Светската асоцијација за ментално здравје (Health Education Authority) има подготвено и објавено голем број прилози со едукативна содржина, со пораки и препораки односно совети за стабилно ментално здравје, за се она што тоа денес го загрозува. И тоа почнувајќи од дефиниции, главните фактори од кои зависи, се до препораки-  чекори за зачувување на менталното здравје денес.

Во продолжение нудиме прилог подготвен со користење на различни материјали на асоцијацијата.

Друг назив за менталното здравје е ментална хигиена, а ги третира- обработува превенцијата и промоцијата на психичкото здравје. Стручњаците од поодамна дошле до сознание дека тн. помагачки занимања, како што се оние на психолозите, психотерапевтите, психијатрите, социјалните работници итн., не се доволни за зачувување на менталното здравје, па како прифатливи форми на превенција на разни физички заболувања препорачуваат одржување на редовна ментална хигиена и макар повремени посети на лекар. Ова особено ако се има предвид дека кај нас менталната хигиена и барањето на помош од стручњаци од областа на менталното здравје се уште се сметаат за табу.

Бројот на факторите кои директно или посредно придонесуваат за појава на разни психички и физички симптоми е исклучително голем. Притоа се разликуваат надворешни загрозувачки фактори, како некои стресни и травматски настани или неадекватни, нездрави услови за живот, и внатрешни фактори, како што се некои генетски предиспозиции или, условно речено, негативни особини на личноста (како што се агресивноста, пасивноста и сл.). Треба да се има предвид фактот дека сите ние сме различни и оти секој од нас како поединец е чувствителен на различни и за неговата конституција и животното искуство специфични фактори кои се опасни за психичкото здравје. Во областа на менталната хигиена најмногу внимание се посветува на стресот и психолошката траума.

Една од најчестите изреки што ги слушаме секојдневно („сопственост” на многумина од нас”) е: „Нашево време е време на стрес”. Се разбира, во неа има многу вистина, но и многу погрешни знаења и заблуди. Зборот „стрес” толку се одомаќи во секојдневниот говор и пишаниот јазик што понекогаш е невозможно да се заклучи на што точно мисли лицето кое го употребува. Некои сметаат дека со стрес се опишуваат надворешни непријатни настани, како конфликтни ситуации, метеж во сообраќајот, разводи и сл., а други, пак, подразбираат наши реакции на спомнатите случувања, како што се нервозата, стравот, паниката, тагата, лутењето и други непријатни емоции или физиолошки промени како што се потењето, мачнината, главоболките и сл.

Оние што за стресот зборуваат како за внатрешни настани всушност мислат на тн. стресори, додека внатрешните реакции на тешкотиите ги нарекуваме дистрес.

Се разликуваат неколку различни групи на стресори:

Големи животни настани

Научниците забележале дека во животот на повеќето луѓе поостојат неколку големи настани кои служат како маркери на пресвртница, односно промена од една во друга состојба или животна фаза. Тие создаваат некој вид на нерамнотежа поради поголемо количество на нови барања за прилагодување. Токму таа потреба за адаптација на сосема нови и непознати животни околности претставува набиен стресоген потенцијал на тие транзиторни случувања. Стресноста на тие различни ситуации е можно да се дефинира со количеството на промената која тие ситуации ја бараат од лицето, без оглед на нивната насока. Утврдено е дека дури и промените што ги доживуваме како мошне позитивни можат да предизвикаат дистрес. Многубројните истражувања докажаа дека постои значајна поврзаност помеѓу количеството на преживеани исклучително стресни големи животни настани и разни, како психички, исто така и физички здравствени тегоби. Примери на големи животни настани се разни сериозни болести, заминување во пензија, раѓање на дете, венчавка, отказ на работа, селидба итн.;

Хронични стресни настани

Се работи за тешкотии кои се релативно долготрајни и/или кои зачестено се повторуваат во текот на подолг период. Овде не се мисли на еден конкретен настан, туку на низа случувања кои со време попримаат форма на нелагодни оптоварувања. Жена, мета на повеќегодишен мобинг (психолошко злоставување) на работното место, дете чиј татко е често во болница поради депресија, девојка која е потстанар во мошне бучна и влажна гарсоњера и нема изгледи да се исели- сите тие претставуваат само некои од можните примери. Животот во хронично стресни околности неретко предизвикува мошне непријатни последици по менталното здравје;

Дневни микро-стресови

На сите нам ни се добро познати оние денови кога ништо не ни поаѓа од рака: да задоцниме на работа зашто сме се успале, да извалкаме омилена маица, се ни паѓа од рака, го губиме чадорот и искиснуваме до гола кожа, ни се расипува автомобилот…Нашиот секојдневен живот е исполнет со многу, на прв поглед помали драматични стресни доживувања. Меѓутоа, тие ситници поседуваат незгодна тенденција на натрупување и со тоа нивната сила значително се зголемува. Секојдневните неприлики играат значајна улога во слабеењето на физичкиот (а и психичкиот) имунолошки систем, го исцрпуваат организмот и неретко резултираат во здравствени тегоби;

Травматски стресови

Тоа се мошне силни, често екстремно непријатни настани кои се надвор од вообичаеното човеково искуство и кои предизвикуваат интензивно патење кај големо мнозинство на луѓе- тн. психолошка траума. Најчесто се разликуваат 3 типа на травматски настани: природни и технолошки катастрофи, како што се поплави, земјотреси, експлодирање на нуклеарна електрана итн; воени трамватски стресори; и травматски настани со исклучително лични импликации, како силување, физичко злоставување, учество во по животот опасна сообраќајна несреќа итн.

