Мистичниот свет

0
21

Едно дело без кое не може да се замисли ниедна, и најмала домашна библиотека: Енциклопедија на мистиката“ од На Мари-Мадлен Дави. Тоа е енциклопедија која со своите одделни единици-прилози односно одредници ни открива свет според многу нешта недоволно познат. Можеби само насетуван, но непризнаван од нашето рацио и нашето искуство. Не само поради тоа што во поблиското и подалечното минато мистиката и мистиците се сметани за опасни елементи не само за државата, туку и за црквата, туку и затоа што интегритетот на индивидуата отстапуваше пред колективниот дух, затоа што надворешниот свет егзистираше потиснувајќи го субјективниот внатрешен.

Мистиката не ја прифаќаме и поради фактот што нурнувањето во себе, во сопствената внатрешност бара, меѓу другото, лична контемплативна моќ, познавање на самиот себе, на сопствената непостојаност. Како што вели авторот на оваа енциклопедија:

„Контемплативци има малку затоа што е тешко да се досегне дното на душата и таму да се задржиш во мир и тишина“.

Впрочем, и ако не ги прифаќаме светот на мистиката и мистиците во него поради несoгласувањето за постоењето на „онаа страна“, поради неприфаќањето на „внатрешниот простор“ и осаменоста, неприфаќањето на учењето и проучувањето на човековото устројство: тело-душа-дух, тогаш треба да кореспондираме со нив поради проширување на сознајните хоризонти.

За збогатување на севидноста и сезнајноста ова дело е несомнено неопходно. Еве само дел од содржината што ја презентира: шаманизам, грчка и римска мистика, византиска мистика, масонска, муслиманска, мистика на новиот свет, мистика на хипиите, Стар Египет, Месопотамија, древен Иран, хиндуизам, будизам итн.

Во својот предговор авторот Мари Мадлен Дави, меѓу другото, ќе забележи:

„Оваа „Енциклопедија на мистиката“ им се обраќа на оние кои ја сакаат Светлината, на верниците и неверниците, им се обраќа на оние кои копнеат по Единство, по Хармонија, сместени од онаа страна на поединечните религии. Таа им е наменета и на оние кои, како Роберт Арон, можат да речат: ‘Јас не знам дали верувам во Бога. Но во најмала рака сум сигурен…дека им верувам на оние кои, отсекогаш и секаде, верувале во него’“.

Се разбира, оваа куса препорака да се има и барем повремено да се води дијалог со „Енциклопедија на мистиката“ (на хрватски, а со очекување на скорешно издание на макдонски јазик) не значи и порака за какво било занимавање со мистиката (тоа е прашање на лична определба). Како што вели Дави:

„Занимавањето со мистиката изискува страсен човек, секако е потребен дел од некоја занесна страст да се оддели за да се открие убавината“.

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion