Mорал

0
21

Основното за него:

Станува збор за систем на непишани општествени норми што го одредуваат начинот на однесување во одредена општествена група, заедница, а се засноваат на обичаи и општо усвоени мерила на вреднување на постапки од аспект на начелата на „доброто“ или „злото“.

Зборот „морал“ потекнува од латинскиот „mos“-обичај, „mores“-владеење, „moralis“-морален.

Моралот е одреден историски, подложен на промени на општествено- економскиот и политичкиот живот. Се појавува и се обликува во непосредна врска со условите на животот на заедницата, културната традиција и религиозните претстави.

Но, и покрај значителната релативност, која се огледа и во различните морални начела во рамките на на класите и слоевите на исто општество, моралот воопшто означува важен фактор на општествена кохезија, па и цел систем на ставови и акции кои ги регулираат односите помеѓу луѓето (семејството, пријателите и сл.).

Моралното дејствување се карактеризира со своевиден внатрешен став во кој, со свесен избор на вредносно одредени постапки, дејствуваат и емотивни, волеви фактори, како и воспитни мерки. За разлика од правните, моралните санкции ги карактеризира првенствено форма на внатрешна принуда, која најлесно се огледува во психолошкиот притисок што јавното мислење го врши врз поединецот.

Моралистите се учители на моралот кои на светот и животот гледаат исклучиво од морален аспект.

Еден од основните проблеми на моралот е односот помеѓу егоизмот и алтруизмот. Егоизмот е самољубие, себичност, инсистирање на својата партикуларност, т.е. претпоставување на сопствените интереси над општите. Алтруизмот, пак, е етички правец спротивен на егоизмот (да се живее за друг). Во алтуристичката етика се застапува поврзаноста и припадноста на човечкиот род.

Моралот со време се менува и во содржината и во улогата и во насочувањето на животот на политичката заедница или колективот во однос на други форми на свеста. Затоа е тој различен во различни историски периоди, кај различни народи, а често и посебни професии имаат свои морални норми. Така, во рамките на одделни групи или звања постои новинарска етика, лекарска етика итн. Исто така, се бара и политиката да биде проткаена со морал, но во стварноста тоа се случува ретко.

Според својата суштина, моралот означува одредена општествена определба во однос на друг човек. Тоа е првиот историски чекор во процесот на индивидуализација на поединецот во кој доаѓа до негово повлекување во самиот себе, каде што тој бара критериум и принцип за своето општествено дејствување.

Таа индивидуалност Хегел ја изложува користејќи го примерот на Сократ:

„Сократ е препознаен како морален учител. Морален човек не е оној што само сака и го прави она вистинското, не недолжен човек, туку оној што е свесен за своето дејствување“.

Со тоа Хегел го нагласува битниот елемент на моралното: моралниот индивидуум е можен само во исклучок од нерефлектирана целина на самоникната обичајна заедница, а обичајната свест се претвора во морална.

Моралното определување во себе носи укажување на она „како би требало да биде“, што на некој начин му се спротивтсавува на она „што е“. Поради тоа во секоја морална форма се наоѓа една концепција која се темели на таа спротивност- помеѓу сушноста и требањето. Во Кантовата етика моралноста е смислена како сама човекова сушност. Хергел најјасно ја покажа спротивноста помеѓу сушноста и требањето. Со тоа димензијата на требањето станува апстрактна, бидејќи застанува на чистата внатрешност. Историски гледано, во основата на таквиот поим на моралноста лежи ненадминатиот аристотеловски метафизички поим praxis кој го покрива тн. практично сознание на поединецот во рамките на обичајната заедница.

Сепак, моралот е во непосредна врска со правниот поредок. Па така, јавниот морал е наедно и објект на кривичноправна заштита, и неговата повреда често се квалификува како кривично дело (измама, недавање на помош на несреќни, полова злоупотреба и насилство итн.).

Како морален проблем, казната се поставува од аспект на моралноста. Со тоа се прави разлика помеѓу судската казна како зло за претходно направено зло, од една страна, и зло од омраза, одмазда и сл.

На тоа прашање постојат различни етички одговори. Тие можат да се групираат во две групи: првата ги опфаќа утилитаристичките, а другата ретрибутивните теории. Првата ја означува казната поради нејзините добри последици, со оневозможување на престапникот да го повтори престапот. Тие теории се свртени кон иднината. Ретрибутивните, пак, се свртени кон минатото, т.е. се насочени само на она што е сторено, па моралното оправдување на казната произлегува од самиот прекршок кој е одредено зло.

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion