелигенција (SETI). Оваа потрага се заснова на идејата дека цивилизации на оддалечени планети ќе опстанат доволно долго за да развијат технологија неопходна за комуникација преку огромните меѓуѕвездени оддалечености. Меѓутоа, ние истовремено очекуваме дека таквите цивилизации мораат да се појават на планети кои се тектонски активни, од повеќе причини, а пред се поради потребата од кружење на јаглеродот помеѓу атмосферата и тлото.

Енергијата за ваквото кружење потекнува, во крајна инстанца, од распаѓањето на долгоживеачките радионуклиди во Земјината внатрешност, пред се уранот, ториумот и калиумот -40, кои ги придвижуваат сите тектонски промени.

Тектонски активните планети се истовремено нужно и вулкански активни.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here