Transformation Mysticism Live Death Astrology
Потребно време за читање: 2 минути

Во најопшто значење, миситицизмот е екстатична состојба во која во внатрешното чувство на поединецот се објавува непосредно божјо присуство. Едновремено, тоа е и верска доктрина која таинственото искуство на соединување со божеството му е претпоставено на секој рационален увид.

Освен како верска, мистицизмот се јавува и како филозофска доктрина (Плотин) која смета дека се што човекот искуствено доживува е само елемент на натприродното, односно дека секој опстој е симболичка преобразба на натприродно постоење. Во поширока смисла тој е секоја филозофија која вербата му ја претпоставува на научното откривање на вистината и интуицијата на логичното размислување.

Мистицизмот се дефинира на различни начини: како спознание на крајна несетилна едност во сите ствари, како непосредно спознание на Бога, како уметност на соединување со стварноста, како непосреден допир или соединување на сопството со она што е поголемо од сопството.

Во заедничките одлики на мистичното искуство спаѓаат:

-директно, со ништо непосредувано искуство;
-стварност или димензии на стварноста што обично не се забележуваат; и
-свест на оној што тоа го доживува за длабочината на ова искуство и неговите последици по сопствениот живот.

Прочитај и за ... >>  Коптска црква

За колевка на мистицизмот се сметаат земјите од стариот исток-Кина, Индија и Персија, а во времето на опаѓање на античката цивилизација од исток тој продира на запад. Во средниот век се јавува како протест против јаловиот интелектуализам на сколастичката филозофија.

Се смета дека постојат разни етапи на мистично искуство, како што е петкратната класификација на разбудувањето, очистувањето, предавањето, просветлувањето и соединувањето. Друга класификација ја следи класичната тристрана структура на иницијацијата: подготовка, искушение- просветлување, враќање. Другава укажува на тоа дека мистичното искуство не го исцрпува целокупното значење на мистицизмот. Мистичкиот живот, во своите лични и општествени димензии, исто така претставува еден суштински аспект на она што се подразбира под мистицизам.

Мистицизмот го проучувале цела низа на истражувачи, вклучувајќи филозофи, историчари, психолози, социолози и антрополози. Филозофите го анализираат мистичниот јазик и онтологијата; историчарите го изучуваат влијанието на мистиците врз религиските институции и развојот на посебните мистични традиции; психолозите ги истражуваат мистичните состојби на свеста; социолозите ги доведуваат во врска мистичните религии и одредени видови на однесување; а антрополозите ги испитуваат мистичните аспекти на примитивните религии, на пример шаманизмот.

Прочитај и за ... >>  Митологија на Средна Америка- основни сознанија

Мистицизмот обично се поврзува со религијата или религиските традиции. Следствено, целта на спомнувањето на христијанските, хиндуистичките, еврејските, будистичките или муслиманските мистици е во тоа една посебна класа или група на христијани итн. да се издвои од другите. Тие групи не така ретко се организираат формално во рамките на една религиска традиција, како суфистите во исламот, екстатичните секти во хиндуизмот или монашките редови во христијанството (како што се картузијанците).

Меѓутоа, мистиците не се наоѓаат само во рамките на религиите, било историски било примитивни. На пример, многу фигури вредни за спомнување, како што се Олдос Хаксли и Волт Витмен, можат да се сметаат за мистици, иако тие самите себе си свесно не се наредувале во ниедна посебна религиска традиција.

Според тоа, иако религиите во формална смисла и мистицизмот се блиско поврзани, не треба нужно и да се поистоветуваат.

(Извор: Енциклопедијата на живите религии)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here