Зголемувањето на бројот на жителите на планетата Земја до 2050. година предизвикува загриженост и предупредува: проблемите поврзани со егзистенцијата, поточно преживувањето на луѓето (економско-социјалните) во наредните години и децении ќе се зголемуваат со геометриска прогресија. Не само во сиромашните и средно развиените, туку и во земјите кои сега (утре можеби не) се дел од развиениот свет.

Прв податок кој загрижува е дека бројот на лица постари од 60 години ќе се зголеми тројно и ќе достигне 2 милијарди до 2050. година, односно една петина од очекуваната популација. Светската популација ќе се зголеми за 2,5 милијарди луѓе. Сегашната бројка на жители на Земјата е 6,7 милијарди.

Едно од бројните предвидувања во извештајот на ООН под наслов „Можностите на светската популација“:

„Светската популација е на пат да надмине 9 милијарди до 2050. година и да продолжи да се зголемува, додека популацијата во најразвиените региони нема значајно да се менува, но ќе остари“.

Миграциите од сиромашни во богати држави би требало да го надоместат недостатокот на работна сила во развиените региони, а се очекува популацијата во 46 држави, вклучително Германија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, повеќето поранешни советски републики и помали островски држави, да биде помала до 2050. година.

Извештајот ги наведува очекувањата за тројно зголемување на популацијата во Авганистан, Бурунди, Конго, Либерија, Нигерија, Источен Тимор, Уганда и Гвинеја-Бисау.

Податоците покажуваат дека населението на Индија, Нигерија, Пакистан, Конго, Етиопија, САД, Бангладеш и Кина ќе сочинуваат половина од порастот на светската популација.

Ваквите предвидувања потврдуваат дека, од една страна, поместувањето на старосната граница (ќе) значи поголем и вредносно порамномерен квалитет на животот (во сета негова комплексност), а од друга миграционите движења, особено на младите и работоспособните (пред се квалификуваните) од неразвиените кон
развиените земји (со се постаро население) ќе бидат се поинтензивни, а што ќе претставува нивна егзистенцијална загроза, уништување на идентитетот.

Дали тоа не е веќе денес, а утре ќе биде неминовен процес?

Единството на различностите во наредните години и децении сигурно ќе добива се поголема „гласност“.