Психолошката траума претставува мошне сложен склоп на интензивни реакции на трамватски настани, кои можат да се развијат дури до ниво на тн. пост-травматско стресно пореметување.

Некои од симптомите на травматизираност се: силни непријатни афекти кои го отежнуваат секојдневното функционирање, разни физички тегоби, вознемирувачки мисли, повторно преживување на травматски настан во фантазијата, избегнувачки однесувања, агресивност, желба за самоубиство, кошмарни соништа итн.

Превенцијата, односно заштитата на менталното здравје, најчесто се одредува како заедничка примена на психолошки, медицински и социјални мерки со цел отстранување на по здравјето штетните фактори од човековиот живот. Исто така, од посебно значење е на членовите на заедницата да им се овозможи што поцелосен развој на психичките потенцијали, способности и вештини, како и да им се обезбеди правовремена и адекватна помош на оние членови на кои таа им е потребна.

Можат да се наведат бројни совети за тоа како активно да учествуваме во заштитата на своето психичко здравје, а овде ќе наброиме само некои:

-прибирање на информации за темите кои се однесуваат на менталното здравје и квалитетното психолошко функционирање воопшто, со посета на разни трибини со психолошки теми, читање на соодветна литература и сл.;

-посетување на разни работилници кои имаат за цел да ги зајакнат нашите позитивни капацитети и сили;

-правовремено барање на стручна помош кога се наоѓаме во ситуации кои сами не можеме да ги совладаме;

-одење на психотерапија дури и кога немаме посериозни психолошки проблеми, само за подобро да се запознаеме себе си, да ги развиеме своите позитивни особини и да ги промениме оние аспекти на нашата личност со кои не сме задоволни.

Не е срамота понекогаш да се биде слаб и да се бара потпирка. Не е срамота да се бара психолошка помош. Не е срамота да се посети психолог, психотерапевт и други стручњаци за ментално здравје. Мошне е важно да се разбере и прифати дека луѓето не се пасивни играчки во рацете на суровата судбина и оти можат да станат активни креатори на сопствениот квалитетен живот.

Еве 10 едноставни чекори за зачувување на менталното здравје:

Под стрес сте, нервозни, загрижени или исплашени. Понекогаш многумина од нас се чувствуваат така. Може да ви се чини дека нема излез од ситуацијата во која се наоѓате. Сте изгубиле драга личност…Вашата врска е во криза…Сте изгубиле работа…Понижени сте или злоставувани…Отфрлени сте поради болест…

Вашиот глас не се слуша затоа што сте премногу млади, премногу стари или едноставно различни…

1. Прифатете се себе си онакви какви што сте

Нашите убедувања, потеклото, културата, религијата, полот и животното искуство не прави онакви какви што сме. Секој има право да биде почитуван, вклучително и вас.

2. Разговарајте за тоа

Повеќето од луѓето се чувствуваат оттуѓени и преоптоварени со свои проблеми. Понекогаш помага ако за тоа разговарате и ги поделите своите чувствувања со некого.

3. Дружете се со пријатели (негувајте пријателства)

Не морате секогаш да бидете јаки и сами да се борите. Пријателите се важни, посебно во тешки времиња. Негувајте го пријателството.

4. Вклучете се во заедницата

Запознавањето на нови луѓе и вклучувањето во заедницата може да направи многу- и за вас и за другите.

5. Бидете активни

Редовното вежбање може да помогне ако сте депресивни или нервозни. Тоа исто така ви дава повеќе енергија. Пронајдете нешто во што уживате: спорт, пливање, шетање, танц или возење на велосипед.

6. Умерено земајте алкохол

Доколку проблемот го решавате со земање на алкохол работите ќе ги направите само уште полоши. Најдобро е во алкохолот да бидете умерени. Не се опијанувајте! Ако имате проблем со алкохолот посетете лекар.

7. Научете нешто ново

Било да е тоа задоволство, пријателство или можност за промена на работата- ќе ја зголеми вашата самодоверба.

8. Направете нешто креативно

Занимавањето со креативни активности помага ако сте нервозни или во депресија. Тоа ви помага да ја повратите разнишаната самодоверба. Музика, пишување, читање на поезија, сликање/цртање или готвење- пронајдете нешто во што уживате.

9. Опуштете се

Пронајдете време само за себе. Вклучете во вашиот ден работи кои ве исполнуваат: читање, слушање на музика, свирење или медитација- се во што уживате и што ве релаксира.

10. Обрнете се за помош

Знајте дека понекогаш секому му е потребна помош. Не е срамота таа да се бара, дури и ако ви е непријатно поради тоа. Обрнете им се на пријателите, родителите, на лекар…

There are no comments yet

× You need to log in to enter the discussion