Мирча Елијаде: „Аспекти на митот“

0
30

Ова е книга што ја збогатува нашата севидност и сезнајност не само со својата инструктивност и аналитичност, туку и со „општиот“ пристап на темата која ја обработува. Станува збор за тема колку блиска до нас, позната, толку во многу аспекти сѐ уште недоволно проучена, дури загадочна.

Од една страна, постојано расте нашето интересирање за митот и митологиите на светот-древномакедонската, грчката, римската, словенската итн., а од друга носиме големи празнини во знаењето за основите на митот, за митолошките системи, за проучувањата и откритијата денес.

Митот го сфаќаме пред сѐ како начин на мислење, на објаснување на светот на примитивната свест, како систем кој го објаснува настанувањето на природните суштества и појави. Митологијата повеќе како збир на митови и легенди за божества, полубогови и херои од одредена етничка група, а помалку како наука која ги систематизира и проучува содржината, формите, значењата и потеклото на митовите.

Мошне популарно издание кај нас е двотомната „Златна гранка“ на Џејмс Џорц Фрејзер, обемен етнолошки компаративен материјал со кој митот се доведува во врска со примитивниот тотемизам. Како и капиталното дело на Клод Леви Строс во три тома „Митологики“, кое нуди структурална анализа на разоткривање на суштината на митовите, поставувајќи ги во корелативен однос со општеството во кое егзистираат и неговото развојно ниво. Одделни аспекти  на митот во свои истражувања зафаќале, меѓу другите, и Малиновски, Фројд, Јунг и др.

Мирча Елијаде е секако еден од најзначајните научници на 20. век кој дал извонредно голем придонес во проучувањето на религиите во светот, на сакралниот и спиритуалниот свет, на митот, симболот, езотеријата. Насловите на неговите дела упатуваат на мошне широк опфат на научно интересирање: „Техниките на јогата“, „Митот на вечното враќање“, „Митови, соништа и мистерии“, „Свето и профано“, „Окултизмот, вештерството и модерните култови“ итн. Несомнено, најголемо и најкомплексно дело е секако недовршената „Историја на верувањата и на религиозните идеи“, од која успеал да ги објави само првите три тома.

Книгата „Аспекти на митот“ од Мирча Елијаде претставува една систематична обработка, научна елаборација на, според него, три клучни проблеми: сакралниот простор и време, во кои перманентно се менуваат периодите на обновата и уривањето на митското разбирање на светот, потоа настанувањето на хаосот, во кого започнува обновата на космосот, и иницијацијата како начин на постапување за освојување на повисок степен на постоењето, однесувањето и создавањето на човекот. Одделните поглавја на оваа студија ја потврдуваат методологијата и постапноста во откривањето и разбирањето на суштината на митот и неговите манифестации: „Структурата на митот“, „Магичното влијание на потеклото“, „Митовите и ритуалите на обновувањето“, „Есхатологијата и космологијата“, „Со времето може да се управува“, „Митологија, онтологија, историја“, „Митологија на меморијата и на заборавањето“, „Величината и паѓањето на митовите“, „Преживувањето и прикривањето на митовите“. Приложени се и два додатока: „Митовите и сказните“ и „Елементи за библиографија“.

Што вели Мирча Елијаде за митот и неговите суштествени карактеристики? Еве некои искази од книгата подвлечени за паметење:

„…: митот се смета за света приказна,. а со тоа за „вистинита приказна“, бидејќи секогаш се однесува на стварноста…основната функција на митот е да даде примери на сите обичаи и на сите значајни човечки активности: исхрана и женидба, работа, образование, уметност и мудрост…митовите не можат да се раскажуваат рамнодушно…Додека „лажните приказни“ можат да бидат раскажувани кога и да е и каде и да е, митовите смеат да се кажуваат само во периодот на светото време (главно во есенскиот и зимскиот период, и тоа само ноќе)…Да се познаваат митовите, значи да се научи тајната на создавањето на нештата…Всушност, митовите откриваат дека светот, човекот и животот имаат натприродно потекло и историја и дека таа историја е важна, драгоцена и поучна…Секоја митска приказна која се однесува на потеклото ја претпоставува и продолжува космогонијата…Важно е да се истакне дека големите митологии на евроазискиот политеизам, што им соодветствуваат на првите историски цивилизации, се повеќе се интересираат за она што се случило по создавањето на Земјата, па дури и по создавањето (или појавата) на човекот. Акцентот се става врз она што им се случило на Боговите, а не врз она што тие го создале…Во општествата каде што митот е жив, човекот живее во еден „отворен“ свет, иако „шифриран“ и таинствен. Светот му „зборува“ на човекот, а за да се разбере тој говор доволно е да се познаваат митовите и да се толкуваат симболите…Во таков свет човекот не се чувствува затворен во сопствениот начин на живот. И тој е „отворен“. Тој комуницира со Светот бидејќи користи ист јазик: симбол“.

На крајот од овој кус приказ на „Аспекти на митот“, всушност моја препорака за прочит и постојано присуство во вашата домашна библиотека, ќе го наведам и заклучокот на еден од македонските најдобри познавачи на неговото дело, Влада Урошевиќ, во неговиот предговор кон македонското издание:

„Во оваа студија-како и во многу други свои книги-Елијаде укажува на огромното значење на митот во облиците на духовната ориентација на човекот во сите времиња…На сите оние што сакаат да појдат во една таква потрага, помошта што ја укажува оваа книга на Мирча Елијаде ќе им биде не само корисна, туку и неопходна“.

Мирча Елијаде е роден во Букрешт-Романија, на 9. март 1907., а умрел во Чикаго- САД, на 22. април 1986. година. Тој е американски историчар на културата од романско потекло и романски книжевник. Еден од најважните светски стручњаци во областа на компаративната анализа на религиите.

Студирал филозофија во Букурешт, каде што во 1928. дипломирал со труд за филозофија на ренесансата. На 21. година, по дипломирањето, отишол во Индија, каде што во Калкута студирал санскритски јазик и јога. Докторирал филозофија во Букурешт, со теза за методите на мислењето и практиката во јогата (1933.).

Помеѓу 1933. и 1940. година истовремено се занимава со обемна научна работа, белетристика, публицистика, како и со предавања од филозофијата и историјата на религијата на Универзитетот во Букурешт. Во текот на војната бил аташе за култура на романската амбасада во Лондон (1940. и 1941.) и во Лисабон (од 1941. до 1945.). Со доаѓањето на комунизмот, Елијаде по војната, во 1945., бега во Париз и Сорбона, каде што предава историја на религијата. Од 1957. па сѐ до својата смрт во 1986. живее во Чикаго, каде што бил редовен професор на Универзитетот во Чикаго, и управник на Катедрата за историја на религијата, која од 1985. носи назив „Катедра Мирча Елијаде“.

Ја проучувал религијата на примитивните општества на Австралија, Полинезија и Африка, како и културите на древна Индија, Египет, Грција и Рим.

 

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion